Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Солуњаните 3:6-13

2 Солуњаните 3:6-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Сега, драги пријатели христијани, во името на нашиот Господ Исус Христос, ви наложувам да не им се придружувате на оние меѓу вас, кои само денгубат, ништо не работат и не се придржуваат до она што ве учевме. Вие сигурно знаете дека треба да го следите нашиот пример. Додека бевме кај вас, ние не седевме со скрстени раце. Лебот што го јадевме не беше подарок од вас, туку деноноќно напорно работевме, за да не му бидеме никому на товар. Не дека ние не можевме да бараме храна од вас, туку сакавме вам да ви дадеме пример. Уште кога бевме кај вас ви рековме: на оној што не сака да работи, не давајте му ни да јаде! Слушаме дека некои меѓу вас денгубат, ништо не работат и само се плеткаат во тоа што не е нивна работа. Заради нашиот Господ Исус Христос ги молиме тие луѓе и бараме од нив да се средат и да почнат да работат, та сами да се издржуваат. А вам, драги пријатели, што не сте во таа група, никогаш нека не ви биде мачно да правите добри дела.

2 Солуњаните 3:6-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Ви заповедам, браќа, исто така во името на нашиот Господ Исус Христос, да се двоите од секој брат кој живее не­уредно, а не според преданието што го добивте од нас! Сами знаете како треба да се угледате на нас, бидејќи ние не живеевме неуредно кај вас, ниту, пак, кај некого јадевме леб да­рум, туку работевме со труд и мака де­ње и ноќе за да не му додеваме на никого од вас. И не поради тоа што немавме власт, туку за да бидеме пример, та да се угледате на нас. Зашто, кога бевме меѓу вас ви го за­поведавме ова – кој не сака да работи, тој нека и не јаде. Но слушаме дека некои од вас жи­веат неуредно, ништо не работат, туку се занимаваат со празни работи; на таквите им заповедаме и ги мо­лиме во нашиот Господ Исус Христос да работат тивко и да си го јадат својот леб. А вам, браќа, да не ви здодејува да правите добро.

2 Солуњаните 3:6-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А вам ви наложуваме, браќа, во името на нашиот Господ Исус Христос, да се двоите од секој брат, кој води неуреден живот, а не по преданието, што го примивте од нас. Навистина, сами знаете како треба да се угледате на нас, зашто ние не се владеевме неуредно меѓу вас, ниту јадевме дарум нечиј леб, туку работевме во труд и напор, ноќе и дење, за да не му бидеме на терет некому од вас. Не затоа што немавме право на тоа, туку за да бидеме самите себе за пример за да нѐ подражавате. Зашто и кога бевме со вас, ви го заповедавме ова: ако некој не сака да работи, нека и не јаде! Имено, слушаме дека некои меѓу вас живеат неуредно, ништо не работат, туку се занимаваат со празни работи. На таквите им заповедаме и ги опоменуваме во Господа Исуса Христа да работат мирно и да го јадат својот леб. А на вас, браќа, да не ви се досади да правите добро!