Матеј 26
MKB

Матеј 26

26
1А кога Исус ги заврши сите тие беседи, им рече на Своите ученици:
2”Знаете дека Пасхата е по два дни, и ќе Го предадат Човечкиот Син, за да Го распнат.”
3Тогаш големите свештеници и народните старешини се собраа во дворот на првосвештеникот, кој се викаше Кајафа,
4и се договорија да Го фатат Исуса на измама и да Го убијат.
5Но велеа: „Не на празникот, за да не се побуни народот.”
6А кога Исус беше во Витанија, во куќата на лепрозниот Симон,
7Му се приближи жена, со сад од алавастер со скапоцено миро, па го излеа врз Неговата глава, додека беше прилегнат до столот.
8Штом учениците го видоа тоа, негодуваа и рекоа: „За што е ова растурање?
9Оти тоа миро можеше да биде продадено скапо, и сребрениците да им се дадат на сиромасите!”
10Но Исус го разбра тоа и им рече: „Зошто и здодевате на жената? Таа Ми направи добро дело,
11зашто сиромасите ги имате секогаш со себе, а Мене Ме немате секогаш;
12зашто кога таа го излеа мирото врз Моето тело, го стори тоа за Моето погребение.
13Вистина ви велам, каде и да биде проповедано Евангелието по целиот свет, ќе се раскажува и тоа што го направи таа, за нејзин спомен.
14Тогаш еден од Дванаесетмината, кој се вика Јуда Искариотски отиде при првосвештениците и им рече:
15”Што ќе ми дадете, за да ви Го предадам?” А тие му предложија триесет сребреници.
16И оттогаш бараше згоден случај за да Го предаде.
17А во првиот ден на Бесквасните лебови, учениците пристапија при Исуса и Го прашаа: „Каде сакаш да Ти приготвиме да јадеш Пасха?”
18Тој рече: „Отидете во градот при тој и тој човек и речете Му: Учителот вели: Моето време е близу; кај тебе ќе ја празнувам Пасхата со Своите ученици.”
19И учениците направија како што им заповеда Исус, и ја приготвија Пасхата.
20А кога се стемни, Тој прилегна со Дванаесетте ученици на трпезата.
21И додека јадеа, им рече: „Вистина ви велам, дека еден од вас ќе Ме предаде.”
22И многу се нажалија и почнаа да зборуваат, еден по друг: „Да не сум јас, Господи?”
23А Тој одговори: „Оној што ќе ја накваси - со Мене - раката во чинијата, тој ќе Ме предаде!
24И така, Човечкиот Син си оди како што е напишано за Него, но тешко му на оној човек, преку кого ќе биде предаден Човечкиот Син; добро би било за тој човек, ако не беше се родил!”
25А Јуда, кој Го предаде, во одговор рече: „Да не сум јас, Учителе?” Му кажа: „Ти рече!”
26А кога јадеа, Исус зеде леб, благослови, го раскрши и им го раздаде на учениците, и рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело.”
27Тогаш ја зеде чашата и заблагодари, им ја даде и рече: „Пијте сите од неа,
28зашто ова е Мојата крв на Заветот, која се пролева за мнозина, за проштавање на гревовите.
29Но, ви велам, отсега нема да пијам од овој лозов плод до оној ден, кога ќе го пијам со вас нов во Царството на Мојот Татко.”
30И откако испеаја благодарствена песна, излегоа на Маслиновата Гора.
31Тогаш Исус им рече: „Сите вие ќе се соблазните во Мене, во оваа ноќ, зашто е пишано: „Ќе го удрам Пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат!”
32А по Моето воскресение ќе отидам, пред вас, во Галилеја.”
33Тогаш Петар одговори и рече: „Ако сите се соблазнат во Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам.”
34Исус му рече: „Вистина ти велам, уште ноќеска трипати ќе се одречеш од Мене, пред да пропее петел.”
35Петар Му рече: „Ако треба и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе.” Така рекоа и сите ученици.
36Тогаш Исус дојде со нив на местото, кое се вика Гетсеманија, и им рече на учениците: „Седете тука додека Јас отидам онаму да се помолам.”
37И ги поведе со себе Петра и двајцата Зеведееви синови и почна да тагува и да се вознемирува.
38Тогаш им рече: „Мојата душа е длабоко натажена до смрт; останете тука и бдејте со Мене!”
39И отиде малку потаму и падна на Своето лице и се помоли, велејќи: „Татко Мој! Ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но не како што сакам Јас, туку како Ти!”
40И дојде при учениците, и ги најде како што спијат, и му рече на Петра: „Така! Не можевте ли да пробдеете со Мене еден час?
41Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение! Духот е бодар, но телото е слабо!”
42Пак, повторно отиде и се помоли, велејќи: „Татко Мој! Ако не е можно да Ме одмине оваа чаша, да не ја пијам, нека биде Твојата волја.”
43И кога дојде пак ги најде како што спијат, зашто очите им беа натежнале.
44И пак ги остави и отиде да се помоли, по третпат, и ги изговори истите зборови.
45Тогаш дојде при учениците и им рече: „Само спијте и почивајте. Еве, наближи часот кога Човечкиот Син ќе биде предаден во рацете на грешниците.
46Станете, да одиме! Ете, наближи Мојот предавник.”
47И додека Тој уште зборуваше, ете, Јуда, еден од Дванаесетмината, дојде со големо множество, со ножеви и стапови, испратени од првосвештениците и народните старешини.
48А Неговиот предавник им беше дал знак, велејќи: „Кого ќе Го целивам јас - Тој е, фатете Го!”
49И веднаш се приближи до Исуса и Го целива.
50А Исус му рече: „Пријателе, зошто дојде?” Тогаш пристапија, положија раце на Исуса и Го фатија.
51И ете, еден од оние, кои беа со Исуса, извади нож и го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече увото.
52Тогаш Исус му рече: „Врати го твојот нож на неговото место; зашто сите, кои се фаќаат за нож - од нож ќе загинат.
53Или мислиш дека не можам да Го помолам Мојот Татко, и ќе Ми испрати веднаш повеќе од дванаесет легии ангели?
54Но, како би се исполниле Писмата, дека така треба да биде?”
55Во оној час, Исус му рече на народот: „Излеговте како на разбојник, со ножеви и стапови, за да Ме фатите. Секој ден седев во Храмот и поучував и не Ме фативте.
56А ова сè се збидна, за да се исполнат пророчките Писма.” Тогаш сите ученици Го оставија и се разбегаа.
57А оние, кои Го фатија Исуса, Го одведоа при првосвештеникот Кајафа, каде беа собрани книжниците и старешините.
58А Петар врвеше по Него оддалеку до дворот на првосвештеникот, и откако влезе внатре, седна со слугите, за да го види крајот.
59А главните свештеници и целиот Синедрион бараа лажно сведоштво против Исуса, за да Го убијат, и не најдоа,
60иако дојдоа многу лажни сведоци.
61Најпосле дојдоа двајца и рекоа: „Овој рече: ‘Можам да го разурнам Божјиот Храм и да го соѕидам за три дни.’”
62Тогаш првосвештеникот стана и Му рече: „Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?”
63А Исус молчеше. Првосвештеникот Му рече: „Те заколнувам во живиот Бог да ни кажеш дали си Ти Христос, Божјиот Син?”
64Исус му кажа: „Ти рече! Но, Јас ви велам: отсега ќе Го гледате Човечкиот Син, како седи оддесно на Силата и како доаѓа на небесните облаци.”
65Тогаш првосвештеникот ја раскина својата облека и рече: „Го хули Бога! Зошто ни се потребни уште сведоци? Ете, сега ја чувте хулата?
66Што мислите?” А тие одговорија и рекоа: „Заслужува смрт!”
67Тогаш Го плукаа во лицето и Го удираа со тупаници,
68а други му удираа плесници, говорејќи: „Проречи ни, Христе, кој Те удри?”
69А Петар седеше надвор, во дворот, и една слугинка дојде при него и му рече:”И ти беше со Галилеецот Исус!”
70А тој се одрече пред сите, велејќи: „Не знам што зборуваш!”
71А кога излезе пред главниот влез, го виде друга и им рече на тие, кои беа таму: „И овој беше со Назареецот Исус.”
72Тој пак се одрече со заклетва: „Не го знам Човекот.”
73Малку потоа му се приближија оние, кои стоеја, и му рекоа на Петра: „Навистина, и ти си од нив, зашто и твојот говор те издава.”
74Тогаш почна да се проколнува и да се заколнува: „Не го знам Човекот.”
75И веднаш запеа петел. Тогаш Петар се сети на Исусовите зборови што му ги рече: „Пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене.” И излезе надвор и плачеше горко.

Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов

Copyright © 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands


Learn More About БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет