Јаков 1:21-26
Јаков 1:21-26 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Затоа отфрлете ја сета нечистотија и сето зло што е во вас, па понизно прифатете ја пораката што Бог ја насади во вашите срца и што може да ве спаси. Немојте само да слушате и со тоа да се залажувате. Исполнувајте го тоа што ќе го чуете! Тој што слуша, а не исполнува, е како човек што ќе се погледне во огледало, и ќе си замине, заборавајќи како изгледа! Само оној што ќе се задлабочи во совршениот Закон, Законот што ослободува, и секогаш ќе се придржува до него, не заборавајќи го она што го слушнал, туку исполнувајќи го, ќе биде благословен од Бог во се што работи. Ако се сметаш за побожен, а не го обуздуваш својот јазик, ти само се залажуваш - твојата побожност е безвредна!
Јаков 1:21-26 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Затоа, отфрлувајќи од себеси секаква нечистота и насобрана злоба, со кроткост примете го насаденото слово, кое може да ги спаси вашите души. Бидете извршители на словото, а не само слушатели, мамејќи се сами себе. Зашто, кој го слуша словото, а не го извршува, тој прилега на човек кој го гледа своето сопствено лице во огледало; ќе се погледне, па ќе си замине, и веднаш заборава каков бил. Но кој ќе се задлабочи во совршениот Закон на слободата и остане во него, тој, бидејќи не е заборавлив слушател, туку извршител кој дејствува, ќе биде блажен во своето дејствување. Ако некој од вас мисли дека е побожен, а не го зауздува јазикот свој, туку го мами срцето свое, неговата побожност е суетна.
Јаков 1:21-26 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Затоа отфрлете од себе: секаква нечистота, и последниот остаток на злобата, и примете го со кротост во вас насаденото Слово, кое може да ги спаси вашите души. Но бидете извршители на Словото, а не само слушатели, кои се измамуваат себеси. Зашто, кој го слуша Словото, а не го извршува, сличен е на човек, кој го набљудува своето природно лице во огледало; ќе се погледне и ќе замине, и веднаш заборава каков бил. А кој ќе се загледа во совршениот закон на слободата и остане во него, не како заборавлив слушател, туку како вистински извршител, тој ќе биде блажен во својата дејност. Ако некој мисли дека е побожен, а не го зауздува својот јазик, туку го мами своето срце, неговата побожност е суетна.