YouVersion Logo
Search Icon

Maтеј 5

5
1Кога Исус виде толку народ, се искачи на ридот, па откако седна, Му пристапија Неговите ученици
2и Тој започна да ги поучува вака:
3„Благословени се оние кои се чувствуваат духовно сиромашни, зашто на таквите им припаѓа небесното царство!
4Благословени се оние што тагуваат, зашто ќе бидат утешени!
5Благословени се кротките луѓе, зашто тие ќе бидат наследниците на Земјата!
6Благословени се луѓето кои се гладни и жедни за правда, зашто тие ќе бидат задоволени!
7Благословени се милостивите луѓе, зашто тие ќе бидат помилувани!
8Благословени се луѓето со чисто срце, зашто тие ќе Го видат Бога!
9Благословени се миротворците, зашто тие ќе бидат прогласени за Божји деца!
10Благословени се прогонуваните поради тоа што се справедливи, зашто ним им припаѓа небесното царство!
11Благословени сте и вие ако ве навредуваат и прогонуваат поради тоа што сте Мои следбеници и ако изнесуваат злобни лаги против вас.
12Радувајте се и ликувајте, зашто на небото ве чека голема награда; така беа прогонувани и Божјите пророци кои живееја пред вас.“
13„Вие сте во улога на сол на Земјата; ако солта стане блуткава, како ќе ђ се врати солениот вкус? Таа ќе стане безвредна ќе биде фрлена да ја газат луѓето.
14Вие сте во улога на светлина на светот, како осветлен град изграден на врв планина, за сите да го гледаат.
15Никој не пали свеќа за да ја покрие со капак, туку ја става на свеќник, за да им свети на сите во куќата.
16Така и вие бидете светлина пред луѓето, нека видат добри дела во вас, па ќе Го слават вашиот небесен Татко.“
17„Немојте да мислите дека сум дошол да ги укинам Божјиот Закон и учењата на пророците. Не дојдов да ги укинам, туку да ги исполнам.
18Зашто, ве уверувам дека, си додека постојат небото и Земјата, ниту најмал детаљ од Божјиот Закон нема да се укине си додека целосно не се исполни!
19Затоа, секој што ја прекршува макар и најмалата меѓу овие заповеди, па и другите луѓе ги учи така да прават ќе биде најмал во небесното царство; додека, пак, секој што живее според Божјиот Закон, па и другите луѓе ги учи да прават така ќе биде прогласен за голем во небесното царство.
20Зашто, ви велам, доколку вашата праведност не ја надмине праведноста на сегашните вероучители и на фарисеите вие никогаш нема да влезете во небесното царство!“
21„Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон на вашите предци им било заповедано: ,Не убивај! Кој ќе изврши убиство, ќе му биде судено!‘
22Јас, пак, ви велам: ,Секој што истура гнев против својот ближен, заслужува осуда! Знаете дека секој што ќе навреди ближен, бива изведен пред вашиот Врховен суд, а доколку го проколнуваш својот ближен, можеш да завршиш и во огнениот пекол!‘
23Така, кога ќе носиш жртвен прилог на Божјиот олтар, ако се сетиш дека твојот ближен ти е лут за нешто,
24остави го твојот прилог таму пред олтарот и појди прво помири се со својот ближен, а потоа врати се и принеси го својот жртвен прилог.
25Со секој што сака да те тужи пред законот, потруди се брзо да се спогодиш, уште додека сте заедно на патот, за да не те тужи на суд, а судот да те предаде на стражарите кои ќе те фрлат в затвор.
26Те уверувам дека нема да излезеш оттаму додека до грош не си го исплатиш долгот!“
27„Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон е заповедано: ,Не врши прељуба!‘
28Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне туѓа жена и во мислите ќе ја посака во своето срце тој веќе извршил прељуба со неа!
29Ако, на пример, твоето десно око те наведува на грев извади го и фрли го; подобро е за тебе да загубиш еден орган, одошто целото тело да ти заврши во пеколот.
30И ако, на пример, твојата десна рака те наведува на грев отсечи ја и фрли ја; подобро е за тебе да загубиш еден орган, одошто целото тело да ти заврши во пеколот.“
31„Во Мојсеевиот Закон беше заповедано и ова: ,Ако некој маж реши да се разведе од својата жена, нека ђ даде потврда за развод‘.
32Јас, пак, ви велам: ,Секој што се разведува од својата жена освен ако таа извршила прељуба ја наведува на прељуба; и секој што стапува во брак со разведена жена извршува прељуба.‘“
33„Познато ви е и тоа, дека во Мојсеевиот Закон на вашите предци им било заповедано вака: ,Не кршете ги своите заклетви; исполнувајте го тоа што сте го ветиле пред Господа!‘
34Јас, пак, ви велам: ,Не заколнувајте се воопшто: ни во небото, зашто тоа е Божји престол;
35ни во Земјата, зашто таа е подножје на Неговите нозе; ни во Ерусалим, зашто тој град е на Великиот Цар;
36ни во својата сопствена глава, зашто не можете да создадете ни едно црно или бело влакно;
37кажете само ,Да‘ или ,Не‘; а секакво заколнување покрај ова е поттикнато од Злиот.‘“
38„Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон било заповедано вака: ,Око за око, заб за заб.‘
39Јас, пак, ви велам: ,Не возвраќајте им на оние што ви прават зло! Ако некој те удри по едниот образ, сврти му го и другиот.
40Ако некој те тужи за да ти ја земе кошулата, дај му го и палтото.
41Ако некој те присили да му ги носиш торбите еден километар, ти носи му ги два километри.
42Кога некој ќе запроси нешто од тебе дај му; и не одбивај човек што бара да позајми нешто од тебе.‘“
43„Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон било заповедано и ова: ,Сакај ги своите ближни, а мрази ги своите непријатели.‘
44Јас, пак, ви велам: ,Покажувајте љубов и спрема своите непријатели и молете се за доброто на оние што ве прогонуваат;
45на тој начин вие ќе се однесувате како деца на вашиот небесен Татко, чие сонце изгрева и за лошите и за добрите. Тој им испраќа дожд и на праведните и на неправедните.
46Зашто, ако ги сакате само оние кои вас ве сакаат, тогаш, каква награда очекувате за тоа? Та, зар не го прават тоа и подмитливите собирачи на данок!?
47И ако сте љубезни само спрема своите ближни, тогаш, по што се разликувате од другите луѓе? Та, тоа го прават и паганите!
48Вие треба да се однесувате совршено исто како што се однесува вашиот небесен Татко!‘“

Currently Selected:

Maтеј 5: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy