Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 24:1-9

Дела 24:1-9 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

По пет дена дојде Првосвештеникот Ананија со неколку старешини и со еден адвокат по име Тертул, кој го изнесе пред гувернерот обвинението против Павле. Го повикаа Павле и Тертул почна да го изнесува обвинението: “Почитуван гувернеру! Под Вашето владеење ние, Евреите, живееме во мир и спокојство. Вашата далековидост доведе до многу реформи за овој народ. За тоа секогаш и секаде Ви оддаваме признание, честити Феликсе, со голема благодарност. Но сега, за да не го трошам напразно Вашето време, Ве молам, знаејќи ја Вашата љубезност, накратко да ме ислушате. Ние утврдивме дека овој човек е вистинска напаст, кој предизвикува препирки меѓу Евреите по целиот свет! Тој е челник на назаретската секта. Се обиде дури и храмот да го оскверни, но ние го уапсивме (и сакавме да му судиме според нашиот закон. Тогаш дојде полковникот Лисија и со голема војска насилно ни го одзеде, наредувајќи ни оние што имаат обвинение против него да дојдат кај Вас.) Сега Вие можете да го сослушате и да дознаете за што го обвинуваме.“ И другите Евреи го потврдуваа тоа што го зборуваше Тертул.

Дела 24:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

По пет дена слезе првосвеш­теникот Ананија со старешините и со некој си говорник Тертил, па излегоа пред намесникот, обвинувајќи го Павле. А кога го повикаа Павле, Тертил почна да го обвинува, велејќи: „Секогаш и насекаде со голема бла­годарност признаваме дека преку тебе, многупочитуван Феликсе, кај нас има полн мир, а преку грижите твои – на овој народ му се дели вистинска правда. Но, за да не ти одземеме многу вре­ме, те молам да нѐ ислушаш накратко со твојата кротост. Утврдивме дека овој човек е чума и дека крева бунтови против сите Јудејци по вселената и дека е предводник на на­зарејската ерес. Тој се обиде дури и храмот да го ос­кверни. Затоа ние го фативме и сакавме да му судиме според нашиот Закон; но заповедникот Лисиј дојде и со го­лема сила го истргна од рацете наши, и го испрати кај тебе, откако заповеда и ние, неговите об­винители, да дојдеме кај тебе. Ти ќе мо­жеш сам да го испиташ и од него да дознаеш за што го обвинуваме ние.“ И Јудејците потврдуваа дека е така.

Дела 24:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А по пет дена првосвештеникот Ананиј слезе со неколку старешини и со некој си говорник Тертил, и истапија пред управителот против Павла. И кога го повикаа, Тертил почна да го обвинува, велејќи: “Голем мир уживаме благодарејќи тебе и со твојата грижливост многу нешта се поправија во народов; тоа, ние, честити Феликсе, со секаква благодарност го признаваме на секој начин и на секое место; но, за да не те задржувам повеќе, те молам да нѐ ислушаш накратко со твојата благост. Еве, најдовме дека овој човек е зараза, дека предизвикува препирки меѓу сите Јудејци по целиот свет и дека е водач на назарејската секта. И се обиде да го оскверни и Храмот, и ние го фативме и сакавме да му судиме според нашиот Закон, но дојде заповедникот Лисиј, со голема сила, и го грабна од нашите раце, и заповеда неговите обвинители да дојдат при тебе. Ако го испиташ самиот, ќе можеш да узнаеш од него, сѐ за што ние го обвинуваме.“ А Јудејците потврдија дека е така.