Јаков 1:17-22
Јаков 1:17-22 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Секој добар и совршен дар доаѓа од небото, од Бог, од Оној што ги создал небесните светила. Но за разлика од нив, Тој никогаш не се менува, кај Него нема сенка која би била резултат на поместување! Тој сакаше ние да бидеме првнина меѓу сите Негови созданија и затоа ни ја испрати вистинската порака, за да ни даде ново раѓање. Драги мои пријатели: повеќе слушајте, а помалку зборувајте и воздржувајте се од гневење. Гневот не води кон правичност каква што Бог очекува од нас. Затоа отфрлете ја сета нечистотија и сето зло што е во вас, па понизно прифатете ја пораката што Бог ја насади во вашите срца и што може да ве спаси. Немојте само да слушате и со тоа да се залажувате. Исполнувајте го тоа што ќе го чуете!
Јаков 1:17-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Секој добар дар и секој совршен подарок иде озгора, симнувајќи се од Отецот на светлината, во Кого нема промени ни сенка од измена. Зашто Тој нѐ роди по својата волја преку словото на вистината, за да бидеме првина меѓу Неговите созданија. И така, мои возљубени браќа, секој човек нека биде брз за слушање, а спор за зборување, и бавен за гнев, бидејќи човечкиот гнев не ја извршува Божјата правда. Затоа, отфрлувајќи од себеси секаква нечистота и насобрана злоба, со кроткост примете го насаденото слово, кое може да ги спаси вашите души. Бидете извршители на словото, а не само слушатели, мамејќи се сами себе.
Јаков 1:17-22 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Секој добар дар и секој совршен подарок доаѓа одозгора, од Таткото на светлината, во Кого нема измени, ниту сенка од промена. Тој нѐ роди според Својата волја преку Словото на вистината, за да бидеме првина на Неговите созданија. Знајте го ова, возљубени браќа мои: секој човек да биде брз во слушањето, а бавен во зборувањето, бавен на гнев, зашто човечкиот гнев не создава правда пред Бога. Затоа отфрлете од себе: секаква нечистота, и последниот остаток на злобата, и примете го со кротост во вас насаденото Слово, кое може да ги спаси вашите души. Но бидете извршители на Словото, а не само слушатели, кои се измамуваат себеси.