Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 1

1
1Од Павле, во служба на Исус Христос, повикан од Бог да бидам Негов апостол и да се посветам на проповедање на Радосната вест.
2Таа Радосна вест Бог уште одамна ја вети, преку Своите пророци во Светите писма.
3Радосната вест зборува за Неговиот Син. Тој според Својата човечка природа беше потомок на царот Давид.
4Што се однесува до Неговата божествена светост, огромна сила потврди дека Тој е Божјиот Син кога Бог Го воскресна од мртвите. Тоа е Исус Христос, нашиот Господ.
5Преку Него и во Негово име Бог ни ја даде таа привилегија да бидеме Негови апостоли и да ги повикуваме луѓето од сите народи да веруваат во Бог и да Му бидат послушни.
6Меѓу оние што се повикани да Му припаѓаат на Исус Христос сте и вие,
7драги христијани во Рим. Вие сте Му мили на Бог и Тој ве повикува да бидете Негов свет народ. Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос нека ви бидат благонаклонети и нека ви дадат мир.
8Најнапред сакам да Му заблагодарам на мојот Бог, преку Исус Христос, за сите вас, бидејќи за вашата вера се раскажува по целиот свет.
9Бог, Кому јас Му служам со сето свое срце и ја проповедам Радосната вест за Неговиот Син, Тој ми е сведок дека во моите молитви постојано си спомнувам за вас.
10Секогаш во моите молитви барам, ако е Божја волја, патот да ме наведе еднаш да дојдам кај вас.
11Копнеам да ве видам, за да можам да споделам со вас некој духовен дар, па да зацврснете.
12Сакам да ве охрабрам во вашата вера, но сакам и јас да се охрабрам од вас.
13Сакам да знаете, драги пријатели, дека многупати посакував да дојдам кај вас, за да има плодови и меѓу вас од мојата работа, како што има меѓу другите народи. Но се досега бев спречен.
14Се чувствувам должен и спрема просветените народи и спрема варварите, и спрема мудрите и спрема неразумните,
15па, колку што тоа зависи од мене, желен сум да дојдам и кај вас во Рим, за да ви ја проповедам Радосната вест.
16Не, јас не се срамам од Радосната вест за Христос. Таа е силата со која Бог ќе го спаси секој што верува: почнувајќи од Евреите, а потоа и другите народи.
17Таа ни открива дека Бог не оправдува само преку вера. Токму тоа и го пишува во Светото Писмо: „Праведникот ќе живее преку вера.“
18Бог го излева Својот гнев од небото против сите безбожни и неправедни луѓе, што ја отфрлаат вистината,
19затоа што тие го имаат неопходното знаење за Бог, Кој кај сите нас го има всадено тоа знаење.
20Она што кај Бог е невидливо, имено Неговата вечна моќ и божествена природа, можат јасно да се согледаат уште од создавањето на светот и да се разберат преку се што е создадено. Затоа нема оправдување за оние што немаат почит спрема Бог.
21Значи, тие знаат за Бог, но ниту Го почитуваат како Бог, ниту Му се благодарни. Напротив, си измислија свои богови, а умовите им се помрачија и збркаа.
22Се сметаа за мудри, но испаднаа глупави.
23Наместо да Го слават бесмртниот Бог, тие слават ликови на смртни луѓе, на птици, четвороножни животни и влечуги.
24Затоа Бог ги препушти да ги води похотата на нивните срца, да се опогануваат, еден со друг да си ги обесчестуваат телата.
25Ја заменија вистината за Бог со лага, па му служат и му се поклонуваат на создаденото, а не на Создателот, Кој е благословен за вечни времиња. Амин!
26Поради тоа Бог ги препушти на нивните срамни страсти. Дури и нивните жени веќе не водат љубов на природен начин, туку прават противприродни работи.
27Истото го прават и мажите. Напуштајќи го природниот однос со жените, ги распалуваат страстите еден спрема друг, мажи со мажи прават срамни нешта и врз себе добиваат заслужена казна за својата расипаност.
28Бидејќи тие одбија да го прифатат Бога во своите умови, Тој ги препушти на нивните изопачени умови, да прават непристојни работи.
29Се исполнија со секаков вид неправедност, лошотија, алчност, злоба, завист, убиства, раздор, измама, подмолност и озборувања.
30Клеветат, Го мразат Бога, дрски се, арогантни, фалба?ии, постојано измислуваат нови начини да направат некое зло. Непослушни се спрема родителите,
31неразумни, ветеното не го исполнуваат, бездушни се и безмилосни.
32Иако знаат дека според Божјиот праведен Закон сите што така постапуваат заслужуваат смрт, сепак, не само што си тераат по свое, туку ги поттикнуваат и другите така да прават.

Селектирано:

Римјаните 1: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност