Матеј 14
14
Отсекување главата на Јована Крстител. Исус нахранува пет илјади луѓе, оди по море и му помага на Петра кој тоне. Ги исцелува сите што се допираат до Него.
1Во тоа време гласот за Исуса дојде и до Ирода, четворовласникот;
2и им рече на своите потчинети: »Тоа е Јован Крстител; тој воскреснал, па затоа и стануваат чудеса преку него.«
3Зашто Ирод, кога го фати Јована, го врза и го фрли во затвор заради Иродијада, жената на брата му Филипа;
4бидејќи Јован му велеше: »Не бива да е твоја!«
5И сакаше да го убие, но се боеше од народот, оти го сметаа за пророк.
6И кога беше родениот ден на Ирода, ќерката Иродијадина играше пред гостите и му угоди на Ирода;
7затоа, тој со клетва ѝ вети дека ќе ѝ даде што и да побара.
8И таа, научена од мајка си, рече: »Дај ми ја овде на табла главата на Јована Крстител!«
9И се загрижи царот; но заради клетвата и гостите свои, нареди да ѝ ја дадат.
10Па прати, та ја отсекоа главата на Јована во затворот.
11И ја донесоа главата негова на табла и ѝ ја дадоа на девојката, а таа ја однесе на мајка си.
12Учениците, пак, негови, како дојдоа, го дигнаа неговото тело и го погребаа; па отидоа и Му јавија на Исуса.
13Штом го чу тоа Исус, замина оттаму на кораб, во пусто место, Сам; а народот, штом узна за тоа, тргна по Него пеш од градовите.
14И кога излезе Исус, виде многу свет; и се смили над нив и ги излекува нивните болни.
15А на стемнување се приближија до Него учениците Негови и рекоа: »Овде е местово пусто, а и доцна е веќе; пушти го народот да отиде по селата и да си купи храна.«
16Но Исус им рече: »Нема потреба да одат; дајте им вие да јадат!«
17А тие Му рекоа: »Ние имаме само пет лебови и две риби.«
18Он им рече: »Донесете Ми ги тука!«
19И како му заповеда на народот да седне по тревата, ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото, ги благослови и како ги прекрши, ги даде лебовите на учениците, а учениците – на народот.
20И јадеа сите и се наситија; и кренаа дванаесет кошеви полни со останати парчиња.
21А оние што јадеа, беа околу пет илјади души, освен жените и децата.
22И веднаш ги покани Исус учениците Свои да влезат во кораб и да минат на другата страна пред Него, дури да го распушти народот.
23Па штом го распушти народот, Он се искачи на планината, за да се помоли насамо. И таа вечер остана таму Сам.
24А коработ беше веќе на сред море и брановите го удираа, зашто ветрот беше спротивен.
25Но на четвртата стража, преку ноќта, дојде Исус при нив, одејќи по морето.
26А учениците, штом Го видоа како оди по морето, се уплашија и рекоа: »Тоа е привидение« и од страв извикаа.
27Но Исус веднаш почна да зборува со нив и им рече: »Не бојте се! Јас сум, не плашете се!«
28А Петар, одговарајќи Му, рече: »Господи, ако си Ти, позволи да дојдам при Тебе во водата!«
29И Исус му рече: »Дојди!« Па штом излезе од коработ, Петар тргна по водата за да оди при Исуса;
30но, кога го виде силниот ветар, се уплаши, почна да потонува и извика: »Господи, спаси ме!«
31Исус веднаш му подаде рака, го фати и му рече: »Маловернику, зошто се посомнева?«
32И кога влегоа во коработ, ветрот престана.
33А оние, што беа во коработ, се приближија до Него, Му се поклонија и рекоа: »Навистина, Ти си Син Божји!«
34Па откако преминаа, дојдоа во земјата Генисаретска.
35Луѓето од тоа место, штом Го познаа, разгласија по целата таа околија и ги донесоа при Него сите болни.
36И Го молеа да се допрат барем до крајот од Неговата облека; и тие, штом се допираа, се излекуваа.
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016