Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Филипјаните 1:18-26

Филипјаните 1:18-26 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Но без оглед на тоа дали мотивите се чисти или не, се проповеда за Христос! А јас на тоа се радувам и ќе продолжам да се радувам, бидејќи знам дека преку вашите молитви и со помошта што доаѓа од Духот на Исус Христос сето ова ќе биде за мое избавување. Јас најискрено се надевам и посакувам во ништо да не потфрлам, исполнувајќи ја својата должност. Сакам секогаш, а посебно сега, да бидам полн со храброст, и со целото мое битие да Му донесам слава на Христос, било преку мојот живот, или преку мојата смрт. Што е животот? За мене тоа е Христос! Што е смртта? За мене тоа е чиста добивка! Но ако останам жив ќе можам плодно да работам за Христос. Затоа, кога би требало јас да избирам, не знам што би одбрал. Растргнат сум од овие две желби: да го напуштам овој живот и да бидам со Христос, зашто за мене тоа е далеку подобро, или да останам овде, во тело, што би било многу покорисно за вас. Со таа увереност ќе останам со сите вас и ќе продолжам да работам, за да напредувате и да се радувате во верата, па кога повторно ќе бидам со вас ќе имате уште поголема причина да се гордеете со вашата вера во Исус Христос и со мене.

Филипјаните 1:18-26 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Другите, пак, проповедаат од љу­бов, знаејќи дека јас сум поставен да го бранам Евангелието. Зашто знам дека тоа ќе ми послужи за спасение со вашата молитва и преку дејството на Духот на Исус Христос, како што очекувам со нетрпение и се надевам дека во ништо нема да се по­срамам, но со сета моја храброст, како секогаш, така и сега, ќе се возвеличи Христос во моето тело – било со живот, било со смрт. За мене, „да се живее“ значи Хрис­тос, а „да се умре“ – придобивка. Ако, пак, живеењето мое во тело ми придонесува плод на делото, тогаш што да одберам не знам. Измачуван сум и од едното, и од другото: сакам да заминам и да бидам со Христос, бидејќи тоа е многу по­доб­ро; но да останам во телото е попотребно за вас. Уверен во тоа, знам дека ќе оста­нам и ќе пребивам со сите вас за ваш напредок и радост на верата, та пофалбата ваша во Христос Исус да се умножува преку мене, кога повторно ќе дојдам кај вас.

Филипјаните 1:18-26 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Но што тогаш? Само тоа: дека на секој начин, било дволично или искрено, Христос се проповеда. И му се радувам на тоа, а и ќе се радувам, зашто знам дека ова - преку вашата молитва и помошта на Духот на Исуса Христа, ќе ми биде за избавување, согласно моето цврсто очекување и надеж, дека во ништо нема да се засрамам; но како и секогаш во сета смелост, така и сега, Христос ќе се возвеличи во моето тело, било преку живот, или преку смрт. Зашто за мене живот е Христос, а умирањето - придобивка. Но ако и натаму живеам во телото, тоа за мене значи: плодна работа - и не знам што да изберам. Притиснат сум од две страни: имам желба да си отидам и да бидам со Христа, што е далеку подобро, но заради вас е попотребно да останам во телото. И наполно уверен во тоа, знам дека ќе останам и ќе продолжам со сите вас, за ваше напредување и за радост во верата. И вашата пофалба во Христа Исуса да биде уште поизобилна во мене, заради моето повторно доаѓање меѓу вас.