1. Јован 3
3
Децата Божји се познаваат по тоа што не грешат.
1Гледајте каква љубов ни дал Отецот – да се наречеме чеда Божји и такви да бидеме. Затоа светот не нѐ знае, оти не Го позна Него.
2Возљубени, сега сме чеда Божји! Но уште не се покажа што ќе бидеме. Знаеме само дека, кога ќе се покаже, ќе бидеме слични на Него, оти ќе Го видиме каков што е.
3И секој, што ја има таа надеж во Него, се очистува самиот себе, како што е чист Он.
4Секој, што прави грев, прави и беззаконие; и гревот е беззаконие.
5А знаете дека Он се јави, за да ги земе гревовите наши; грев во Него нема.
6Секој, кој што пребива во Него, не греши; секој, што греши, не Го видел, ниту Го познал.
7Чеда, никој да не ве измамува! Кој врши правда, праведен е, како што е праведен Он.
8Кој прави грев, од ѓаволот е, зашто ѓаволот греши од почетокот. Па затоа и се јави Синот Божји, за да ги урне делата ѓаволски.
9Секој, што е роден од Бога, грев не прави, зашто семето Негово пребива во него; и не може да греши, бидејќи е роден од Бога.
10Чедата Божји и чедата ѓаволски по тоа и се познаваат. Секој, што не врши правда, не е од Бога; а и оној кој не го сака братот свој.
11Оти тоа е заповедта што ја чувте од почетокот – да се сакаме еден со друг.
12Но не како Каин, кој што беше од лукавиот и го уби брата си. А зошто го уби? Затоа што неговите дела беа лоши, а на неговиот брат – праведни.
13Не чудете се, браќа мои, ако светот ве мрази.
14Ние знаеме дека преминавме од смрт во живот, бидејќи ги сакаме браќата свои; оној што не го сака братот свој, тој пребива во смртта.
15Секој, што го мрази братот свој, е човекоубиец; и познато ви е дека ниеден човекоубиец нема живот вечен, што ќе пребива во него.
16Љубовта ја познаваме по тоа, што Он ја положи за нас душата своја; но и ние сме должни да ги полагаме душите свои за браќата.
17А кој има световни блага, па кога ќе го види брата си во немаштина, та го затвори срцето свое од него – како тогаш ќе пребива во таков Божјата љубов?
18Чеда мои, да не се сакаме со зборови или со јазик, туку со дела и вистина!
19И по тоа познаваме дека сме од вистината, и пред Него ќе ги успокојуваме срцата свои;
20бидејќи, ако срцето наше нѐ осуди, а колку повеќе Бог, зашто Он е поголем од нашето срце и знае сѐ.
21Возљубени, кога нашето срце не нѐ осудува, тогаш ние имаме слобода пред Бога,
22и, што и да запросиме, добиваме од Него, бидејќи ги пазиме Неговите заповеди и правиме што е благоугодно пред Него.
23А заповедта Негова е таа, да веруваме во името на Неговиот Син Исуса Христа и да се сакаме еден со друг, како што ни заповедал.
24И оној, што ги пази заповедите Негови, пребива во Него, и Он – во него. А дека Он пребива во нас, узнавме по Духот, што ни Го дал.
Селектирано:
1. Јован 3: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016