Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 10

10
1По ова, Господ избра други седумдесет ученици и ги испрати двајца по двајца, како Своја претходница, во секој град и место каде што планираше да оди.
2Им рече: „Има голема жетва за собирање, а работници има малку. Затоа, молете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата нива.
3Одете! Ве испраќам како јагниња меѓу волци.
4Не носете со себе ни ќесе со пари, ни торба, ни обувки! Не застанувајте по пат, дури ни за да се поздравите со некого.
5При влегувањето во секоја куќа, најпрво благословете со зборовите: ,Мир да има во оваа куќа!‘
6Ако во таа куќа живее мирољубив човек, мирот навистина ќе му остане; ако не, повлечете го благословот за мир.
7Задржете се во истата куќа, јадете и пијте од она што имаат да ви дадат, зашто тој што работи ја заслужува својата плата. Не шетајте од куќа до куќа.
8Кога ќе влезете во некој град каде што ќе ве примат, јадете од тоа што ќе ви го принесат.
9Исцелувајте ги болните во тој град и зборувајте му на народот: ,Божјото царство допре и до вас!‘
10Кога ќе стигнете во некој град каде што нема да ве примат, излезете на улиците и речете им:
11,Ви го истресуваме дури и правот од вашиот град, што ни се прилепил за нозете! Но, да знаете дека Божјото царство се доближи и до вас!‘
12Ве уверувам дека на Судниот ден ќе му биде полесно на Содом, одошто на тој град!“
13„Тешко тебе, Коразине! Тешко и тебе Бетцаидо! Да беа во градовите Тир и Сидон направени чудата што беа извршени кај вас, тие одамна ќе се беа покајале, облекувајќи се во покајнички облеки и посипувајќи се со пепел!
14Но полесно ќе минат Тир и Сидон на Судниот ден одошто вие!
15А ти, граде Кафарнауме, што се креваш на високо, дури до небото - ќе се струполиш до адот!
16Исус им рече на Своите ученици: „Оној што вас ве слуша - Мене Ме слуша. Оној што вас ве отфрла - Мене Ме отфрла; а оној што Мене Ме отфрла - Го отфрла Бога, зашто Тој Ме испрати!“
17Седумдесеттемина се вратија радосни, велејќи: „Господе, преку Твоето име нам ни се покоруваат и демонските духови!“
18А Исус им рече: „Видов како падна Сатаната, како молскавица од небото!
19Ете, ви дадов моќ да газите на змии и скорпии и надмоќ над секоја непријателска сила - ништо да не може да ве повреди.
20Сепак, не радувајте се што ви се потчинуваат демонските духови, туку радувајте се што вашите имиња се запишани како жители на небото!“
21Во тој миг Исус се исполни со радост, преку Светиот Дух, и рече: „Ти благодарам, небесен Татко, Господару на небото и на Земјата, што сето ова им го откри на скромните, а го скри од оние што мудруваат и се потпираат на својот разум. Да, Татко, така сакаше Ти.
22Мојот небесен Татко Ме има овластено Мене за сe. Никој не знае Кој е Синот, освен Таткото; и никој не знае Кој е Таткото, освен Синот и оние на кои Синот ќе реши да им открие.“
23Потоа насамо им рече на учениците: „Благословени се очите што го гледаат ова што го гледате вие!
24Ви велам: многу пророци и цареви сакаа да го видат ова што го гледате вие, но не го видоа; сакаа да го слушаат тоа што вие го слушате, но немаа можност!“
25Еден учител на верскиот Закон дојде и искушувајќи Го Исуса, Го праша: „Учителе! Што треба да правам за да стекнам вечен живот?“
26Исус, во одговор му рече: „Што вели за тоа Светото Писмо? Што си прочитал во него?“
27Човекот одговори: „Сакај Го Господ, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сите свои сили и со сиот свој разум“, и „Сакај го својот ближен како себеси“.
28„Токму така!“ - му одговори Исус. „Прави го тоа и ќе живееш.“
29Но учителот на Законот сакаше да се оправда, па продолжи да Го прашува Исуса: „А кој е мојот ближен?“
30Исус му одговори вака: “Еднаш, еден човек, слегувајќи од Ерусалим во Јерихо, беше нападнат од разбојници, кои го ограбија и натепаа, оставајќи го полумртов.
31Се случи тука да помине еден еврејски свештеник. Тој го забележа човекот, но го заобиколи и си замина.
32Истото се повтори кога тука помина и еден Левит: тој се доближи до човекот, го виде како лежи и си замина.
33Потоа намина еден Самарјанец, му пријде и кога го виде, му стана жал;
34па му ги исчисти раните со масло и вино и му ги преврза. Потоа го качи на своето добиче, го однесе до најблиската гостилница и го смести.
35Утредента, извади два сребреника, му ги даде на гостилничарот и му рече: „Погрижи се за него и ако потрошиш повеќе - ќе ти доплатам кога ќе се вратам!“
36Потоа, Исус праша: „Што мислиш, кој од овие тројца се покажал како ближен за настраданиот од разбојниците?“
37„Оној што бил љубезен спрема него!“ - одговори учителот на Законот. Тогаш Исус му рече: „Оди и ти постапувај така!“
38Продолжувајќи го своето патување кон Ерусалим, Исус и Неговите ученици дојдоа во едно село каде што во својот дом ги пречека една жена по име Марта.
39Таа имаше сестра, по име Марија, која седна до Исусовите нозе за да Ги слуша Неговите поуки.
40Марта, пак, беше презафатена со послужување, па Му пријде на Исус и Му рече: „Господе, зар не Ти е жал што сестра ми ме остави да ја вршам целата работа сама!? Кажи и да дојде да ми помага!“
41А Господ и рече: „Марто, Марто! Прекумерно се грижиш и тревожиш за многу нешта,
42а само едно е потребно! Марија го одбра најдоброто - она што ќе и остане трајно!“

Селектирано:

Лука 10: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност