Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Колосјаните 4:2-18

Колосјаните 4:2-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Посветете се на молитва, будно и со благодарност. Молете се и за нас, Бог да ни отвори патишта, па Неговата порака да се шири и да се објаснува тајната за Христос. Токму заради тоа сега јас сум в затвор. Молете се пораката да ја објаснувам разбирливо, онака како што треба. Однесувајте се мудро спрема оние што не се христијани и користете ја секоја можност. Зборувајте љубезно, умесно и концизно; давајте му умешен одговор на секој што ќе ви постави прашање. Мојот драг пријател Тихик, кој верно работи со нас и Му служи на Господ, ќе ви раскаже се што ве интересира за мене. Го праќам токму заради тоа, да ви каже како сме и да ве охрабри. Со него ќе дојде и вашиот земјак Онисим, кој е наш верен и многу мил брат по вера. Тие ќе ви раскажат за се што се случува овде. Ве поздравува Аристарх. И тој е в затвор со мене. Ве поздравува и Марко, братучедот на Барнаба. Ако дојде кај вас, прифатете го, како што веќе ви пишавме. Ве поздравува и Исус, меѓу нас познат како Јуст. Овие тројца се единствените христијани од Евреите што работат со мене за Божјото царство. Тие се големо охрабрување за мене. Ве поздравува и вашиот сограѓанин Епафрас, кој сега е во служба на Исус Христос. Тој ревносно се моли за вас, да бидете цврсти, да станете зрели христијани, уверени во целата Божја волја. Јас лично сум сведок колку ревносно се залага тој за вас, како и за христијаните во Лаодикеја и во Хиераполис. Ве поздравуваат нашиот драг лекар Лука и Димас. Поздравете ги сите христијани во Лаодикеја, а посебно Нимфа и членовите на црквата што се собираат во нејзиниот дом. Кога ќе го прочитате ова писмо кај вас, погрижете се да стигне и во Лаодикејската црква, за да го прочитаат и тие, а и вие треба да го прочитате писмото што им го упатив ним. Потсетете го Архип внимателно да ја извршува работата што му ја довери Господ. Сега своерачно ви пишувам: Поздрав од Павле! Не заборавајте дека сум в затвор. Бог нека ви биде благонаклонет.

Колосјаните 4:2-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Бидете постојани во молитвата, би­дете бодри во неа со благодарност! Молете се исто така и за нас, за да ни ја отвори Бог вратата на проповедта да ја разгласуваме Христовата тајна, поради која сум и во окови, та да ја откријам, како што треба да зборувам! Спрема надворешните однесувајте се благоразумно, ползувајќи го времето! Зборот ваш секогаш да биде благодатен, зачинет со сол, за да знаете како треба на секого да му одговарате! Што се однесува до мене, сѐ ќе ви соопшти Тихик, љубениот брат и верен служител и соработник во Господ, кого нарочно поради тоа го испратив кај вас за да разбере како сте и да ви ги утеши срцата ваши, заедно со Онисим, верниот и омилен наш брат, кој е од вас; тие ќе ви рас­ка­жат сѐ што станува овде. Ве поздравува Аристарх, кој е затворен со мене, и Марко, внукот на Варнава – за кого добивте заповед: ако дојде кај вас, примете го. Исто така и Исус, наречен Јуст; тие се од обрезаните и единствени сотрудници за царството Божјо, кои ми беа утеха. Ве поздравува од вашите Епафрас, служител на Исус Христос, кој секогаш во молитвите свои се грижи, да бидете совршени и исполнети со секаква волја Божја. Сведочам за него дека тој има голема ревност и грижа за вас и за оние што се во Лаодикија и Јерапол. Ве поздравува Лука, возљубениот лекар, и Димас. Поздравете ги браќата во Лаоди­ки­ја, и Нимфана, и неговата домашна црк­ва! Откако ова послание ќе биде про­чи­тано кај вас, потрудете се да биде про­читано и во лаодикиската црква, а она од Лаодикија да го прочитате и вие. Кажете му на Архип: „Гледај ја службата, што си ја примил во Господ да ја извршуваш!“ Своерачен поздрав од мене, Павле. Помнете ги оковите, мои! Благодат ме­ѓу сите вас. Амин!

Колосјаните 4:2-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Бидете постојани во молитвата, бдејте во неа со благодарност! Молете се уште и за нас, за да ни ја отвори Бог вратата на словото и за да ја навестиме тајната на Христа, заради која сум и во окови - и да ја откријам онака, како што треба да зборувам. Постапувајте мудро кон оние, надворешните, ползувајќи го времето. Вашето слово секогаш да е љубезно, зачинето со сол, за да знаете како треба да му одговорите секому. За мене ќе ви рече сѐ Тихик, возљубен брат и верен слуга и соработник во Господа, кого го испраќам при вас токму затоа, за да научите како сме ние и да ги утеши вашите срца, заедно со верниот и возљубен брат Онисим, кој е од вас. Тие ќе ви соопштат како е тука. Ве поздравува Аристарх, мојот другар во темницата, и Марко, внукот Варнавин, за кого примивте упатства; ако дојде при вас примете го и Исус, наречен Јуст. Од обрезаните овие се единствени, кои ми помагаат за Божјото Царство и кои ми беа утеха. Ве поздравува вашиот сонародник Епафрас, слуга на Христа Исуса, кој секогаш се бори за вас во молитви, за да стоите совршени и наполно уверени во целата Божја волја. Сведочам за него дека има голема ревност за вас, и за оние во Лаодикија, и за оние во Ерапол. Ве поздравува возљубениот лекар Лука, и Димас. Поздравете ги браќата во Лаодикија; и Нимфан и неговата домашна црква. Кога ќе се прочита ова послание при вас, погрижете се да се прочита и во Лаодикијската црква! А она од Лаодикија, прочитајте го и вие! Речете му на Архип: „Внимавај на службата, која си ја примил во Господа, да ја исполниш!“ Поздрав со мојата, Павлова рака. Спомнувајте си за моите окови. Благодат со вас!