Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 3

3
1Тогаш, во што е предноста да се биде Евреин? Има ли обрежувањето некаква вредност?
2Предноста е голема, во секој поглед! Како прво, Светото Писмо им беше доверено на Евреите.
3Навистина, некои од нив ја изневерија Божјата доверба, но дали тоа значи дека и на Бог не може да Му се верува?
4Секако не! Дури и сите луѓе да испаднат лажливци, на Бог може да Му се верува, како што стои запишано во Светото Писмо: „Ќе се покаже дека вистината ја зборуваш, пред судот победа ќе извојуваш.“
5Има луѓе што велат: „Нашите гревови служат за да дојде до израз Божјата добрина, кога Тој ќе ни ги прости. Зарем тогаш не е неправедно Бог да не казнува?“ (Да, има луѓе што токму така зборуваат.)
6Се разбира дека не е неправедно! Да е така, како би можел Бог да му суди на светот?
7Можеби некој ќе рече: „Ако преку мојата лага уште повеќе доаѓа до израз Божјата вистина и се возвишува Неговата слава, зошто тогаш Бог да ме смета за грешник и да ме осудува?“
8Ако така размислувате, ќе испадне дека колку повеќе грешиме, толку е подобро! Се разбира дека не е така, иако некои луѓе ме клеветат дека јас така сум проповедал! Тие што така размислуваат, си ја заслужуваат казната што ќе ги снајде!
9Значи, дали ние Евреите сме подобри од другите народи? Не, не сме. Ние веќе рековме дека и Евреите, како и другите народи, се под власта на гревот.
10Како што е напишано во Светото Писмо: “Нема ниту еден праведен човек, ниту еден единствен;
11ниту еден што разбира, ниту еден што Го бара Бога.
12Сите скршнаа од правиот пат, сите се израсипаа. Нема ниту еден единствен човек што прави добро.“
13„Грлата нивни - гробови отворени, јазиците само за злобни лаги им служат.“ „Зад усните змиски отров кријат.“
14„Устите им со клетви и горчина се полни.“
15„Брзи се стапалата нивни да пролеваат крв.
16Кај ќе стапнат - пустош и беда носат!
17За мирољубивост не знаат.“
18„Ни трошка страв и почит спрема Бог кај нив нема.“
19А јасно е дека одредбите на Божјиот Закон се наменети за луѓето на кои им беше даден. Ниеден човек нема изговор, а врз основа на тој Закон Бог може целиот свет да го осуди.
20Со придржување кон Законот никој не може да се здобие со праведност во Божјите очи. Преку Законот само стануваме свесни за нашата грешност.
21Сега Бог ни покажа како можеме да се здобиеме со праведност: не преку придржување кон уредбите во Мојсеевиот Закон, туку онака како што одамна беше ветено во Светото Писмо:
22пред Бог можеме да се здобиеме со праведност само преку вера во Исус Христос. Тоа важи за секој што верува, бидејќи меѓу луѓето нема никаква разлика,
23зашто сите згрешија и никој не успеа да ги достигне Божјите возвишени стандарди.
24Но поради Својата милостива благонаклоност, Бог не прогласува за праведни. Оправданието ни е подарено преку откупот што за нашите гревови го плати Исус Христос.
25Него Бог јавно Го испрати да биде помирителна жртва за оние што со вера го прифаќаат тоа. Бог ни покажа дека беше праведен во минатото кога трпеливо преминуваше преку гревовите на луѓето за потоа да ги наплати преку жртвуваната крв на Исус Христос.
26Бог ни покажува дека е праведен и сега кога го оправдува секој што верува во Исус. Така Неговата праведност никогаш не е доведена во прашање.
27Има ли тука место некој од нас да се фали? Таквата можност е целосно исклучена! Според кој закон фалењето е исклучено: според оној на нашите постигнувања ли? Не, туку според законот што се темели врз верата!
28Ние согледуваме дека човек се оправдува пред Бог преку верата, а не преку придржување кон уредбите во Законот.
29Зар Бог им припаѓа само на Евреите? Зарем Тој не е Бог и на сите други народи? Се разбира дека е!
30Има само еден Бог и Тој ги оправдува и обрежаните и необрезаните само врз основа на нивната вера.
31Значи ли тоа дека ние, истакнувајќи ја верата, го поништуваме Божјиот Закон? Никако! Всушност, само ако имаме вера можеме вистински да го исполниме она што го бара Божјиот Закон.

Селектирано:

Римјаните 3: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност