YouVersion Logo
Search Icon

Дела Ап. 28

28
1Откако се спасивме, дознавме дека се наоѓаме на островот Малта.
2Островјаните беа мошне љубезни спрема нас. Бидејќи врнеше дожд и беше студено, тие запалија оган и сите не прибраа.
3Павле собра еден куп суварки и ги ставаше врз огнот, а една змија гонета од огнот излезе од суварките и му се впи во раката.
4Кога островјаните ја видоа змијата како виси на неговата рака, си проговорија меѓу себе: „Овој човек мора да е убиец! Се спаси од морето, но правдата не го остава да живее!“
5Но Павле ја истресе змијата во огнот и немаше никакви последици по неговото здравје.
6Луѓето очекуваа Павле да отече или веднаш да падне мртов, но откако подолго време гледаа и чекаа, а со него ништо не се случи, си го сменија мислењето и си говореа дека тој човек е бог!
7Во близината на тоа место имаше имот што му припаѓаше на Публиј, поглаварот на островот. Тој, најљубезно не прими и три дена не гоштаваше.
8Таткото на Публиј лежеше в постела, зашто имаше треска и страдаше од дизентерија. Павле му пријде, се помоли за него, ги положи рацете врз него и го исцели.
9По тој настан и други луѓе од островот што беа болни доаѓаа кај Павле и тој ги исцелуваше.
10Заради ова, островјаните ни искажаа многу почести, а кога повторно испловивме, ни дадоа се што ни беше потребно за пловидбата.
11По три месеци се качивме на еден брод од Александрија, што го носеше знакот на римските богови - близнаци и ја беше минал зимата на Малта.
12Стигнавме во Сиракуза и таму останавме три дена.
13Оттаму, пловејќи покрај брегот, стигнавме во Регија. Утредента дувна јужен ветер, па по два дена стигнавме во Путеоли.
14Таму најдовме неколку христијани, кои не поканија да останеме кај нив седум дена. Потоа продолживме кон Рим.
15Тамошните христијани, откако слушнале за нас, дојдоа да не пречекаат уште кај Форумот на Апиј, а други ни се придружија кај Трите Крчми. Кога Павле ги виде, Му заблагодари на Бог и се охрабри.
16Сега, кога веќе беше во Рим, на Павле му беше дозволено да живее каде што сака, чуван од само еден војник.
17По три дена Павле ги повика водачите на тамошните Евреи и им рече: „Јас, браќа, иако не направив ништо што би било на штета на нашиот народ или на обичаите на нашите предци, бев уапсен од Евреи во Ерусалим и предаден на римската власт.
18Римјаните, откако ме сослушаа, сакаа да ме ослободат, бидејќи не најдоа никаква вина што би заслужувала смртна казна,
19но кога Евреите се противставија на тоа, иако не можеа против мене да изнесат никакво обвинение, јас бев принуден да барам заштита од императорот.
20Затоа ве викнав, за да се запознаам со вас и да ви објаснам дека јас ги носам овие окови поради тоа што верувам оти она на што се надеваше Израел - Месијата, веќе дојде.“
21Тие му одговорија: „Ние ниту сме добиле писмо во врска со тебе од Јудеја, ниту пак некој наш брат дошол да ни каже нешто лошо за тебе.
22Сакаме од тебе да слушнеме што мислиш ти за христијанството, зашто слушаме дека насекаде се зборува против него.“
23Определија ден и многумина дојдоа во неговата изнајмена куќа, а тој од утро до мрак им објаснуваше и им говореше за Божјото царство, ги уверуваше за Исус, читајќи им од Мојсеевите книги и од Книгите на пророците.
24Некои се убедија од она што беше кажано, а некои не поверуваа.
25Се појавија несогласувања, па почнаа да си заминуваат, а Павле им рече: „Во право беше Светиот Дух кога преку пророкот Исаија за вашите предци рече:
26,Оди кај овој народ и речи му: Ќе го слушате Моето Слово, но нема да го разберете; ќе ги гледате Моите дела, но нема да ги сфатите!
27Зашто, срцата на овие луѓе им се закоравени! Со ушите одвај слушаат, а очите си ги затвораат! Не сакаат да видат, да слушнат, да разберат, па да се свртат кон Мене за да ги исцелам!‘
28Затоа сакам да знаете дека ова спасение од Бог е испратено и за нееврејските народи и тие ќе го прифатат!“
29(Откако го рече ова, Евреите си заминаа, жестоко препирајќи се меѓу себе.)
30Таму Павле остана цели две години во изнајмена куќа и ги примаше сите што му доаѓаа,
31проповедајќи им за Божјото царство и поучувајќи ги за Господ Исус Христос, слободно и непречено.

Currently Selected:

Дела Ап. 28: MNT

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy