Марко 5:1-20
Марко 5:1-20 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Исус и Неговите ученици пристигнаа на спротивниот брег на Галилејското Езеро, во пределот на градот Гераса. Тукушто излезе од бротчето, откај гробиштата во пресрет му тргна еден човек обземен со демонски духови. Човекот живеел по гробниците и никој веќе не бил во состојба ни со син?ири да го врзе. Честопати го врзувале со син?ири и му ставале окови, но тој секојпат ги кинел син?ирите и ги кршел оковите. Никој не можел да го скроти. Деноноќно престојувал на гробиштата и по ридовите, врескајќи и удирајќи се со камења. Кога уште оддалеку Го забележа Исуса, се стрча кон Него и клекна на колена. Потоа со силен глас Му рече: „Исусе, Сине на Севишниот Бог, што сакаш да ми сториш!? Те заколнувам во Божјото име, немој да ме мачиш!“ Тој го рече ова затоа што Исус веќе му беше наредил на демонскиот дух да излезе од човекот. Исус го праша: „Како се викаш?“ Човекот му одговори: „Се викам Легија, зашто во мене има цела легија демони!“ Потоа Го молеше Исуса да не ги брка од тој крај. Недалеку од нив, на ридот пасеше едно големо крдо свињи. Демонските духови Го молеа Исуса: „Испрати нe кај свињите, да се вселиме во нив!“ Исус им дозволи и демонските духови излегоа од човекот и влегоа во свињите. Целото крдо свињи, на број околу две илјади, јурна низ стрмнината право во езерото, при што сите свињи се удавија. Свињарите се разбегаа и разгласија за ова по градот и по селата, така што народот излезе да види што се случило. Кога дојдоа до Исус и го видоа човекот кој порано беше обземен од легија демони како седи облечен и со здрав ум, многу се исплашија. Откако очевидците им раскажаа за она што се случи со човекот и со свињите, луѓето Го замолија Исуса да си оди од нивниот крај. Кога Исус се враќаше на бротчето, човекот кој дотогаш беше обземен од демони Го молеше и тој да тргне со Него. Но Исус не му дозволи, туку му рече: „Оди си дома и кажи им на твоите роднини што стори Господ за тебе со Своето милосрдие.“ Тогаш тој си замина и патуваше по пределот на Декаполис и на сите им раскажуваше за она што Исус го стори за него. И секој што ќе чуеше се восхитуваше.
Марко 5:1-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Преминаа отаде море, во Гадаринската земја. И кога Тој излезе од коработ, веднаш Го пресретна од гробиштата еден човек со нечист дух. Тој живееше во гробовите, и дури и со вериги никој не можеше да го врзе; зашто многупати беше во окови и во вериги врзан, ама ги кршеше оковите и ги раскинуваше веригите, и никој не можеше да го скроти; и секогаш, ноќе и дење, по гробиштата и по ридиштата викаше и се удираше со камења. Штом Го виде Исус оддалеку, притрча и Му се поклони. Па, како извика со силен глас, рече: „Што имаш, Ти, со мене, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те заколнувам во Бога, не мачи ме!“ Зашто му беше рекол: „Духу нечист, излези од човекот!“ И го праша: „Како те викаат?“ А тој одговори и рече: „Легија ми е името, зашто сме многу.“ И многу Го молеа да не ги брка од тој крај. А таму, по ридот, пасеше големо крдо свињи. И Го молеа и велеа: „Прати нѐ во свињине, да влеземе во нив.“ И Исус веднаш им дозволи. Откако излегоа, нечистите духови влегоа во свињите, и јурнаа свињите по стрмнината во морето, а беа околу две илјади; и се издавија во морето. А оние, што ги пасеа свињите, побегнаа и известија во градот и по околијата. И мнозина излегоа да видат што станало. И дојдоа кај Исус, и го видоа бесомачниот како седи облечен, и со здрав ум, во кого имаше легија, и се уплашија. А оние, кои беа виделе, раскажуваа што стана со обземениот од зол дух и со свињите. И почнаа да Го молат да си оди од нивните краишта. А кога влезе во коработ, оној, што беше порано бесомачен, Го помоли да биде со Него. Исус не му дозволи, но му рече: „Оди дома кај своите, па раскажи им што стори Господ за тебе и како те помилува.“ Си отиде, и почна да раскажува по Десеттоградието што му направи Исус. И сите се чудеа.
Марко 5:1-20 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И дојдоа на другата страна на морето, во Гадаринскиот крај. И кога излезе од коработ, веднаш му дојде во пресрет - од гробовите - човек со нечист дух. Тој живее-ше во гробовите; никој не можеше веќе ни со окови да го врзе, зашто многупати го ставаа во окови и вериги, но тој ги кинеше веригите и ги кршеше оковите, и никој не можеше да го скроти. И постојано, ноќе и дење, беше во гробо-вите и по ридовите, викајќи и удирајќи се самиот со камења. И кога Го виде Исуса оддалеку, дотрча, падна ничкум пред Него, и извика со силен глас: „Што имаш Ти со мене, Исусе, Сине на Сѐвишниот Бог? Те заколнувам во Бога, на мачи ме!“ Зашто му рече: „Излези од човеков, нечисти душе!“ И го праша: „Како ти е името?“ И Му рече: „Името ми е Легион, зашто сме мнозина.“ И го молеа многу да не ги истера од тој крај. А таму, по ридот, пасеше големо стадо свињи. И Го замолија сите демони, велејќи; „Прати нѐ во свињине, да влеземе во нив.“ И тукутака им дозволи и нечистите духо-ви излегоа, и влегоа во свињите, и стадото - околу две илјади - се спушти по стрмнината во морето, и се удавија во морето. А оние, кои ги пасеа, побегнаа и разгласија во градот и по селата, и дојдоа да видат што станало. И кога дојдоа при Исуса и го видоа бесниот - во кого беше Легионот - како седи облечен и умен, се уплашија. А оние, кои беа виделе, им раскажаа што се случи со бесниот и со свињите. И почнаа да Го молат да си отиде од нивниот крај. А кога влегуваше во коработ, оној кој беше фатен од бесовите, Му се молеше да биде со Него. Но не му одобри, туку му рече: „Оди дома при своите, и раскажи им што ти направи Господ и како ти се смилува!“ И отиде и почна да раскажува по Десеттоградието што му направи Исус; и сите се восхитуваа.