Бидете постојани во молитвата, бдејте во неа со благодарност! Молете се уште и за нас, за да ни ја отвори Бог вратата на словото и за да ја навестиме тајната на Христа, заради која сум и во окови - и да ја откријам онака, како што треба да зборувам. Постапувајте мудро кон оние, надворешните, ползувајќи го времето. Вашето слово секогаш да е љубезно, зачинето со сол, за да знаете како треба да му одговорите секому.
За мене ќе ви рече сѐ Тихик, возљубен брат и верен слуга и соработник во Господа, кого го испраќам при вас токму затоа, за да научите како сме ние и да ги утеши вашите срца, заедно со верниот и возљубен брат Онисим, кој е од вас. Тие ќе ви соопштат како е тука.
Ве поздравува Аристарх, мојот другар во темницата, и Марко, внукот Варнавин, за кого примивте упатства; ако дојде при вас примете го и Исус, наречен Јуст. Од обрезаните овие се единствени, кои ми помагаат за Божјото Царство и кои ми беа утеха. Ве поздравува вашиот сонародник Епафрас, слуга на Христа Исуса, кој секогаш се бори за вас во молитви, за да стоите совршени и наполно уверени во целата Божја волја. Сведочам за него дека има голема ревност за вас, и за оние во Лаодикија, и за оние во Ерапол. Ве поздравува возљубениот лекар Лука, и Димас. Поздравете ги браќата во Лаодикија; и Нимфан и неговата домашна црква. Кога ќе се прочита ова послание при вас, погрижете се да се прочита и во Лаодикијската црква! А она од Лаодикија, прочитајте го и вие! Речете му на Архип: „Внимавај на службата, која си ја примил во Господа, да ја исполниш!“
Поздрав со мојата, Павлова рака. Спомнувајте си за моите окови. Благодат со вас!