Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 14:1-18

Дела 14:1-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Павле и Барнаба влегоа заедно во синагогата во градот Иконија и проповедаа со таква сила, што голем број и Евреи и неевреи ја прифатија христијанската вера. Но оние Евреи што не поверуваа, ги подбуцнуваа луѓето од другите народи да не ги слушаат Павле и Барнаба. И покрај тоа, апостолите долго време останаа таму и смело зборуваа за Господ, а Господ им даваше сила да прават чуда и видливи докази, поткрепувајќи ја така веродостојноста на пораката за Неговата огромна благонаклоност. Народот во градот беше поделен. Едни беа со Евреите - противници, а други со апостолите. Кога работата дојде дотаму, што противниците меѓу Евреите и меѓу другите народи, предводени од своите водачи, решија да ги нападнат и да ги каменуваат, апостолите избегаа кон областа Ликаонија, накај градовите Листра, Дерба и околните села. Таму продолжија да ја проповедаат Радосната вест. Во градот Листра имаше еден човек со заболени нозе. Беше сакат во нозете уште од раѓање, постојано седеше и никогаш не беше проодел. Додека апостол Павле проповедаше, тој човек слушаше. Павле го забележа и кога виде дека во него има вера за да биде исцелен, гласно му рече: „Стани, исправи се на своите нозе!“ Човекот скокна и прооде! Кога луѓето видоа што направи Павле, почнаа силно да извикуваат, на ликаонски говор: „Боговите зеле човечки тела и слегле кај нас!“ Почнаа Барнаба да го викаат Зевс, а Павле - Хермес, зашто тој беше главниот говорник. Свештеникот во храмот на Зевс, кој се наоѓаше пред градот, доведе бикови, донесе венци од цвеќиња пред градските порти и заедно со целиот народ сакаше да им принесе жртви на апостолите. Кога слушнаа за ова апостолите Барнаба и Павле, ги раскинаа своите наметки и потрчаа накај народот, викајќи: „Луѓе, што правите!? И ние сме обични луѓе, како вас! Сакаме да ви објавиме Радосна вест: оставете ги овие безвредни обреди и свртете се кон Живиот Бог! Тој ги создаде небото и Земјата, морето и се што е во нив! Во минатото, Тој им дозволи на сите народи да одат по сопствените патишта. Сепак никогаш не ги остави без сведоштво за Себеси, правејќи за нив добродетелства, давајќи им дожд и плодни годишни времиња, давајќи им храна и исполнувајќи ги нивните срца со радост.“ Дури и откако им го рекоа ова, одвај ги убедија луѓето да не им принесуваат жртви.

Дела 14:1-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Во Иконија тие заедно влегоа во јудејската синагога, и зборуваа така, што мнозина Јудејци и Елини по­веруваа. А Јудејците, што не поверуваа, ги побунија и раздразнија духовите на нез­набошците против браќата. Но тие сепак останаа тука доста вре­ме и смело говореа за Господ, Кој све­дочеше за словото на Својата благодат, давајќи преку нивните раце да станува­ат знаци и чуда. А народот во градот се раздели: ед­ни беа со Јудејците, а други со апостолите. И кога незнабошците и Јудејците, со своите началници се готвеа да ги хулат и да ги каменуваат, тие, штом разбраа, се засолнија во ликаонските градови Листра и Дерва и во нивната околина. Таму почнаа да го проповедаат Евангелието. Во Листра седеше еден човек, не­мо­ќен во нозете. Тој бил сакат од мај­чи­ната утроба, не можел да оди никогаш. Тој слушаше додека Павле зборува­ше; а Павле, го впери во него погледот и виде дека во него има вера дека може да оздрави, па му рече со висок глас: „Тебе ти велам, во името на Господ Исус Хрис­тос: исправи се на нозете свои!“ И тој скокна и почна да оди. А луѓето, кога видоа што направи Павле, го подигнаа гласот свој и изви­каа на ликаонски: „Боговите слегле кај нас во човечки лик!“ И Варнава го нарекоа Зевс, а Павле Хермес, бидејќи тој го водеше зборот. Жрецот, пак, на Зевс, чиј кип се на­оѓаше пред новиот град, откако доведе јунци и венци пред портата, сакаше за­едно со народот да принесе жртва. Но апостолите Варнава и Павле, кога слушнаа за тоа, ги раскинаа своите облеки, се втурнаа меѓу народот, гласно викајќи: „Луѓе, зошто го правите ова? И ние сме смртни како и вие, но ви про­по­ве­да­ме да се обратите од овие празноверија кон живиот Бог, Кој ги создаде небото и земјата, морето и сѐ што е во нив; Кој поранешните поколенија на на­родите ги остави да врват по нивните патишта, иако не престануваше да сведочи за Себе, правејќи ни добро со праќање дождови од небото и плодоносни времиња и исполнувајќи ги срцата наши со храна и веселост.“ И зборувајќи за ова, одвај го убедија народот да не им принесува жртва, (туку секој да си оди во својата куќа. Додека се наоѓаа таму и поучуваа)

Дела 14:1-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Во Иконија влегоа заедно во јудејската синагога, и зборуваа така, што поверува големо множество Јудејци и Грци. Но Јудејците, кои не ги послушаа, ги побунија и ги огорчија душите на многубошците против браќата. Овие пак останаа тука долго време, проповедајќи смело, во Господа, Кој сведочеше за словото на Својата благодат и овозможуваше нивните раце да прават знаци и чуда. И множеството во градот се раздели: едни беа со Јудејците, а други со апостолите. Кога многубошците и Јудејците, со своите старешини, се нафрлија врз нив да ги измачуваат и да ги убијат со камења, тие научија за тоа и избегаа во ликаонските градови, Листра и Дарвија, и во нивната околина, и таму го проповедаа Евангелието. Во Листра седеше некој човек немоќен во нозете, хром од мајчината утроба, кој никогаш не одел. Тој го слушаше Павла кога зборуваше, а кога Павле го погледна виде дека има вера за исцелување, и му рече со силен глас: „Исправи се на своите нозе!“ И тој скокна и прооде. А множеството народ кога виде што направи Павле, го подигна својот глас, велејќи на ликаонски: „Боговите станаа како луѓе и слегоа при нас!“ И го нарекоа Варнава - Зевс, а Павла - Хермес, зашто тој беше началник на словото. А свештеникот на Зевсовото светилиште, што се наоѓаше пред градот, доведе јунци и донесе венци пред вратата и сакаше, заедно со народот, да принесе жртва. Но кога го чуја тоа апостолите, Варнава и Павле, ги раскинаа своите облеки се втурнаа меѓу народот и извикаа, велејќи: „Мажи, зошто го правите тоа? И ние сме луѓе како вас! Но ви проповедаме да се обратите, од тие суети, кон живиот Бог, Кој ги создаде небото и земјата, морето и сѐ што е во нив; Кој во минатите поколенија ги пушти сите народи да одат по своите патишта, и сепак никогаш не прекратуваше да сведочи за Себеси со Своите добрини, давајќи ви од небото дождови и плодоносни времиња и полнејќи ги вашите срца со храна и веселба.“ И зборувајќи за тоа, одвај успеаја да го запрат народот да не им принесе жртва.