Еремија 1:1-19
Еремија 1:1-19 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Зборови на Еремија, – син на Хелкија, еден од свештениците кој живееше во Анатот, во земјата Венијаминова, – кому му беше упатено слово Господово во времето на Јошија, син на јудејскиот цар Амон, во тринаесеттата година од царувањето негово, а и во деновите на Јоаким, синот на јудејскиот цар Јошија, до крајот на единаесеттата година од царувањето на Седекија, син на јудејскиот цар Јошија, до поробувањето на Ерусалим во петтиот месец. И ми беше упатено слово Господово: „Пред да те обликувам во утробата, Јас те познавав, и пред да излезеш од утробата, те посветив: те поставив за пророк на народите.“ Јас, пак, одговорив: „О, Господи Боже, не умеам да говорам, зашто сум уште млад.“ Но Господ ми рече: „Не вели: – млад сум; – зашто до сите до кои ќе те испратам ќе одиш и сѐ што ќе ти заповедам ќе кажеш. Не плаши се од нив; зашто Јас сум со тебе, за да те избавам“, рече Господ. И ја протегна Господ раката и се допре до устата моја; и ми рече Господ: „Ете, Јас ги ставив Моите зборови во устата твоја. Гледај, Јас те поставив денес над народи и царства, за да искоренуваш и разурнуваш, да погубуваш и да разрушуваш, да ѕидаш и да насадуваш.“ И пак беше упатено слово Господово до мене: „Што гледаш, Еремија?“ Одговорив: „Гледам гранка од бадемово дрво.“ Господ ми рече: „Добро гледаш, зашто Јас бдеам над Моето слово, за да се изврши.“ И по вторпат беше упатено слово Господово кон мене: „Што гледаш?“ Одговорив: „Гледам котел што врие, а отворот му е кон север.“ И ми рече Господ: „Од север ќе букне злото врз сите луѓе што живеат на земјата. Зашто, ете, Јас ќе ги свикам сите племиња на северните царства – вели Господ – и тие ќе дојдат, и секој ќе го постави престолот свој при влезот на ерусалимските порти, околу сите ѕидишта негови и во сите јудејски градови. И ќе го изречам судот Свој врз нив за сите нивни беззаконија, затоа што Ме оставија и кадеа темјан на други богови и им се поклонуваа на идоли, дела од нивните раце. А ти препаши ги бедрата свои и стани, та кажи им сѐ што ќе ти заповедам; не треси се пред нив, за да не те стресам Јас пред очите нивни. И ете, Јас те поставив денес како утврден град, како железен столб и како бронзен ѕид против сите цареви Јудини и кнезовите на целата таа земја, против свештениците негови и против народот на таа земја. Тие ќе војуваат против тебе, но нема да те победат; зашто Јас сум со тебе, за да те избавувам“ – вели Господ.
Еремија 1:1-19 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Зборовите на Еремија, синот Хелкиин, свештеник од Анатот, во Венијаминовата Земја. Господовото слово му дојде нему, во деновите на Јосиј, синот Амонов цар Јудин, во тринаесеттата година на неговото владеење: потоа во деновите на Јоаким, синот Јосиин, царот Јудин, до свршетокот на единаесеттата година на Седекиј, синот Јосиин, царот на Јудеја, сѐ до заточението на Ерусалим во петтиот месец. Ми дојде Господовото слово: „Пред да те вообликувам во мајчината утроба, Јас те знаев; пред да излезеш од мајчината утроба, Јас те посветив, за пророк на сите народи те поставив.“ А јас реков: „Ах, Господи Боже, ете, јас не знам да зборувам: дете сум.“ А Господ ми одговори: „Не зборувај: ‘Дете сум!’ Туку оди кај оние кај кои те праќам и речи им го сѐ она што ќе ти го наредам. Не бој се од нив: Зашто Јас Сум со тебе за да те избавам,“ говори Господ. И тогаш Господ ја протегна раката, ја допре мојата уста и рече: „Еве, ги ставам Моите зборови во твојата уста. Ете, те поставувам денес над народите и над царствата, за да истребуваш и разурнуваш, за да сотираш и ништиш, за да градиш и садиш.“ И ми дојде Господовото слово: „Што гледаш, Еремија?“ А јас реков: „Гледам бадемова гранка.“ Тогаш Господ ми рече: „Добро гледаш, зашто јас бдеам над Моите зборови, за да ги исполнам!“ И ми дојде Господовото слово: „Што гледаш?“ А јас реков: „Гледам зовриен грнец, а неговиот отвор гледа кон север.“ И Господ ми рече: „Злото ќе избувне од север против сите жители на оваа земја. Зашто, ете, Јас ќе ги свикам сите северни царства - Господово слово е. И тие ќе дојдат: секое од нив ќе го стави својот престол пред влезот на вратата на Ерусалим, против сите негови ѕидови, и против сите јудејски градови. И ќе им судам за сите нивни зла; затоа што Ме оставија, затоа што им кадеа на други богови и им се клањаа на делата на своите раце. Ти сега препаши ги своите бедра, стани, па ќе им зборуваш сѐ што ќе ти заповедам тебе. Не трепери пред нив, за да не треба да направам да се стресеш пред нив. Ете, денес те поставувам како утврден град, како железен столб, како бронзен ѕид против сета земја: против царевите и кнезовите јудејски, против свештениците и народот на оваа земја. И ќе војуваат со тебе, ама нема да те надвладеат, зашто Јас Сум со тебе, за да те избавам,“ говори Господ.