YouVersion Logo
Search Icon

Матеј 27

27
Исус пред Пилата. Крајот на Јуда предавникот. Исус и Варава. Исуса го бијат и Му се смеат. Распнувањето и смртта.
1А кога се раздени, сите првосвештеници и старешини народни направија совет против Исуса за да Го убијат;
2и откако Го врзаа, Го одведоа, и Го предадоа на управникот Понтиј Пилат.
3Тогаш Јуда, што го предаде, кога виде дека е Он осуден, се покаја и ги врати триесетте сребреници на првосвештениците и старешините,
4велејќи им: »Згрешив, оти предадов невина крв.« А тие му одговорија: »Што ни е грижа нам за тоа? Мисли му ти.«
5И како ги фрли сребрениците во храмот, излезе и отиде, та се обеси.
6Првосвештениците ги прибраа сребрениците и рекоа: »Не чини да се оставаат во црковната каса, оти се цена за крв.«
7И како се советуваа, ја купија со нив грнчаревата нива, за да погребуваат во неа луѓе од други места.
8Затоа и до денес таа нива се вика Крвна нива.
9Тогаш се исполни реченото преку пророкот Јеремија: »И ги зедоа триесетте сребреници, цената на Непроценливиот, Кого Го оценија синовите Израилеви,
10и ги дадоа за грнчаревата нива, како што ми кажа Господ«.
11И Исус застана пред управникот. И тој Го праша, велејќи: »Ти ли си Царот Јудејски?« Исус му одговори: »Ти велиш.«
12И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, Он ништо не одговараше.
13Тогаш Му рече Пилат: »Не слушаш ли колку сведочат против Тебе?«
14И не му одговори ниту на еден збор, така што управникот се чудеше многу.
15А на секој празник Пасха управникот имаше обичај да му отпушта на народот по еден затвореник, кого што би го побарале.
16Тогаш тие имаа еден прочуен затвореник, по име Варава.
17И кога се собраа, Пилат им рече: »Кого сакате да ви го пуштам: Варава ли, или Исуса, наречен Христос?«
18Оти знаеше дека Го беа предале од завист.
19Во тоа време, кога тој седеше во судот, жена му порача да му кажат: »Не прави Му ништо на Тој Праведник, оти денеска многу пострадав насон, заради Него.«
20Но првосвештениците и старешините го наговорија народот да го измоли Варава, а Исуса да Го погуби.
21Тогаш управникот ги праша: »Кого од двајцата сакате да ви го пуштам?« Тие одговорија: »Варава!«
22Пилат им рече: »А што да направам со Исуса, наречен Христос?« Му одговорија сите: »Да биде распнат!«
23Управникот рече: »Па какво зло направил?« Но тие уште посилно извикаа и рекоа: »Да биде распнат!«
24Пилат, штом виде дека ништо не помага, а буната се зголемува, зеде вода, ги изми рацете пред народот и рече: »Невин сум за крвта на Овој Праведник; мислете му вие!«
25И одговарајќи целиот народ, рече: »Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца!«
26Тогаш им го пушти Варава, а Исуса, откако Го бичуваа, Го предаде да биде распнат.
27Потоа управниковите војници Го зедоа Исуса во судницата и ја собраа целата чета околу Него,
28па, откако Го соблекоа, Му облекоа багреница;
29исплетоа трнов венец, Му Го кладоа на главата и Му дадоа во десната рака трска; и паѓајќи на колена, Му се потсмеваа и велеа: »Радувај се, Царе Јудејски!«
30И плукаа на Него и, како ја зедоа трската, Го удираа по главата.
31А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ги облекоа Неговите алишта и Го поведоа на распнување.
32На излегување сретнаа еден Киринеец, по име Симон; него го натераа да Му го носи крстот.
33И кога дојдоа на местото, наречено Голгота, што значи: место на черепи,
34Му дадоа да пие оцет, измешан со жолчка. Но Он вкуси и не сакаше да пие,
35А штом Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждреб;
36па седеа таму и Го чуваа;
37и Му кладоа над главата натпис, со вината Негова: »Овој е Исус, Царот Јудејски.«
38Тогаш распнаа со Него и двајца разбојници: едниот од десната страна, а другиот од левата.
39А минувачите, вртејќи ги главите свои, Го хулеа
40и велеа: »Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси! Ако си Син Божји слегни од крстот!«
41Исто така и архијереите, заедно со книжниците и старешините, и фарисеите, потсмевајќи се говореа:
42»Другите ги спаси, а Сам Себе не може да се спаси. Ако е Он Цар Јудејски, нека слезе сега од крстот, па ќе поверуваме во Него.
43Се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако е по волјата Негова, оти беше рекол: ‚Син Божји Сум!‘«
44И разбојниците, распнати со Него, Го хулеа исто така.
45А од шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час;
46а околу деветтиот час извика Исус со висок глас и рече: »Или! Или! Лама савахтани?« А тоа значи: »Боже Мој, Боже Мој, зошто Си Ме оставил?«
47А некои од оние што стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: »Овој го вика Илија.«
48И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во оцет и го надена на трска, па Му даваше да пие.
49Другите, пак, велеа: »Чекајте, да видиме, дали ќе дојде Илија да Го спаси.«
50А Исус, откако повторно извика со висок глас, го испушти духот.
51И наеднаш се расцепи црковната завеса на два дела, од горниот крај до долниот; и земјата се затресе; и карпи паднаа;
52и гробови се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа;
53па како излегоа од гробовите, по воскресението Негово, влегоа во светиот град и се јавија на мнозина.
54А стотникот и оние, што со него заедно Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сѐ друго што стана, се уплашија многу и говореа: »Навистина Овој бил Син Божји!«
55Таму беа и гледаа оддалеку, исто така, многу жени, што врвеа по Исуса од Галилеја и Му служеа.
56Меѓу нив беа Марија Магдалина и Марија, мајка им на Јакова и Јосија, и мајката на Зеведеевите синови.
57А кога се стемни, дојде еден богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој Му беше исто така, ученик на Исуса;
58тој отиде при Пилата и го побара телото Исусово. Тогаш Пилат нареди да го предадат телото.
59А Јосиф, штом го зеде телото. Го обви во чиста плаштаница,
60и Го положи во својот нов гроб, што го беше издлабил во карпа; па, откако постави голем камен над гробната врата, си отиде.
61А таму беа Марија Магдалина и другата Марија, кои седеа спроти гробот.
62На другиот ден, по петокот, се собраа првосвештениците и фарисеите при Пилата,
63и му рекоа: »Господаре, се сетивме дека Оној измамник, уште дури беше жив, рече: ‚По три дни ќе воскреснам.‘
64Затоа нареди да се причува гробот до третиот ден, за да не отидат учениците Негови ноќе и да Го украдат, па да му речат на народот: ‚Воскресна од мртвите!‘ Та последната измама ќе биде полоша од првата.«
65Пилат им рече: »Имате стража; одете и направете како што знаете.«
66Тие отидоа и со стража го осигураа гробот, и каменот го запечатија.

Currently Selected:

Матеј 27: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy