Матеј 19
19
За бракот. Исус ги благословува децата. За богатиот младич.
1Кога ги заврши Исус тие зборови, тргна од Галилеја и пристигна во пределите Јудејски, отаде Јордан.
2По Него појде многу народ и Он ги исцели таму.
3И дојдоа кај Него фарисеите што Го искушуваа, па Му рекоа: »Може ли човек да ја остави жената своја за каква и да било причина?«
4Он им одговори и рече: »Не сте ли читале дека Оној што ги создаде во почетокот, ‚маж и жена ги создаде‘ и рече:
5‚Затоа ќе остави човек татко и мајка и ќе се прилепи до жената своја и ќе бидат обата едно тело.‘
6Па така, тие веќе не се двајца, а едно тело. А Бог што составил, човек да не разделува.«
7Тие Му рекоа: »Зошто тогаш Мојсеј заповеда да ѝ даде мажот разводно писмо и да ја напушти?«
8Он им одговори: »Заради вашите жестоки срца Мојсеј ви разрешил да ги оставате жените свои; но во почетокот не беше така.
9Јас, пак, ви велам: оној што ќе ја остави својата жена, освен поради прељуба, и се ожени со друга, тој прави прељуба; и оној, што ќе се ожени со напуштена, прељубодејствува.«
10А учениците Негови Му рекоа: »Ако е таков долгот на човекот кон жената, тогаш не треба ни да се жени?«
11Но Он рече: »Не сите го примаат овој збор, а само оние, на кои им е дадено;
12зашто има скопени, така родени од мајчината утроба; а има скопени и од луѓе, но има и такви што се скопени само заради царството небесно. Кој може да прими, нека прими.«
13Тогаш доведоа при Него деца за да ги положи рацете над нив и да се помоли, а учениците им бранеа.
14Но Исус рече: »Оставете ги децата и не пречете им да доаѓаат при Мене, зашто на такви е царството небесно.«
15И кога ги положи рацете над нив, Исус си отиде оттаму.
16И ете, еден човек, кога пристапи до Него, Му рече: »Учителе добар, какво добро треба да направам за да имам живот вечен?«
17А Он му одговори: »Зошто Ме наречуваш добар? Никој не е добар освен единиот Бог. А ако сакаш да влезеш во животот, пази ги заповедите.«
18Тој Му рече: »Кои?« А Исус одговори: »Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно;
19почитувај ги татка си и мајка си; сакај ги ближните свои како себеси!«
20Младиот човек Му рече: »Сето тоа сум го запазил од младини; што ми е уште потребно?«
21Исус му кажа: »Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене!«
22Штом ги чу младиот човек тие зборови, си отиде нажален, оти имаше голем имот.
23А Исус им рече на учениците Свои: »Вистина, ви велам, богат мачно ќе влезе во царството небесно;
24и уште ви велам: полесно ѝ е на камилата да мине низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во царството Божјо.«
25Кога го чуја тоа учениците, многу се зачудија и рекоа: »Тогаш кој може да се спаси?«
26А Исус, кога погледна на нив, им рече: »За луѓето тоа не е можно, но за Бога сѐ е можно.«
27Тогаш Петар одговори и Му рече: »Ете, ние оставивме сѐ и по Тебе одиме: што ќе стане, пак, со нас?«
28А Исус им рече: »Вистина, ви велам, дека вие што врвите по Мене, при повторното раѓање, кога Синот Човечки ќе седне на престолот на славата Своја ќе седнете и вие над дванаесет престоли и ќе судите над дванаесетте Израилеви колена;
29и секој што остави куќа, или брат, или сестра, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, заради Моето име ќе наследи стопати повеќе и ќе добие живот вечен.
30И мнозина први ќе бидат последни, а последните први.«
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016