Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 2

2
1Затоа, ниеден човек нема оправдување! Дури ни тој што ги осудува таквите постапки, зашто и самиот е виновен за нив. Тој што им пресудува на другите си пресудува и себеси!
2Знаеме дека Бог е справедлив и ќе ги казни сите што прават такви работи.
3Немој да мислиш дека Бог ќе ги казни другите луѓе за нивните грешни постапки, а ти за слични постапки ќе ја избегнеш Божјата казна!
4Не сфаќај ја погрешно Божјата прекумерна добрина, воздржливост и долгата трпеливост спрема тебе! Божјата добрина ти дава време за да се покаеш!
5Ако останеш тврдоглав и не се покаеш, си собираш гнев против себе со кој Бог справедливо ќе те казни на Судниот ден,
6кога Бог на секого ќе му плати според неговите дела.
7На оние што истрајуваат во вршењето добри дела, и во копнежот по небесна слава, чест и бесмртност, Бог ќе им даде вечен живот,
8а врз оние што се себични, што одбиваат да ја слушаат вистината, а го следат злото, Бог ќе излее гнев и лутина.
9Маки и страдања ќе има за сите што прават зло, прво за Евреите, а потоа и за другите народи,
10а слава, чест и мир за сите што прават добро, прво за Евреите, а потоа и за другите народи.
11Кај Бог нема пристрасност!
12Кога грешат неевреите, Бог ќе ги казни, без оглед на тоа што ним не им бил даден Божјиот Закон во пишана форма. Кога грешат Евреите, Бог и нив ќе ги казни, бидејќи тие го знаат Божјиот Закон и ќе бидат судени според него.
13Зашто не се станува праведник пред Бог само со познавање на Законот, туку со придржување кон него.
14Кога неевреите, кои го немаат Божјиот Закон во пишана форма, инстинктивно се придржуваат кон заповедите што произлегуваат од него, тоа покажува дека длабоко во себе тие умеат да го разликуваат доброто од злото.
15Тоа е доказ дека она што Божјиот Закон го бара е запишано во нивните срца. За нив мерило за поведението е нивната совест, која им кажува кога некоја нивна постапка е за осуда, а кога е оправдана.
16Ќе дојде ден кога Бог, преку Исус Христос, ќе го суди она што е скриено во луѓето, како што кажува Радосната вест што јас ја проповедам.
17Ако си Евреин, ти се потпираш на Божјиот Закон, фалејќи се со посебната поврзаност на твојот народ со Бог.
18Ја познаваш Божјата волја и знаеш да го одбереш она што е најдобро, бидејќи си учел од Божјиот Закон.
19Уверен си дека можеш да им бидеш водач на слепите, светло на луѓето што се загубени во мрак, не познавајќи го Бога.
20Сметаш дека можеш да ги упатуваш неупатените и да ги учиш незрелите, уверен дека Божјиот Закон ти дал совршено познавање на вистината.
21Но, учејќи ги другите, зошто самиот не се поучиш!? Ти што проповедаш да не се краде, дали и самиот не крадеш!?
22Ти што други учиш да не прават прељуби, дали и самиот не правиш прељуби!? Ти што се гнасиш од идоли, дали и самиот не крадеш од храмовите?
23Толку се фалиш со Божјиот Закон, а го прекршуваш, и Му нанесуваш срам на Бог!
24Токму така и стои запишано во Светото Писмо: „Поради вас другите народи го навредуваат Божјото име!“
25Од еврејскиот обичај на обрежување има полза само ако се придржуваш кон Божјиот Закон. Ако го прекршуваш, твоето обрежување е безвредно.
26Затоа, ако необрезан човек се придржува кон Божјиот Закон, зарем нема да се смета за еднакво добар со обрежаните?
27Оние што телесно не се обрежани, а се придржуваат кон Божјиот Закон, ќе ве судат вас кои, иако го имате Божјиот Закон во пишана форма и сте обрежани, сепак го прекршувате.
28Зашто, да се биде вистински Евреин не се доволни само телесните податоци и телесното обрежување, туку
29вистински Евреин е оној чие срце му припаѓа на Бог, а вистинско обрежување е духовниот препород во срцето. Тоа е дело на Светиот Дух, а не на пишаниот Закон. Оној што доживеал таква промена, ќе бара пофалба од Бог, а не од луѓето.

Селектирано:

Римјаните 2: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност