Матеј 20
MKB

Матеј 20

20
1Зашто небесното царство прилега на човек домаќин, кој излезе рано наутро да наеме работници за своето лозје.
2И кога се погоди со трудбениците по денариј на ден, ги испрати во своето лозје.
3И кога излезе пак околу третиот час виде други како стојат, на трговиштето, без работа,
4и им рече: „Одете и вие во моето лозје, па ќе ви дадам што ќе биде право!”
5И тие отидоа. А кога излезе пак околу шестиот и деветтиот час го направи истото.
6А околу единаесеттиот час пак излезе и најде други, како стојат, и им рече: „Зошто стоите тука цел ден без работа?”
7Му рекоа: „Никој не нè наеми.” Тој им рече: „Отидете и вие во моето лозје.”
8А кога се свечери, господарот на лозјето му рече на својот управител: „Повикај ги трудбениците и плати им, почнувајќи од последните па до првите!”
9И така, дојдените околу единаесеттиот час примија по денариј.
10Кога дојдоа првите, помислија дека ќе примат повеќе, но и тие примија по денариј.
11Штом го примија, негодуваа против домаќинот,
12велејќи: „Последниве работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, кои ги претрпевме тегобата на денот и жегата.”
13А тој му одговори на еден од нив и рече: „Пријателе, не ти правам неправда; зар не се погоди со мене за денариј?
14Земи го своето и оди си; а јас сакам на последниов да му дадам колку и тебе.
15Или зар немам право да сторам со своето, што сакам? Или твоето око е зло, зашто сум добар?”
16Така последните ќе бидат први, а првите - последни; зашто мнозина се повикани, а малкумина избрани.”
17И кога Исус се искачуваше кон Ерусалим, ги зеде Дванаесетмината насамо и им рече патем:
18”Еве, одиме горе кон Ерусалим, и Човечкиот Син ќе им биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт,
19и ќе им Го предадат на многубошците, за да Му се потсмеват, да Го бијат и да Го распнат, и на третиот ден ќе воскресне.”
20Тогаш мајката на Заведеевите синови Му пристапи заедно со своите синови, поклонувајќи Му се, за да измоли нешто од Него.
21А Тој и рече: „Што сакаш?” Му одговори: „Заповедај овие мои два сина да седнат, едниот до Твојата десна, а другиот до Твојата лева страна, во Твоето Царство!”
22А Исус одговори и рече: „Не знаете што барате! Можете ли да ја пиете чашата, што ќе ја пијам Јас, или да се крстите со крштавањето со кое се крштавам Јас.” Му рекоа: „Можеме.”
23Им рече: „Мојата чаша ќе ја пиете; и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите; но да се седи од Мојата десна или лева страна, тоа не го давам Јас, туку ќе им припадне на оние, за кои Мојот Татко го приготвил.”
24И кога го чуја тоа десетмината, се налутија на двата брата.
25А Исус ги повика и рече: „Знаете дека владетелите на народите господарат над нив и дека големците ги угнетуваат.
26Нека не биде така меѓу вас! Туку, кој сака да биде голем меѓу вас, нека ви биде слуга!
27И кој сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде слуга;
28како што Човечкиот Син не дојде да Му служат, туку да служи и да ја даде Својата душа за откуп на мнозина.”
29А кога излегуваа од Ерихон, големо множество тргна по Него.
30И ете, двајца слепи, седејќи покрај патот, чуја дека Исус минува, и извикаа велејќи: „Господи, Давидов Сине, смилувај ни се!”
31А множеството им се закани да замолчат, а тие извикаа уште посилно: „Господи, Давидов Сине, смилувај ни се!”
32И Исус застана, ги повика и рече: „Што сакате да направам за вас?”
33Му рекоа: „Господи, да ни се отворат очите!”
34И Исус им се смили и им ги допре очите; и веднаш прогледаа и тргнаа по Него.”

Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов

Copyright © 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands


Learn More About БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет