Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела Ап. 14:1-18

Дела Ап. 14:1-18 MNT

Павле и Барнаба влегоа заедно во синагогата во градот Иконија и проповедаа со таква сила, што голем број и Евреи и неевреи ја прифатија христијанската вера. Но оние Евреи што не поверуваа, ги подбуцнуваа луѓето од другите народи да не ги слушаат Павле и Барнаба. И покрај тоа, апостолите долго време останаа таму и смело зборуваа за Господ, а Господ им даваше сила да прават чуда и видливи докази, поткрепувајќи ја така веродостојноста на пораката за Неговата огромна благонаклоност. Народот во градот беше поделен. Едни беа со Евреите - противници, а други со апостолите. Кога работата дојде дотаму, што противниците меѓу Евреите и меѓу другите народи, предводени од своите водачи, решија да ги нападнат и да ги каменуваат, апостолите избегаа кон областа Ликаонија, накај градовите Листра, Дерба и околните села. Таму продолжија да ја проповедаат Радосната вест. Во градот Листра имаше еден човек со заболени нозе. Беше сакат во нозете уште од раѓање, постојано седеше и никогаш не беше проодел. Додека апостол Павле проповедаше, тој човек слушаше. Павле го забележа и кога виде дека во него има вера за да биде исцелен, гласно му рече: „Стани, исправи се на своите нозе!“ Човекот скокна и прооде! Кога луѓето видоа што направи Павле, почнаа силно да извикуваат, на ликаонски говор: „Боговите зеле човечки тела и слегле кај нас!“ Почнаа Барнаба да го викаат Зевс, а Павле - Хермес, зашто тој беше главниот говорник. Свештеникот во храмот на Зевс, кој се наоѓаше пред градот, доведе бикови, донесе венци од цвеќиња пред градските порти и заедно со целиот народ сакаше да им принесе жртви на апостолите. Кога слушнаа за ова апостолите Барнаба и Павле, ги раскинаа своите наметки и потрчаа накај народот, викајќи: „Луѓе, што правите!? И ние сме обични луѓе, како вас! Сакаме да ви објавиме Радосна вест: оставете ги овие безвредни обреди и свртете се кон Живиот Бог! Тој ги создаде небото и Земјата, морето и се што е во нив! Во минатото, Тој им дозволи на сите народи да одат по сопствените патишта. Сепак никогаш не ги остави без сведоштво за Себеси, правејќи за нив добродетелства, давајќи им дожд и плодни годишни времиња, давајќи им храна и исполнувајќи ги нивните срца со радост.“ Дури и откако им го рекоа ова, одвај ги убедија луѓето да не им принесуваат жртви.