Chapa ya Youversion
Ikoni ya Utafutaji

Ппророк Језекиил 37

37
Израилевото воскресение.
1И би раката Господова врз мене и Господ ме изведе преку духот, ме постави среде полето – а тоа беше полно со коски,
2и ме проведе околу нив, а таму имаше многу, многу коски во полето и тие беа наполно суви.
3И ми рече: »Сине човечки, ќе оживеат ли овие коски?« И реков: »Господи Боже, Ти го знаеш тоа.«
4Па ми рече – изречи пророштво за тие коски и кажи им: »Коски суви, чујте го словото Господово!«
5Така им вели Господ Бог на оние коски – еве, Јас ќе внесам во вас дух и вие ќе оживеете.
6Ќе ви дадам жили, ќе направам на вас да израсне месо, ќе ве покријам со кожа и ќе вдахнам во вас дух, па ќе оживеете и ќе познаете, дека Јас сум Господ. –
7Јас го изреков ова пророштво како што ми беше заповедано, и кога пророкував, се чу шум, и, ете, движење, па почнаа коските да се зближуваат, секоја коска до својата коска.
8И видов, ете, имаше жили на нив, и месо израсна, кожа ги покри одозгора, но дух немаше во нив.
9Тогаш Он ми рече – изречи пророштво за духот, изречи пророштво сине човечки, и кажи му на духот, вака вели Господ Бог: дојди од четирите ветра, духу, и дувни врз овие убиени и тие ќе оживеат.
10И јас го изреков ова пророштво како што ми заповеда Он и влезе во нив дух – и тие оживееја и се исправија на нозете свои – многу, многуброен народ.
11Тогаш Он ми рече – сине човечки, овие коски се сиот дом Израилев. Ете, тие велат: »Се исушија нашите коски, и загина нашата надеж – ние сме истргнати од коренот.«
12Затоа изречи пророштво и кажи им – вака вели Господ Бог: »Еве, Јас ќе ги отворам гробовите ваши и ќе ве изведам, народе Мој, од гробовите ваши и ќе ве воведам во земјата Израилева.
13И ќе познаете, дека Јас сум Господ, кога ќе ги отворам гробовите ваши и ќе ве изведам, народе Мој, од гробовите ваши.
14Ќе вдахнам во вас од Мојот дух и ќе оживеете, ќе ве населам во вашата земја, па ќе познаете дека Јас, Господ, го реков тоа, и го извршив, вели Господ.«
15И би слово Господово до мене:
16»Ти, сине човечки, земи жезал и напиши на него: ‚на Јуда и на синовите Израилеви, неговите сојузници‘, и пак земи друг жезал и напиши на него: ‚на Јосифа‘. Тоа е жезалот на Ефрема и на сиот Израилев дом, негов сојузник.
17И соедини ги во себе еден со друг во еден жезал, така што во раката да бидат едно.
18А кога те прашаат синовите на твојот народ: ‚нема ли да ни објасниш, што значи тоа?‘
19тогаш речи им – така вели Господ Бог: ‚Еве, Јас ќе го земам Јосифовиот жезал, кој е во раката на Ефрема и на неговите сојузници, Израилевите колена, и ќе ги додадам кон него, кон жезалот на Јуда, и ќе го направам еден жезал, и тие ќе бидат едно во Мојата рака.‘
20Кога, пак, двата жезла, на кои ќе напишеш, ќе бидат во твојата рака пред очите нивни,
21тогаш кажи им – вака вели Господ Бог: ‚Еве, Јас ќе ги земам синовите Израилеви меѓу народите, помеѓу оние, кај кои се наоѓаат, ќе ги соберам сите и ќе ги доведам во нивната земја.
22Во таа земја по планините Израилеви Јас ќе ги направам еден народ и еден цар ќе биде цар над сите нив и нема да има повеќе два народа, и нема повеќе да се делат на две царства.
23И нема веќе да се осквернуваат со своите идоли, со своите гадотии и со разни свои пороци; ќе ги извлечам од сите нивни живеалишта, каде што грешеле, и ќе ги очистам, – и ќе бидат Мој народ и Јас ќе бидам нивни Бог.
24А слугата Мој Давид ќе биде Цар над нив и Пастир на сите нив; тие ќе одат по Моите заповеди и уредбите Мои ќе ги пазат, и ќе ги исполнуваат.
25Тие ќе живеат во земјата, која му ја дадов на мојот слуга Јакова, во која живееја татковците нивни; таму ќе живеат вечно, тие и децата нивни и внуците нивни; а Мојот слуга Давид ќе биде кнез при нив засекогаш.
26Ќе склучам со нив завет за мир, вечен ќе биде заветот со нив. И ќе ги средам, ќе ги размножам и ќе го поставам меѓу нив Моето светилиште засекогаш.
27И при нив ќе биде Моето живеалиште, па ќе бидат нивни Бог, а тие ќе бидат Мој народ.
28И ќе познаат народите, дека Јас сум Господ, Кој го осветува Израилот кога Моето светилиште ќе биде помеѓу нив засекогаш.‘«

Kuonyesha

Shirikisha

Nakili

None

Je, ungependa vivutio vyako vihifadhiwe kwenye vifaa vyako vyote? Jisajili au ingia