Матеј 17
MK1990

Матеј 17

17
Христовото преображение. Исцелување на еден месечар. Второто кажување за страдањата. Данок за храмот.
1А по шест дни ги зеде Исус со Себе Петра, Јакова и брата му Јована, и ги изведе во висока гора сами;
2и се преобрази пред нив; и лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина.
3И ете, им се јавија Мојсеј и Илија, кои разговараа со Него.
4Тогаш Петар Му одговори на Исуса и рече: »Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш да направиме тука три сеници: една за Тебе, една за Мојсеја и една за Илија.«
5Додека уште говореше тој, ете, ги засени светол облак; и се чу глас од облакот, кој велеше: »Овој е Мојот Возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го!«
6И кога го чуја тоа учениците, паднаа ничкум и многу се уплашија.
7Но Исус, штом се приближи, се допре до нив и им рече: »Станете и не бојте се!«
8А тие, кога ги подигнаа очите, не видоа некој друг освен Исуса.
9А кога слегуваа од планината, Исус им заповеда и рече: »Никому не кажувајте што видовте, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите!«
10Потоа учениците Негови Го прашаа, говорејќи: »Зошто, пак, книжниците велат дека најнапред треба да дојде Илија?«
11Исус им одговори и рече: »Илија ќе дојде порано и ќе уреди сѐ;
12но ви велам дека Илија веќе дојде и не го познаа, туку му направија како што сакаа; така и Синот Човечки ќе пострада од нив.«
13Тогаш учениците разбраа, дека Он им зборува за Јована Крстител.
14Кога дојдоа при народот, пристапи кон Него еден човек, кој падна на колена
15и рече: »Господи, смилувај се на мојот син, зашто при нов месец го фаќа бес и се мачи многу; често паѓа во оган и често – во вода;
16го одведов при Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат.«
17А Исус одговори и рече: »О, роде неверен и развратен! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука!«
18И му нареди Исус на бесот и тој излезе од момчето; и тоа оздраве во тој час.
19Тогаш учениците пристапија кон Исуса насамо и Му рекоа: »Зошто не можевме ние да го истераме?«
20А Исус им рече: »Заради вашето неверие: зашто, вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете ли на оваа планина: ‚Премести се одовде таму?‘ и таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно.
21Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост.«
22А кога беа во Галилеја, Исус им рече: »Синот Човечки ќе биде предаден во раце човечки,
23и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.« И тие многу се нажалија.
24А кога пристигнаа во Капернаум, се приближија до Петра оние, што собираа дидрахми и му рекоа: »Учителот ваш не плаќа ли дидрахми?«
25Тој одговори: »Плаќа.« И кога влезе дома, Исус го испревари и рече: »Како ти се чини, Симоне? Земните цареви од кого земаат царина или данок? Од своите синови или од туѓи?«
26Петар Му одговори: »Од туѓите.« Исус му рече: »Значи, синовите не плаќаат;
27но, за да не ги соблазниме, отиди до морето, фрли јадица и првата риба, што ќе се улови, земи ја; и, кога ќе ѝ ја отвориш устата, ќе најдеш статир; земи го и подај им го за Мене и за себе!«

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2017
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2017


Learn More About Свето Писмо (Гаврилова) 1990