Дела 3:1-16
Дела 3:1-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Еден ден, Петар и Јован се упатија кон храмот. Беше три часот попладне - време за молитва. Токму тогаш донесоа еден човек, сакат во нозете од раѓање, што секојдневно го носеа и го оставаа пред познатата ?Красна порта‘, за да проси милостина од луѓето што доаѓаа во храмот. Кога виде дека Петар и Јован ќе влегуваат во храмот, запроси да му дадат нешто. Петар и Јован го погледнаа и му рекоа: „Погледни не!“ Сакатиот молежливо ги гледаше, очекувајќи милостина. Тогаш Петар му рече: „Немам ни сребреници, ни златници, но тоа што го имам, ти го давам: Во името на Исус Христос од Назарет, стани и ќе проодиш!“ Потоа го фати за десната рака и го исправи. Во истиот миг му зацврснаа стапалата и глуждовите! Скокна, застана на своите нозе и почна да оди! Заедно со нив влезе во храмот, скокајќи и славејќи Го Бога. Целиот народ го виде како оди и Го слави Бога. Тие знаеја дека тоа беше истиот човек што седеше и просеше пред Красната порта на храмот и од восхит не можеа да се изначудат на она што се случи. Сиот народ се насобра околу нив, под Соломоновиот трем. Човекот не се одвојуваше од Петар и Јован. Луѓето стоеја, стаписани од тоа што се случи. Кога Петар виде дека луѓето се чудат, им рече: „Луѓе, Израелци, зошто се чудите на ова? Зошто зјапате во нас, небаре ние со своја сила или побожност направивме овој човек да прооди!? Преку ова дело, Богот на Авраам, на Исак, на Јаков и на сите наши предци, Го прослави Својот Слуга Исус. Вие Го предадовте и се откажавте од Него пред Пилат, кога тој беше решил да Го ослободи. Се откажавте од Светиот и Праведниот, а побаравте да биде пуштен на слобода еден убиец! Зачетникот на животот Го убивте! Но Бог Го воскресна од мртвите - ние сме живи сведоци за тоа. Овој човек, кого вие добро го познавате, се исцели врз основа на верата во Неговото име. Верата во Исусовото име го оздраве пред вашите очи.
Дела 3:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Еден ден Петар и Јован заедно отидоа во храмот во деветтиот час, часот за молитва. Таму имаше еден човек, сакат уште од раѓање. Него го носеа секој ден и го поставуваа пред портата на храмот наречена Красна, за да проси милостина од оние што влегуваа во храмот. Тој, кога ги здогледа Петар и Јован кои сакаа да влезат во храмот, запроси милостина и од нив. А Петар, заедно со Јован, го впери кон него погледот и му рече: „Погледни во нас!“ И тој ги гледаше внимателно, очекувајќи да добие нешто од нив. Но Петар рече: „Сребро и злато јас немам, а што имам, тоа ти давам: во името на Исус Христос од Назарет стани и оди!“ И само што го фати за десната рака, го исправи, а нему веднаш му се зацврснаа стапалата и глуждовите; па скокна, се исправи и почна да оди. Тогаш влезе во храмот заедно со нив скокајќи и фалејќи Го Бога. И сиот народ го гледаше како оди и како Го слави Бога. Луѓето го познаа дека тој беше оној истиот што седеше пред портата на храмот наречена Красна, поради милостина; и беа полни со восхит и вчудоневиденост за она што се случи. И бидејќи оздравениот сакат човек цврсто се држеше за Петар и Јован, кон нив дотрча вчудовиден сиот народ во тремот, наречен Соломонов. А Петар, штом го виде тоа, му рече на народот: „Луѓе Израелци, што се чудите на ова, и што сте се загледале во нас, како со своја сила или побожност да направивме овој да прооди? Бог Авраамов, Исаков и Јаковов, Бог на татковците наши Го прослави својот Син Исус, Кого вие Го предадовте и од Кого се одрековте пред лицето на Пилат, кога тој реши да Го пушти. Но вие се одрековте од Светиот и Праведниот и побаравте да ви се ослободи човек убиец, а Го убивте Зачетникот на животот, Кого Бог Го воскресна од мртвите; за тоа сме ние сведоци. И поради верата во Неговото име, овој, кого вие го гледате и познавате, го потврди името Негово; а верата во Него го исцели и овој човек пред сите вас.
Дела 3:1-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Петар и Јован одеа во Храмот во деветтиот молитвен час, тогаш носеа еден човек, хром од раѓање. Него го поставуваа секој ден пред храмската врата, наречена Красна, за да проси милостина од оние, кои влегуваа во Храмот. Штом ги виде тој Петар и Јован, кога сакаа да влезат во Храмот, запроси да му дадат милостина. А Петар, заедно со Јован, се вгледа во него и му рече: „Погледај нѐ!“ Меѓутоа тој внимаваше на нив, чекајќи само да добие нешто од нив. Но Петар му рече: „Немам ни сребро ни злато, но што имам, тоа ти давам: во името на Исуса Христа Назареецот стани и оди!“ Тогаш го фати за десната рака и го исправи, а нему веднаш му зацврснаа стапалата и глуждовите, па скокна, се исправи и прооди; и со нив влезе во Храмот, скокајќи и фалејќи Го Бога. Така целиот народ го виде како оди и Го фали Бога. И го препознаа дека е тоа оној, кој седеше пред Красната Врата на Храмот поради милостина, и се исполнија со восхит и беа вон себе заради она, што му се случи. А бидејќи тој се држеше за Петар и Јован, сиот зачуден народ се собра околу нив во тремот наречен Соломонов. А кога Петар го виде тоа, му проговори на народот: „Мажи Израелци, зошто се чудите на ова или зошто гледате на нас, како ние со своја сила или побожност направивме овој да оди? Бог Авраамов, Исаков и Јаковов, Бог на нашите татковци, Го прослави Својот Син Исуса, Кого вие Го предадовте и од Кого се одрековте пред Пилата, кога тој одлучи да Го ослободи. Вие се одрековте од Светецот и Праведникот, и молевте да ви се подари еден убиец, а Го убивте Зачетникот на животот, Кого Бог Го воскресна од мртвите, за што сме ние сведоци. И затоа што веруваме во Неговото име, - Неговото име го зацврсти овој, кого го гледате и познавате. А верата до која доаѓаме преку Него, му даде целосно здравје пред сите вас.