Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 5:1-20

Марко 5:1-20 MK2006

Преминаа отаде море, во Гадаринската земја. И кога Тој излезе од коработ, вед­наш Го пресретна од гробиштата еден човек со нечист дух. Тој живееше во гробовите, и дури и со вериги никој не можеше да го врзе; зашто многупати беше во окови и во вериги врзан, ама ги кршеше оковите и ги раскинуваше веригите, и никој не можеше да го скроти; и секогаш, ноќе и дење, по гро­биш­тата и по ридиштата викаше и се уди­ра­ше со камења. Штом Го виде Исус оддалеку, при­трча и Му се поклони. Па, како извика со силен глас, рече: „Што имаш, Ти, со мене, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те заколнувам во Бога, не мачи ме!“ Зашто му беше рекол: „Духу нечист, излези од човекот!“ И го праша: „Како те викаат?“ А тој одговори и рече: „Легија ми е името, зашто сме многу.“ И многу Го молеа да не ги брка од тој крај. А таму, по ридот, пасеше големо крдо свињи. И Го молеа и велеа: „Прати нѐ во свињине, да влеземе во нив.“ И Исус веднаш им дозволи. Откако излегоа, нечистите духови влегоа во свињите, и јурнаа свињите по стрмнината во морето, а беа околу две илјади; и се издавија во морето. А оние, што ги пасеа свињите, побегнаа и известија во градот и по околијата. И мнозина излегоа да видат што станало. И дојдоа кај Исус, и го видоа бесомачниот како седи облечен, и со здрав ум, во кого имаше легија, и се упла­шија. А оние, кои беа виделе, раскажуваа што стана со обземениот од зол дух и со свињите. И почнаа да Го молат да си оди од нивните краишта. А кога влезе во коработ, оној, што беше порано бесомачен, Го помоли да биде со Него. Исус не му дозволи, но му рече: „Оди дома кај своите, па раскажи им што стори Господ за тебе и како те помилува.“ Си отиде, и почна да раскажува по Десеттоградието што му направи Исус. И сите се чудеа.