Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ГАЛАТЈАНИТЕ 5

5
Вистинска слобода
1Христос нѐ ослободи за слободата. Според тоа, стојте цврсто и не потчинувајте му се пак на ропскиот јарем. 2Еве, јас, Павле, ви велам: ако се обрезувате, Христос никако нема да ви користи. 3И пак му сведочам на секој човек, кој се обрезува, дека е должен да го исполни целиот Закон. 4Се одвоивте од Христа вие, кои сакате да се оправдате преку Законот; отпаднавте од благодатта. 5Зашто ние, преку Духот, преку верата, ја очекуваме надежта на правдата. 6Зашто во Христа Исуса ниту обрезанието има вредност, ниту необрезанието, туку верата, која дејствува преку љубовта.
7Трчавте добро! Кој ви попречи да не се покорувате на вистината? 8Тоа одвраќање не е од Оној, Кој ве повика. 9Малку квас го потквасува целото тесто. 10Јас сум уверен за вас во Господа, дека нема да мислите инаку. А кој ве буни ќе претрпи осуда, кој и да бил! 11Ако пак јас, браќа, уште го проповедам обрезанието, зошто уште ме гонат? Во тој случај се укинува соблазната од крстот! 12О, да се отсечеа оние, кои ве бунат!
13Зашто вие, браќа, повикани сте кон слобода; само слободата да не ви биде повод за угодување на телото, туку со љубов служете си еден на друг. 14Зашто целиот Закон е исполнет во еден збор - во: „Љуби го својот ближен како самиот себе!“ 15Ако пак се гризете и јадете еден со друг, пазете да не се истребите еден со друг.
Дух и тело
16А велам: одете во Духот и нема да ги исполнувате страстите на телото, 17зашто телото копнее против Духот, а Духот против телото; зашто тие се противат еден на друг, за да не го правите она, што сакате. 18Но, ако Духот ве води не сте под Законот. 19А делата на телото се познати; тоа се: блудство, нечистота, бесрамност, 20идолопоклонство, вражање, непријателства, препирка, ревнување, гнев, себичност, раздори, кривоверства; 21зависти, убиства, пијанства, срамни гозби, и слични на овие, за кои ви зборувам однапред, како што ви реков и порано: дека оние, кои прават такви работи, нема да го наследат Божјото Царство. 22А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, трпението, љубезноста, добрината, верноста, кротоста, самоконтролата; 23нема закон против вакви нешта. 24А оние кои се Христови го распнаа своето тело со неговите страсти и похоти. 25Ако живееме во Духот, нека и да Го следиме Духот! 26Да не бидеме полни со суетно славољубие! Да не се предизвикуваме еден со друг! Да не си завидуваме еден на друг!

Селектирано:

ГАЛАТЈАНИТЕ 5: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност