1. Јован 2
2
Заедница со Синот Божји. Вистинскиот христијанин ги пази Неговите заповеди, ги сака браќата и ги избегнува телесните желби. Треба да се пазиме од противниците на Христа и да останеме во Христа.
1Чеда мои, ова ви го пишувам за да не грешите; и ако некој згреши, кај Отецот имаме застапник, Исуса Христа, праведникот:
2а Он е очистување за нашите гревови, и не само нашите, туку и гревовите на целиот свет.
3По тоа узнаваме дека сме Го познале, кога ги пазиме Неговите заповеди.
4Кој вели: »Го познав«, а заповедите Негови не ги пази, лажец е и вистината не е во него;
5а кој го пази словото Негово, во него е Божјата љубов навистина совршена: по тоа узнавме дека сме во Него.
6Кој вели дека во Него пребива, должен е да постапува така, како што постапи и Он.
7Возљубени, не ви пишувам нова заповед, туку старата заповед, што ја имате од почетокот. Старата заповед е словото, што го чувте од почетокот.
8Но сепак, нова заповед ви пишувам – она што е вистинско и во Него и во вас; оти темнината одминува, а вистинската светлина веќе свети.
9Кој вели дека е во светлина, а го мрази братот свој, тој е сѐ уште во темнина.
10Кој го сака брата си, тој е во светлината и во него нема соблазан.
11А кој го мрази братот свој, тој се наоѓа во темнина, и во темнина оди, а не знае каде оди, бидејќи темнината му ги ослепила очите негови.
12Ви пишувам, чеда, дека заради Неговото име ви се простени гревовите.
13Ви пишувам вам, татковци, зашто Го познавате Оној, Кој е од почеток; ви пишувам, вам, момчиња, зашто го победивте лукавиот.
14Ви напишав вам, татковци, бидејќи Го познавате Оној, Кој е од почеток; ви напишав вам, момчиња зашто сте силни, и словото Божјо пребива во вас, па го победивте лукавиот.
15Не сакајте го светот и сѐ што е во него. Ако некој го сака светот, во него нема љубов од Отецот.
16Зашто, сѐ што е во светот – похотата на телото, желбата на очите и гордоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет.
17А светот поминува и похотите негови, а оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека.
18Чеда, последно време е. И како што сте слушале дека ќе дојде антихрист, и сега веќе се појавија многу антихристи; од тоа разбираме дека е последниот час.
19Тие излегоа од нас, но не беа наши; бидејќи ако беа наши, ќе останеа со нас; но се јавија, за да се знае дека сите не се наши.
20А вие имате помазание од Светиот, и знаете сѐ.
21Не ви пишав дека не ја знаете вистината, туку дека ја знаете како и дека ниедна лага не доаѓа од вистината.
22Кој е лажец, ако не оној, што одречува дека Исус е Христос? Тој е антихрист, што Го одречува Отецот и Синот.
23Секој, што Го одречува Синот, нема и Отец; а кој Го исповедува Синот, има и Отец.
24И така, сѐ што чувте во почетокот, тоа и нека остане при вас; ако она, што го чувте најнапред, остане во вас, и вие ќе пребивате во Синот и во Отецот.
25И тоа е ветувањето, што ни го вети Он – вечен живот.
26Тоа ви го пишав поради оние, што ве мамат.
27И помазанието, што го примивте од Него, пребива во вас, и немате потреба некој да ве учи; но бидејќи самото помазание ве учи на сѐ, и е вистинско, и не е лага, тоа останете во него онака, како што ве научило тоа.
28И така, чеда, останете во Него, та, кога ќе се јави Он, да имаме смелост и да не се посрамиме од Него, кога ќе дојде.
29Кога знаете дека е Он праведник, знајте го и тоа дека секој, кој што врши правда, е роден од Него.
Селектирано:
1. Јован 2: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016