Матеј 21:33-46
Матеј 21:33-46 MK2006
„Чујте друга парабола! Беше еден човек домаќин, кој насади лозје, го загради со плот, ископа бунар, направи кула и, откако им го предаде на лозарите, си отиде. И кога наближи времето за берба, тој ги испрати кај лозарите своите слуги за да му ги приберат плодовите. Но, лозарите, ги фатија неговите слуги, едниот го претепаа, другиот го убија, а третиот со камења го засипаа. Тој испрати сега други слуги, повеќе од првите; но и со нив постапија исто. Најпосле го испрати кај нив својот син, велејќи: ‚Ќе се засрамат од син ми.‘ Но лозарите, штом го видоа син му, си рекоа меѓу себе: ‚Овој е наследникот; ајде да го убиеме и да го присвоиме наследството негово.‘ Па, го фатија, го изведоа надвор од лозјето и го убија. Кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие лозари?“ Му одговорија: „Злосторниците ќе ги погуби, а лозјето ќе го даде на други лозари што ќе му ги даваат плодовите навреме.“ А Исус им рече: „Зар не сте читале во Книгите: ‚Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник: тоа е од Господ и чудесно е во очите наши.‘ Затоа ви велам дека царството Божјо ќе биде земено од вас и ќе се даде на народ што ги принесува неговите плодови. И кој падне врз тој камен, ќе се разбие; а врз кого тој ќе падне, ќе го здроби.“ И слушајќи ги Неговите параболи, првосвештениците и фарисеите разбраа дека говори за нив, па гледаа да Го фатат; но се плашеа од народот, зашто Го сметаа за пророк.





