Јаков 1:9-18
Јаков 1:9-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Христијаните што се сиромашни треба да се гордеат со својот возвишен позив, а богатите - со понизност. Богатите ќе прецветаат како дивите цветови. Ќе огрее жешкото сонце, ќе ја исуши тревата, па дивите цветови ќе се исушат и сета нивна убавина ќе исчезне. Така е и со богатите. Ќе овенат презафатени со она што го работат. Благословен е оној човек, што и покрај искушенијата низ кои минува, останува верен. Откако ќе го помине испитот, Бог ќе го награди со вечен живот, како што им вети на сите што Го сакаат. Никој, кога е во искушение да направи нешто грешно, нека не вели: „Бог ме искушува со грев!“ Ниту Бог Себеси се проверува со грев, ниту пак вас ве проверува со грев. Секој паѓа во искушение тогаш кога ќе го намамат и ќе го фатат во стапица неговите сопствени, необуздани страсти. Кога необузданата страст ќе се зачне, таа раѓа грев, а растењето на гревот доведува до смрт. Мили мои, не дозволувајте да бидете измамени. Секој добар и совршен дар доаѓа од небото, од Бог, од Оној што ги создал небесните светила. Но за разлика од нив, Тој никогаш не се менува, кај Него нема сенка која би била резултат на поместување! Тој сакаше ние да бидеме првнина меѓу сите Негови созданија и затоа ни ја испрати вистинската порака, за да ни даде ново раѓање.
Јаков 1:9-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Братот, кој е на пониска положба, нека се фали со возвишеноста своја, а богатиот – со својата понизност, бидејќи тоа е минливо како цвет од трева; зашто како што сонцето огрева и со својата жега ја исушува тревата, и цветот нејзин отпаѓа, и убавината на нејзиниот изглед исчезнува, така ќе овене и богатиот во својот пат. Блажен е оној човек кој издржува искушение, бидејќи откако ќе биде проверен, ќе добие венец на животот, што Господ им го ветил на оние кои Го сакаат. Ниеден, кога е во искушение да не вели: „Бог ме искушува“, бидејќи Бог со зло не се искушува, и Тој никого не искушува, но секого го искушува неговата похота која го влече и мами. Потоа похотта, откако ќе се зачне, раѓа грев, а гревот, извршен, раѓа смрт. Не мамете се, браќа мои возљубени. Секој добар дар и секој совршен подарок иде озгора, симнувајќи се од Отецот на светлината, во Кого нема промени ни сенка од измена. Зашто Тој нѐ роди по својата волја преку словото на вистината, за да бидеме првина меѓу Неговите созданија.
Јаков 1:9-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Бедниот брат да се фали во својата возвишеност, а богатиот во својата понизност, зашто ќе помине како цветот на тревата. Зашто сонцето изгреа со жега и ја осуши тревата, па нејзиниот цвет отпадна и исчезна убавината на нејзиниот изглед. Така и богатиот ќе овене во своите патишта. Блажен е човекот, кој поднесува искушение, зашто кога ќе биде испитан, ќе прими венец на живот, што Бог им го ветил на оние, кои Го љубат. Ниеден, кој е искушуван, да не рече: „Бог ме искушува.“ Зашто, Бог не се искушува од злото, и Самиот никого не искушува. Туку, секого го искушува неговата сопствена похот, која го влече и го мами. Потоа похотта зачнува и раѓа грев, а направениот грев раѓа смрт. Не заблудувајте се, возљубени браќа мои. Секој добар дар и секој совршен подарок доаѓа одозгора, од Таткото на светлината, во Кого нема измени, ниту сенка од промена. Тој нѐ роди според Својата волја преку Словото на вистината, за да бидеме првина на Неговите созданија.