Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ДЕЛА 14:1-18

ДЕЛА 14:1-18 MKB

Во Иконија влегоа заедно во јудејската синагога, и зборуваа така, што поверува големо множество Јудејци и Грци. Но Јудејците, кои не ги послушаа, ги побунија и ги огорчија душите на многубошците против браќата. Овие пак останаа тука долго време, проповедајќи смело, во Господа, Кој сведочеше за словото на Својата благодат и овозможуваше нивните раце да прават знаци и чуда. И множеството во градот се раздели: едни беа со Јудејците, а други со апостолите. Кога многубошците и Јудејците, со своите старешини, се нафрлија врз нив да ги измачуваат и да ги убијат со камења, тие научија за тоа и избегаа во ликаонските градови, Листра и Дарвија, и во нивната околина, и таму го проповедаа Евангелието. Во Листра седеше некој човек немоќен во нозете, хром од мајчината утроба, кој никогаш не одел. Тој го слушаше Павла кога зборуваше, а кога Павле го погледна виде дека има вера за исцелување, и му рече со силен глас: „Исправи се на своите нозе!“ И тој скокна и прооде. А множеството народ кога виде што направи Павле, го подигна својот глас, велејќи на ликаонски: „Боговите станаа како луѓе и слегоа при нас!“ И го нарекоа Варнава - Зевс, а Павла - Хермес, зашто тој беше началник на словото. А свештеникот на Зевсовото светилиште, што се наоѓаше пред градот, доведе јунци и донесе венци пред вратата и сакаше, заедно со народот, да принесе жртва. Но кога го чуја тоа апостолите, Варнава и Павле, ги раскинаа своите облеки се втурнаа меѓу народот и извикаа, велејќи: „Мажи, зошто го правите тоа? И ние сме луѓе како вас! Но ви проповедаме да се обратите, од тие суети, кон живиот Бог, Кој ги создаде небото и земјата, морето и сѐ што е во нив; Кој во минатите поколенија ги пушти сите народи да одат по своите патишта, и сепак никогаш не прекратуваше да сведочи за Себеси со Своите добрини, давајќи ви од небото дождови и плодоносни времиња и полнејќи ги вашите срца со храна и веселба.“ И зборувајќи за тоа, одвај успеаја да го запрат народот да не им принесе жртва.