YouVersion Logo
Search Icon

Лука 2

2
1А во она време излезе заповед од царот Август за попис на сите жители.
2Тоа беше прв попис, кога Квиринеј управуваше во Сирија.
3И сите одеа за да се запишат, секој во својот град.
4Така и Јосиф отиде од Галилеја, од градот Назарет, горе во Јудеја, во Давидовиот Град, кој е наречен Витлеем, зашто беше од Давидовиот дом и семејство,
5да се запише со Марија, свршената со него жена, која беше бремена.
6А кога беа таму - и дојде време да роди.
7И го роди својот Син, првенец, па Го пови и Го положи во јасли, зашто за нив немаше место во гостилницата.
8А во тој ист крај пастири ноќеваа под ведро небо, чувајќи го своето стадо.
9И одеднаш Господов ангел им пристапи и Господовата слава ги осветли, па се уплашија многу.
10Ангелот пак им рече: „Не бојте се, зашто, еве, ви најавувам добра вест, голема радост, која ќе биде за сите народи:
11зашто денес ви се роди Спасител, во Давидовиот град, Кој е Христос Господ.
12И ова ви е знак: ќе најдете Младенче повиено, како лежи во јасли!”
13И одеднаш со ангелот се најде множество небесно воинство, кое Го фалеше Бога, велејќи:
14”Слава на Бога во висините и на земјата мир, во луѓето добра волја!”
15А кога ангелите си отидоа од нив во небото, пастирите си зборуваа еден на друг: „Тогаш, да отидеме до Витлеем и да видиме што се случило таму, за кое ни соопшти Господ!”
16И брзајќи дојдоа и ги најдоа: Марија и Јосифа, и Детенцето како лежи во јаслите.
17А штом видоа, кажаа сè што им беше речено за Детенцето.
18И сите кои чуја, се восхитуваа на она, што пастирите им го рекоа.
19А Марија ги помнеше сите овие зборови и размислуваше за нив во своето срце.
20И пастирите се вратија, славејќи Го и фалејќи Го Бога, за сè што чуја и видоа, онака како што им беше речено.
21И кога навршија осум дена, за Неговото обрезание, Му го дадоа името Исус, како што Го нарече ангелот, пред да биде зачнат во утробата.
22И кога се навршија деновите на нејзиното очистување, според Мојсеевиот Закон, Го донесоа во Ерусалим, за да Го претстават пред Господа,
23како што е напишано во Господовиот Закон: „Секое машко, кое се раѓа прво, да Му биде посветено на Господа!”,
24и да принесат жртва, како што е речено во Господовиот Закон - две грлици или две гулапчиња.
25И ете, во Ерусалим живееше човек по име Симеон, и тоа човек праведен и благочестив, кој ја чекаше Израелевата утеха; и Светиот Дух беше над него.
26Нему Светиот Дух му прорече дека нема да види смрт, додека не Го види Христа Господов.
27И вдахновен од Светиот Дух дојде во Храмот; и кога родителите Го внесоа Детенцето Исус, за да го извршат врз Него обичајот на Законот,
28Го зеде на своите раце, Го благослови Бога и рече:
29”Сега, Господару, отпушти го Својот служител со мир, според Твојот збор,
30зашто моите очи го видоа Твоето спасение,
31кое го приготви пред лицето на сите луѓе,
32светлина за осветлување на народите и слава на Твојот народ Израел.”
33А Јосиф и мајка Му се чудеа на она, што зборуваше за Него.
34И Симеон ги благослови и и рече на Неговата мајка Марија: „Гледај! Овој е поставен за паѓање и подигање на мнозина во Израел, и знак на кој ќе му се противат,
35а на самата Тебе мечот ќе ти ја прободе душата - за да се откријат мислите на многу срца.
36Беше и пророчицата Ана, Фануилова ќерка, од Асировото племе; таа беше во многу напредната возраст; од своето моминство проживеала со мажот седум години,
37а како вдовица до осумдесет и четвртата година, не го напушташе Храмот, служејќи Му на Бога со пост и молитва ноќе и дење.
38И во истиот час таа дојде и Го славеше Бога и им зборуваше за Него на сите во Ерусалим, кои го очекуваа спасението.
39И кога свршија сè според Господовиот Закон - се вратија во Галилеја во својот град Назарет.
40А детето растеше и јакнеше во дух, исполнувајќи се со мудрост, и Божјата благодат беше на Него.
41И секоја година Неговите родители одеа во Ерусалим на празникот Пасха.
42Кога му беа пак дванаесет години отидоа, според обичајот во Ерусалим, на празникот.
43И кога ги поминаа деновите, на враќање дома, Детето Исус остана во Ерусалим, а Неговите родители не знаеја за тоа,
44туку, мислејќи дека е меѓу сопатниците, изминаа еден ден пат и Го бараа меѓу роднините и познатите.
45И кога не Го најдоа, се вратија во Ерусалим да Го бараат.
46И по три дни Го најдоа во Храмот како седи меѓу учителите, ги слуша и ги прашува.
47А сите кои Го слушаа им се восхитуваа на Неговиот ум и на одговорите.
48Кога Го видоа се зачудија и мајка Му Му рече: „Чедо, што ни направи така? Гледај! Татко Ти и јас се измачивме, барајќи Те.”
49Тој им рече: „Зошто Ме баравте? Зар не знаете дека Јас треба да бидам во она, кое што е на Мојот Татко?”
50Но тие не го разбраа зборот што им го рече.
51И слезе со нив и дојде во Назарет, и им беше послушен. А Неговата мајка ги чуваше сите тие зборови во своето срце.
52А Исус напредуваше во мудрост, во растењето и во благодатта пред Бога и пред луѓето.

Currently Selected:

Лука 2: MKB

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy