Лого на YouVersion
Икона за пребарување

РУТА 3:1-18

РУТА 3:1-18 MKB

Тогаш Ноемина, нејзината свекрва, ѝ рече: „Ќерко моја, да ти побарам мирно место каде би можела да бидеш среќна? Гледаш, Воз, со чии трудбеници беше, е наш роднина. Еве, тој ќе вее ноќеска јачмен на гумното. Измиј се и намачкај се, облечи се убаво па отиди на гумното. Не оставај да те препознае пред да се најаде и напие. Кога ќе легне, види го местото каде ќе легне; па кога ќе легне, отиди таму, поткрени ја покривката од неговите нозе и легни таму! Тогаш тој ќе ти рече што треба да правиш.“ Таа ѝ одговори: „Ќе направам сѐ како што ми велиш.“ И слезе на гумното и направи сѐ како што и повели свекрвата. А Воз, откако јадеше и пиеше, и така се развесели, отиде и легна покрај стогот. Таа пристапи полека, му ги откри нозете и легна. И околу полноќ, човекот се тргна и се заврте, и ете: жена лежи до неговите нозе. “Која си?“ - праша тој, а таа одговри: „Јас сум Рута, твојата слугинка. Рашири го скутот на твојата облека над твојата слугинка, зашто си ми старател.“ “Господ да те благослови, ќерко моја! - рече - ова твое добро дело што го направи сега е уште подобро од првото, зашто не отиде да бараш млади луѓе, ни богати ни бедни. И затоа, ќерко моја, не плаши се сега; ќе сторам сѐ за тебе што ќе побараш, зашто сите врати на мојот народ знаат дека си чесна жена. Да, навистина сум ти старател; но има уште поближен од мене. Остани ноќеска, ако утре тој, како старател, сака да те земе, добро, нека те земе; а ако нејќе, ќе те земам јас; жив Господ! Спиј до утрото!“ И таа спиеше покрај неговите нозе до утрото. Тој стана пред да може човек човека да препознае, зашто мислеше: „Не треба да знаат дека жена била на гумно.“ И ѝ рече: „Дај ја наметката што е на тебе и држи ја добро.“ Таа ја придржа а тој ѝ тури шест мери јачмен, па ѝ ја поткрена. И таа отиде во градот. Кога стигна, свекрвата ја праша: „Што е со тебе ќерко моја?“ А таа ѝ раскажа сѐ што сторил човекот за неа. И додаде: „Овие шест мери јачмен ми ги даде, велејќи: ‘Не смееш да се вратиш при свекрвата со празни раце.’“ Таа ѝ рече: „Биди спокојна, ќерко моја, додека не видиш што ќе биде: зашто тој нема да има спокојство додека не докрајчи сѐ уште денес.“