Лого на YouVersion
Икона за пребарување

РУТА 2:13-23

РУТА 2:13-23 MKB

Таа презеде: „Кога би можела секогаш да наоѓам милост во твоите очи, господару, зашто ме утеши и ѝ проговори од срце на својата слугинка, иако не сум како некоја од твоите слугинки.“ Кога беше време за ручек, Воз ѝ рече: „Дојди ваму, јади од овој леб и топи го твојот залак во оцет!“ Таа седна покрај жетварите, а тој стави пред неа пржени зрна. Јадеше и се насити, и уште ѝ остана. Кога стана да доприбира натаму Воз им заповеда на своите слуги: „Таа нека доприбира и меѓу сноповите, а вие немојте да ја навредувате. Туку испуштајте класови и од своите ракатки, и оставајте ја нека собира и не ѝ бранете!“ И така дособираше сѐ до вечерта, па тогаш го очукаа она што го имаше доприбрано: беше околу една ефа јачмен. Таа го зеде своето и дојде во градот, а свекрвата виде колку дособрала. Тогаш Рута извади и ѝ даде што ѝ остана откако се насити. Свекрвата ја праша: „Каде доприбираше денес? Каде работеше? Нека биде благословен оној кој погледна на тебе!“ Тогаш таа ѝ раскажа на свекрвата кај кого работела и рече: „Човекот кај кого работев денес се вика Воз.“ Тогаш Ноемина ѝ рече на својата снаа: „Нека Господ го благослови оној кој не ги лиши од својата милост ни живите ни мртвите!“ И Ноемина додаде: „Тој човек е од нашиот род; еден од нашите роднини.“ Моавката Рута раскажа натаму: „Уште ми рече: ‘Држи се покрај моите работници додека не ожнеат сѐ мое!’“ Тогаш Ноемина ѝ рече на Рута, на својата снаа: „Добро е, ќерко моја, оди по неговите трудбеници за да не ти биде неприлика на некоја друга нива.“ И така се држеше покрај Возовите работници и доприбираше додека не ги ожнија и јачменот и пченицата. И живееше кај својата свекрва.