Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 13:13-25

Дела 13:13-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Потоа Павле и неговите придружници отпловија од Пафос и дојдоа во пристаништето Перга, во областа Памфилија. Јован се оддели од нив и се врати во Ерусалим. Барнаба и Павле заминаа од Перга и дојдоа во Антиохија, град во областа Писидија. Откако заврши вообичаеното читање од Мојсеевите книги и од Книгите на пророците, водачите на синагогата ги поканија: „Браќа, ако имате некаква порака за народот, излезете и зборувајте!“ Тогаш Павле стана, ја подигна раката за да престанат да зборуваат, па рече: “Луѓе, Израелци и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, слушнете! Израелскиот Бог ги одбра нашите предци и го издигна нашиот народ во времето кога беше во Египет, и победоносно го изведе оттаму. Речиси четириесет години се грижеше за нив во пустината. Уништи седум народи во Канаанската земја и нивната земја им ја даде на Израелците. Тоа траеше околу четиристотини и педесет години. Потоа со Израелците управуваа судии, се до времето на пророкот Самоил. Тогаш народот побара од Бог да му постави цар и Бог му го посочи Саул, синот на Киш, од племето на Бинјамин. Тој владееше четириесет години. Потоа Бог го отстрани Саул и го издигна за цар Давид, за кого со благонаклоност рече: ,Давид, синот на Јишај, е човек по волја на Моето срце. Тој ќе исполни се што ќе побарам од него!‘ Исполнувајќи го Своето ветување, Бог му издигна Спасител на израелскиот народ. Тоа е Исус. Пред да се појави Исус, Јован Крстител на Израелците им проповедаше да се вратат кон Бог и да се крстат. Кога Јован ја завршуваше својата мисија им рече на луѓето: ,Немојте да мислите дека јас сум Месијата, зашто не сум! Но Тој доаѓа веднаш по мене, и јас не сум достоен ни сандалите на нозете да Му ги одврзам!‘

Дела 13:13-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Павле и неговите придружници от­пловија од Пафос и пристигнаа во Пер­гија Памфилиска. Тука Јован се одвои од нив и се врати во Ерусалим. А тие тргнаа од Пергија и пристигнаа во Антиохија Писидиска. Тука во сабота влегоа во синагогата и седнаа. По читањето на Законот и на Про­роците, старешините на синагогата пра­тија луѓе да им кажат: „Мажи браќа, ако имате зборови за утеха на народот, зборувајте!“ И тогаш стана Павле, мавна со ра­ката и рече: „Луѓе Израелци, и вие, што имате страхопочит кон Бога, послушај­те! Бог на овој народ, Израел, ги избра татковците наши, и го подигна овој народ кога тие пребиваа во земјата еги­петска, и со раката Своја силна ги из­ве­де од неа; и околу четириесет години ги хра­неше во пустината; а потоа откако уништи седум народи во земјата хананска, со ждрепка им ја раздели земјата во нивно наследство. За околу четиристотини педесет го­дини им даваше судии до пророкот Са­моил. А потоа бараа цар, и Бог им го даде Саул, Кисовиот син, човек од Венијами­новото колено, за четириесет години. Кога го отстрани него, за цар им го подигна Давид, за кого и рече, све­до­чеј­ќи: ‚Најдов маж по срцето Свое, Давид, синот Јесеев. Тој ќе ги исполни сите Мои барања.‘ Од неговото потомство Бог, според ветувањето, Го издигна за Израел Спасителот Исус. Пред Неговото доаѓање Јован како предгласник му проповедаше на сиот израелски народ покајно крштавање. А кога Јован го завршуваше своето дело, прашуваше: ‚За кого ме сметате? Јас не сум Тој, но, ете, по мене иде Оној, Кому не сум достоен да Му ги од­врзам ни обувките на Неговите нозе.‘

Дела 13:13-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А Павле и неговите придружници отпловија од Пафос и дојдоа во Памфилиска Пергија. Тука Јован се оддели од нив и се врати во Ерусалим. А тие заминаа од Пергија и дојдоа во Писидиска Антиохија; и влегоа во синагогата во саботен ден, и седнаа. А по читањето на Законот и Пророците, старешините на синагогата испратија до нив да им кажат: „Браќа, ако имате некакво утешно слово за народот, зборувајте!“ Тогаш Павле стана, мавна со раката и рече: „Мажи Израелци и вие други, кои се боите од Бога, чујте! Бог на овој Израелски народ ги избра нашите татковци и го издигна народот во туѓина, во Египетската Земја, и со воздигната рака ги изведе од таа земја, и околу четириесет години ги трпеше во пустината; и уништи седум народи во Хананската Земја, и им ја даде во наследство нивната земја; за околу четири стотини и педесет години. Потоа им ги даде судиите до пророкот Самоил. Оттогаш побараа цар, и Бог им го даде Саула синот Кисов, човек од Венијаминовото племе, за четириесет години. Кога го отфрли овој, им го подигна за цар Давида, за кого посведочи и рече: ‘Го најдов Давида, синот Есеев, човек по Моето срце, кој ќе ја исполни целата Моја волја.’ Од неговото потомство Бог - според ветувањето - му го подигна на Израел: Спасителот Исуса, откако Јован, пред Неговото доаѓање, му проповедаше на целиот Израелски народ покајно крштавање. А кога Јован ја исполни својата должност, велеше: „Јас не сум Оној, што вие мислите; туку, ете, по мене иде Еден, Кому не сум достоен да Му ги одврзам обувките на нозете.