Потоа Павле и неговите придружници отпловија од Пафос и дојдоа во пристаништето Перга, во областа Памфилија. Јован се оддели од нив и се врати во Ерусалим. Барнаба и Павле заминаа од Перга и дојдоа во Антиохија, град во областа Писидија. Откако заврши вообичаеното читање од Мојсеевите книги и од Книгите на пророците, водачите на синагогата ги поканија: „Браќа, ако имате некаква порака за народот, излезете и зборувајте!“ Тогаш Павле стана, ја подигна раката за да престанат да зборуваат, па рече: “Луѓе, Израелци и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, слушнете! Израелскиот Бог ги одбра нашите предци и го издигна нашиот народ во времето кога беше во Египет, и победоносно го изведе оттаму. Речиси четириесет години се грижеше за нив во пустината. Уништи седум народи во Канаанската земја и нивната земја им ја даде на Израелците. Тоа траеше околу четиристотини и педесет години. Потоа со Израелците управуваа судии, се до времето на пророкот Самоил. Тогаш народот побара од Бог да му постави цар и Бог му го посочи Саул, синот на Киш, од племето на Бинјамин. Тој владееше четириесет години. Потоа Бог го отстрани Саул и го издигна за цар Давид, за кого со благонаклоност рече: ,Давид, синот на Јишај, е човек по волја на Моето срце. Тој ќе исполни се што ќе побарам од него!‘ Исполнувајќи го Своето ветување, Бог му издигна Спасител на израелскиот народ. Тоа е Исус. Пред да се појави Исус, Јован Крстител на Израелците им проповедаше да се вратат кон Бог и да се крстат. Кога Јован ја завршуваше својата мисија им рече на луѓето: ,Немојте да мислите дека јас сум Месијата, зашто не сум! Но Тој доаѓа веднаш по мене, и јас не сум достоен ни сандалите на нозете да Му ги одврзам!‘
Прочитај Дела Ап. 13
Сподели
Спореди ги сите верзии: Дела Ап. 13:13-25
Зачувај стихови, читај офлајн, гледај наставни клипови и уште многу повеќе!
Дома
Библија
Планови
Видеа