И така прашувам: да не се сопнаа, за да паднат сосем? Да не биде! Туку преку нивното сопнување им дојде спасение на народите, за да ги поттикнат на ревност. Ако нивното сопнување значи богатство за светот, а нивното отпаѓање богатство за народите, колку повеќе ќе биде нивната полнота!
Но ви зборувам вам, народи; бидејќи сум апостол на народите, јас ја прославувам мојата служба, та на некој начин да го поттикнам на ревност својот род и да спасам некои од нив. Зашто, ако нивното отфрлање е помирување за светот, какво ли ќе биде нивното примање, ако не живот од мртвите? Ако се свети првите плодови - и тестото е; ако е коренот свет - и гранките се. Ако се откршени некои гранки, и ти, кој си дива маслинка, си накалемен меѓу нив и си станал соучесник во сочниот корен на маслинката, не фали се пред гранките! Ако се фалиш, знај дека ти не го носиш коренот, туку коренот - тебе! Но ќе речеш: „Гранките се откршени, за да бидам јас прикалемен!“ Добро! Поради неверието се откршија, а ти стоиш преку верата. Не гордеј се, туку бој се! Зашто, ако Бог не ги поштеди природните гранки, не ќе те поштеди ни тебе. И така, гледај ги Божјата благодат и строгост: строгоста се пројавува кон паднатите, а Божјата благодат кон тебе, ако истраеш во благодатта - зашто инаку и ти ќе бидеш отсечен. А и тие, ако не останат во неверието, ќе бидат прикалемени, зашто Бог може пак да ги прикалеми. Зашто, ако си ти отсечен од природната дива маслинка и, против природата - си прикалемен на питомата маслинка, колку полесно ќе бидат прикалемени врз сопствената маслинка оние, кои ѝ се природни.
Не сакам, браќа, да ви остане непозната оваа тајна, за да не мудрувате по своја мудрост: еден дел на Израел закораве, додека народите не влезат во полн број. И така, целиот Израел ќе се спаси, како што е напишано: „Избавителот ќе дојде од Сион; ќе ја одврати безбожноста од Јакова. И ова им е Завет од Мене кон нив, кога ќе им ги отстранам гревовите.“ Со оглед на Евангелието, тие се непријатели заради вас, но по изборот возљубени се, заради татковците. Зашто Божјите дарови и Неговиот позив не го познаваат каењето. Како што и вие му бевте некогаш непокорни на Бога, а сега добивте милост поради нивното непокорство, така и тие станаа сега непокорни, заради вашето помилување, за да бидат и тие помилувани. Зашто Бог ги затвори сите во непокорство, за да покаже милост кон сите.