Галатјаните 5:2-12
Галатјаните 5:2-12 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Слушнете ме сега! Јас, Павле, ви тврдам дека ако се надевате преку обрежувањето да се спасите, тогаш Христос не може да ви помогне. Уште еднаш ќе ви нагласам дека секој што ќе се обреже е должен да го спроведува целиот Мојсеев Закон. Тие што се обидуваат да се помират со Бог преку придржување кон Мојсеевиот Закон, се одвојуваат од Христос и ја губат Неговата благонаклоност. А ние, христијаните, со нетрпение очекуваме да бидеме оправдани, но преку Светиот Дух и преку вера. За тој што верува во Исус Христос нема никакво значење дали е обрежан или не. Важно е да имате делотворна вера и таа да се искажува преку љубов. Добро напредувавте. Кој ве спречи да продолжите да ја следите вистината? Тоа сигурно не е Бог, зашто Тој ве избра. Малку квасец треба за да скисне целото тесто! Јас сепак верувам дека Господ ќе ве одржи за да не отстапите од вистината, а оние што ве збунуваат, кои и да се, ќе си ја добијат заслужената казна. Што се однесува до обвинувањата против мене, драги пријатели христијани, дека јас се уште проповедам оти обрежувањето е неопходно, зошто тогаш Евреите ме прогонуваат? Да е така, она што јас го проповедам за Христовиот крст не би претставувало камен на сопнување за нив. Би сакал оние што ве збунуваат терајќи ве да се обрежете, да не застанат на обрежувањето, туку самите себе и да се кастрираат!
Галатјаните 5:2-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Еве, јас, Павле, ви велам: ако се обрезувате, Христос ништо нема да ви помогне. А му сведочам пак на секој човек што се обрезува дека тој е должен да го почитува целиот Закон. Вие, што посакавте да се оправдувате со Законот, Го изгубивте Христос, отпаднавте од благодатта; а ние се надеваме и очекуваме оправдание од верата преку Духот. Зашто во Христос Исус ниту обрезанието има сила, ниту необрезанието, туку верата, која дејствува преку љубовта. Вие трчавте добро: кој ви попречи да не се покорувате на вистината? Тоа убедување не е од Оној Кој ве повика. Малку квас го потквасува целото тесто. Јас сум уверен за вас во Господ дека вие нема да мислите инаку; а оној, кој ве збунува, – кој и да бил, – ќе претрпи осуда. А јас, браќа, ако обрезанието уште го проповедам, тогаш за што ќе ме гонат? Тогаш би исчезнала соблазната од крстот. О, да беа отсечени оние што ве бунеа!
Галатјаните 5:2-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Еве, јас, Павле, ви велам: ако се обрезувате, Христос никако нема да ви користи. И пак му сведочам на секој човек, кој се обрезува, дека е должен да го исполни целиот Закон. Се одвоивте од Христа вие, кои сакате да се оправдате преку Законот; отпаднавте од благодатта. Зашто ние, преку Духот, преку верата, ја очекуваме надежта на правдата. Зашто во Христа Исуса ниту обрезанието има вредност, ниту необрезанието, туку верата, која дејствува преку љубовта. Трчавте добро! Кој ви попречи да не се покорувате на вистината? Тоа одвраќање не е од Оној, Кој ве повика. Малку квас го потквасува целото тесто. Јас сум уверен за вас во Господа, дека нема да мислите инаку. А кој ве буни ќе претрпи осуда, кој и да бил! Ако пак јас, браќа, уште го проповедам обрезанието, зошто уште ме гонат? Во тој случај се укинува соблазната од крстот! О, да се отсечеа оние, кои ве бунат!