YouVersion Logo
Search Icon

Матеј 10

10
Исус ги праќа дванаесетте Свои ученици, ги овластува и ги упатува.
1И кога ги повика Своите дванаесет ученици, им даде власт над нечистите духови, да ги изгонуваат и да лекуваат секаква болест и секаква немоќ.
2А имињата на дванаесетте апостоли се овие: првиот Симон, наречен Петар, и Андреј, брат негов; Јаков Зеведеев и Јован, братот негов;
3Филип и Вартоломеј, Тома и Матеј митникот, Јаков Алфеев и Левиј, наречен Тадеј,
4Симон Кананит и Јуда Искариот, кој и Го предаде.
5Тие дванаесет души ги испрати Исус и им заповеда, говорејќи: »По пат кон незнабошци не одете и во самарјански град не влегувајте;
6а одете највеќе при загубените овци на Израилевиот дом;
7И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно;
8болни лекувајте, лепрозни очистувајте, мртви воскреснувајте, бесови изгонувајте! Бесплатно добивте, бесплатно давајте!
9Не носете во појасите ваши ни злато, ни сребро, ниту бакар,
10ни торба за пат, ни двојни алишта, ниту обувки, ниту стап; зашто работникот ја заслужува својата награда!
11А штом влезете во некој град или село, распрашајте кој е во него достоен и таму останете, додека не си отидете.
12И кога ќе влезете во некоја куќа, поздравете ја говорејќи: ‚Нека е мир на таа куќа!‘
13И ако куќата биде достојна, вашиот мир нека дојде на неа; ако ли не е достојна, тогаш вашиот мир нека се врати при вас!
14Ако, пак, негде не ве примат и не ги послушаат зборовите ваши, излезете од таа куќа или од тој град и истресете го правот од нозете ваши!
15Вистина ви велам: полесно ќе ѝ биде на земјата Содомска и Гоморска во судниот ден отколку на тој град.
16Ете, Јас ве праќам како овци меѓу волци: бидете мудри како змии и незлобни како гулаби.
17Пазете се од луѓето, зашто тие ќе ве предадат на судовите, и по синагогите нивни ќе ве бијат.
18И ќе ве одведат пред управници и цареви заради Мене, за да сведочите пред нив и пред незнабошците.
19Кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во тој час ќе ви биде дадено што да кажете;
20бидејќи не сте вие што ќе говорите, а Духот на вашиот Отец ќе говори во вас.
21И ќе предаде брат брата си на смрт, и татко чедото свое; и ќе станат деца против родителите и ќе ги убијат;
22и ќе бидете намразени од сите заради Моето име, но, кој претрпи до крај, ќе биде спасен.
23Ако ве падат од еден град, бегајте во друг. Зашто, вистина, ви велам: нема да ги обиколите Израилевите градови, додека дојде Синот Човечки.
24Нема ученик поголем од својот учител, ниту слуга – поголем од својот господар;
25доста е за ученикот да биде како неговиот учител и на слугата да биде како неговиот господар. Ако стопанот на куќата го нарекле Велзевул, тогаш колку повеќе неговите домашни?
26И така, не плашете се од нив; зашто нема ништо сокриено, што не ќе се открие, или тајно, а да не се узнае.
27Тоа што ви го говорам во темнина, кажете го на видело; и она што го слушате на увото, разгласувајте го од покривите!
28И не бојте се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; туку бојте се повеќе од Оној, Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот!
29Не се продаваат ли две врапчиња за еден асариј? И ни едно од нив нема да падне на земја без волјата на вашиот Отец.
30А вам и влакната на главата ви се изброени.
31Но не плашете се: вие сте поскапи од многу врапчиња.
32И така, секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Отец небесен.
33А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен.
34Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата; не дојдов да донесам мир, туку меч.
35Зашто дојдов да разделам човек од татка си, и ќерка од мајка си, и снаа од свекрвата нејзина.
36И непријатели на човека ќе бидат неговите домашни.
37Кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој милува син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене;
38и кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене.
39Кој ќе ја запази душата своја, ќе ја загуби, а кој ќе ја загуби душата своја заради Мене, ќе ја зачува.
40Кој ве прима вас, Ме прима Мене; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил.
41Кој прима пророк во пророчко име, ќе добие пророчка награда; и кој прима праведник во праведничко име, ќе добие праведничка награда.
42И кој напои еден од овие мали само со чаша студена вода како Мој ученик, вистина ви велам, нема да ја загуби својата награда.«

Currently Selected:

Матеј 10: MK1990

Highlight

Share

Copy

None

Want to have your highlights saved across all your devices? Sign up or sign in

YouVersion uses cookies to personalize your experience. By using our website, you accept our use of cookies as described in our Privacy Policy