Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Еремија 1:1-19

Еремија 1:1-19 MK2006

Зборови на Еремија, – син на Хелкија, еден од свештениците кој жи­вееше во Анатот, во земјата Венијами­нова, – кому му беше упатено слово Госпо­дово во времето на Јошија, син на јудеј­скиот цар Амон, во тринаесеттата го­дина од царувањето негово, а и во деновите на Јоаким, синот на јудејскиот цар Јошија, до крајот на единаесеттата година од царувањето на Седекија, син на јудејскиот цар Јошија, до поробувањето на Ерусалим во петтиот месец. И ми беше упатено слово Господово: „Пред да те обликувам во утробата, Јас те познавав, и пред да излезеш од утробата, те посветив: те поставив за пророк на народите.“ Јас, пак, одговорив: „О, Господи Боже, не умеам да говорам, зашто сум уште млад.“ Но Господ ми рече: „Не вели: – млад сум; – зашто до сите до кои ќе те испра­там ќе одиш и сѐ што ќе ти заповедам ќе кажеш. Не плаши се од нив; зашто Јас сум со тебе, за да те избавам“, рече Господ. И ја протегна Господ раката и се допре до устата моја; и ми рече Господ: „Ете, Јас ги ставив Моите зборови во устата твоја. Гледај, Јас те поставив денес над народи и царства, за да искоренуваш и разурнуваш, да погубуваш и да разру­шуваш, да ѕидаш и да насадуваш.“ И пак беше упатено слово Госпо­дово до мене: „Што гледаш, Еремија?“ Одговорив: „Гледам гранка од бадемово дрво.“ Господ ми рече: „Добро гледаш, за­што Јас бдеам над Моето слово, за да се изврши.“ И по вторпат беше упатено слово Господово кон мене: „Што гледаш?“ Одговорив: „Гледам котел што врие, а отворот му е кон север.“ И ми рече Господ: „Од север ќе букне злото врз сите луѓе што живеат на земјата. Зашто, ете, Јас ќе ги свикам сите племиња на северните царства – вели Господ – и тие ќе дојдат, и секој ќе го постави престолот свој при влезот на ерусалимските порти, околу сите ѕидишта негови и во сите јудејски градови. И ќе го изречам судот Свој врз нив за сите нивни беззаконија, затоа што Ме оставија и кадеа темјан на други богови и им се поклонуваа на идоли, дела од нивните раце. А ти препаши ги бедрата свои и стани, та кажи им сѐ што ќе ти запо­ведам; не треси се пред нив, за да не те стресам Јас пред очите нивни. И ете, Јас те поставив денес како утврден град, како железен столб и ка­ко бронзен ѕид против сите цареви Јудини и кнезовите на целата таа земја, против свештениците негови и против народот на таа земја. Тие ќе војуваат против тебе, но нема да те победат; зашто Јас сум со тебе, за да те избавувам“ – вели Господ.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност