Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Солуњаните 3:1-18

2 Солуњаните 3:1-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Понатаму, драги пријатели, молете се за нас. Молете се најнапред учењето за Господ брзо да се шири, па и другите да го почитуваат она што го почитувате вие. Молете се да не паднеме во рацете на лоши и злобни луѓе, зашто сите луѓе немаат вера во Господ. Но, во Господ можете да имате доверба. Тој ќе ви даде сила и ќе ве чува од Злиот. Господ ни дава увереност дека она што ви го наложивме го правите и ќе продолжите да го правите. Се молам Господ да ви ги насочува срцата кон исполнување со љубов, онака како што Бог е полн со љубов, и кон трпеливост, онака како што Христос е трпелив. Сега, драги пријатели христијани, во името на нашиот Господ Исус Христос, ви наложувам да не им се придружувате на оние меѓу вас, кои само денгубат, ништо не работат и не се придржуваат до она што ве учевме. Вие сигурно знаете дека треба да го следите нашиот пример. Додека бевме кај вас, ние не седевме со скрстени раце. Лебот што го јадевме не беше подарок од вас, туку деноноќно напорно работевме, за да не му бидеме никому на товар. Не дека ние не можевме да бараме храна од вас, туку сакавме вам да ви дадеме пример. Уште кога бевме кај вас ви рековме: на оној што не сака да работи, не давајте му ни да јаде! Слушаме дека некои меѓу вас денгубат, ништо не работат и само се плеткаат во тоа што не е нивна работа. Заради нашиот Господ Исус Христос ги молиме тие луѓе и бараме од нив да се средат и да почнат да работат, та сами да се издржуваат. А вам, драги пријатели, што не сте во таа група, никогаш нека не ви биде мачно да правите добри дела. Посочете ги луѓето што не се придржуваат до упатствата што ви ги дадовме во ова писмо. Престанете да се дружите со нив, за да се посрамат. Немојте да ги сметате за свои непријатели, туку советувајте ги како членови на вашето духовно семејство. Господ нека биде секогаш со вас и нека ви дава мир во секакви околности, зашто Самиот Тој е извор на мирот. Како и во сите мои писма, ве поздравувам со своерачен потпис: Павле. Нашиот Господ Исус Христос нека ви биде благонаклонет на сите.

2 Солуњаните 3:1-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Потоа, браќа, молете Му се на Бога за нас, та словото Господово да се распространува и да се слави на секое место, како и меѓу вас, и да се избавиме од жестоки и злобни луѓе, бидејќи немаат сите вера. Но верен е Господ Кој ќе ве утврди и запази од лукавиот. Ние сме уверени за вас во Господ де­ка го вршите и дека ќе го вршите она што ви го заповедаме. А Господ нека ги насочи срцата ва­ши право кон љубовта Божја и трпението Христово! Ви заповедам, браќа, исто така во името на нашиот Господ Исус Христос, да се двоите од секој брат кој живее не­уредно, а не според преданието што го добивте од нас! Сами знаете како треба да се угледате на нас, бидејќи ние не живеевме неуредно кај вас, ниту, пак, кај некого јадевме леб да­рум, туку работевме со труд и мака де­ње и ноќе за да не му додеваме на никого од вас. И не поради тоа што немавме власт, туку за да бидеме пример, та да се угледате на нас. Зашто, кога бевме меѓу вас ви го за­поведавме ова – кој не сака да работи, тој нека и не јаде. Но слушаме дека некои од вас жи­веат неуредно, ништо не работат, туку се занимаваат со празни работи; на таквите им заповедаме и ги мо­лиме во нашиот Господ Исус Христос да работат тивко и да си го јадат својот леб. А вам, браќа, да не ви здодејува да правите добро. Ако некој не ги послуша нашите зборови од ова послание, обележете го и не дружете се со него, за да се посрами; но не сметајте го за непријател, ту­ку поучувајте го како брат. А Сам Господ на мирот нека ви да­де мир секогаш и во секое дело! Господ нека е со сите вас! Своерачен поздрав од мене, Павле; тоа е белег во секое послание; јас пи­шу­вам така. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со сите вас. Амин.

2 Солуњаните 3:1-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Најпосле, браќа, молете се за нас, та Господовото слово да трча и да се прославува како и при вас, и ние да се ослободиме од расипани и зли луѓе, зашто сите немаат вера. Но верен е Господ, Кој ќе ве утврди и ќе ве запази од лукавиот. Уверени сме во Господа, за вас, дека го правите и дека ќе го правите она што ви го заповедаме. А Господ да ги управи вашите срца кон Божјата љубов и кон Христовото трпение! А вам ви наложуваме, браќа, во името на нашиот Господ Исус Христос, да се двоите од секој брат, кој води неуреден живот, а не по преданието, што го примивте од нас. Навистина, сами знаете како треба да се угледате на нас, зашто ние не се владеевме неуредно меѓу вас, ниту јадевме дарум нечиј леб, туку работевме во труд и напор, ноќе и дење, за да не му бидеме на терет некому од вас. Не затоа што немавме право на тоа, туку за да бидеме самите себе за пример за да нѐ подражавате. Зашто и кога бевме со вас, ви го заповедавме ова: ако некој не сака да работи, нека и не јаде! Имено, слушаме дека некои меѓу вас живеат неуредно, ништо не работат, туку се занимаваат со празни работи. На таквите им заповедаме и ги опоменуваме во Господа Исуса Христа да работат мирно и да го јадат својот леб. А на вас, браќа, да не ви се досади да правите добро! Ако пак некој не го послуша нашето слово преку посланието, означете го и не се мешајте со него, за да се засрами. Но не го сметајте за непријател, туку предупредувајте го како брат. А Самиот Господ на мирот да ви даде мир секогаш и на секаков начин. Господ да биде со сите вас! Поздрав со мојата рака, Павлова: тоа е белег во секое послание, пишувам така: Благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со сите вас.