Римјаните 11:11-32
Римјаните 11:11-32 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Дали тоа значи дека Израелците отпаднаа и никогаш повеќе нема да закрепнат? Се разбира, не! Нивната грешка им овозможи на другите народи да се спасат, а во исто време кај Израелците тоа предизвика поголема ревност. Ако нивната грешка му донесе толкав благослов на светот, ако нивниот намален број им донесе толкаво духовно богатство на другите народи, колку поголем благослов за светот ќе биде кога и Израелците целосно ќе го прифатат Божјиот план за спасение!? Сега ви се обраќам вам, што не сте Евреи. Се додека сум ваш апостол ќе се гордеам со тоа што ми е доверена таа задача, која грижливо ја извршувам. Можеби така ќе предизвикам љубомора кај моите сонародници, Евреите, па и од нив некој да се спаси. Зашто, ако Бог им го понуди спасението на другите народи откако Евреите го отфрлија, што ли ќе биде кога и тие ќе го прифатат!? Тоа ќе значи оживување на оние што дотогаш биле мртви! Ако почетното тесто е свето, свети ќе бидат сите лебови месени од него. Ако коренот е свет, свети ќе бидат и гранките. Вие сте како гранки од дива маслинка, накалемени на питомо дрво. Некои гранки беа откршени, а вие го зазедовте нивното место и сега заедно ги уживате благодатите од сочниот корен на питомата маслинка. Немојте да мислите дека вие сте подобри од гранките што беа откршени! Не заборавајте дека не сте вие тие што го одржуваат коренот, туку тој вас ве одржува во живот! Можеби ќе речете: „Тие гранки беа откршени за да направат место за нас!“ Тоа е вистина. Тие беа откршени бидејќи не Му веруваа на Бог, а вие го зазедовте нивното место затоа што Му верувате. Затоа, немојте да бидете горделиви, туку имајте страхопочит. Зашто, ако Бог не ги поштеди првобитните, природни гранки, ни вас нема да ве штеди! Забележете колку добар, но и колку строг може да биде Бог. Строг спрема оние што Му откажуваат послушност, а добар спрема вас, доколку останете приврзани спрема Неговата благонаклоност. Во спротивно, и вие ќе бидете отсечени! Ако Евреите се одвратат од своето неверување, Бог повторно ќе ги накалеми на нивното поранешно место. Бог е способен да го стори тоа. Зашто, кога Бог може вас, кои бевте отсечени од дива маслинка и, наспроти она што е природно, да ве накалеми на питомата маслинка, колку полесно ќе може одново да ги накалеми гранките што природно му припаѓаат на питомото дрво! Драги пријатели христијани, сакам да ја разберете оваа тајна, за да не ве фати горделивост, па да почнете да се фалите дека сте многу мудри! Тврдоглавоста на дел од Израелците ќе трае се додека не се пополни бројот од другите народи што ќе дојдат кај Христос. Тогаш сите Израелци ќе бидат спасени, како што е напишано во Светото Писмо: „Избавителот ќе дојде од Ерусалим и ќе ги обрати Израелците од сета нивна безбожност. Така Јас ќе го исполнам Мојот завет спрема нив и ќе ги отстранам нивните гревови.“ Поголемиот број од Израелците се непријатели на Радосната вест, но тоа испадна за ваша полза, вие да ја слушнете Радосната вест. Но тие се сепак одбран народ и Бог ги сака заради нивните предци. А Бог не си ги зема назад даровите што ги дал, и кога некого ќе одбере, не се предомислува. Порано и вие Му бевте непослушни на Бог. Но откако Евреите ја одбија милоста што Бог им ја понуди, Тој ја пренасочи Својата милост кон вас. Сега, кога тие Му се непослушни на Бог, Тој ја насочува Својата милост спрема вас. Но, еден ден и тие ќе учествуваат во Божјата милост. За извесно време Бог ги остава сите луѓе во затворот на нивната непослушност, за потоа спрема сите да покаже милост.
Римјаните 11:11-32 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Ви велам пак: зар се сопнаа за да паднат? Не! Но со нивниот престап дојде спасението за незнабошците, за да се возбуди во нив ревност. Ако, пак, нивниот престап значи богатство за светот, и нивниот намален број – богатство за незнабошците, колку повеќе ќе значи нивната потполност. Вам, незнабошци, ви велам; до колку сум јас апостол на незнабошците, ја прославувам својата служба, та некако да возбудам ревност во својот род по тело, и некого од нив да спасам. Зашто, ако нивното отфрлање значи измирување за светот, тогаш што ли друго ќе значи нивното примање, ако не оживување од мртвите? Ако првиот дел од тестото е свет, тогаш свето е и целото тесто: и ако е коренот свет, свети се и гранките. Ако, пак, некои од гранките се скршени, а ти, кој си дива маслинка, си бил прикалемен на нивното место и си станал заедно со нив соучесник во сочниот корен на маслинката, не биди горделив пред гранките! А ако сепак, се возгордееш, треба да знаеш дека ти не го држиш коренот, туку коренот тебе! Но ти тогаш ќе кажеш: гранките беа откршени за да бидам јас прикалемен. Добро. Тие поради неверие беа откршени, а ти поради вера се држиш: немој да бидеш горделив, туку имај страв. Зашто, ако Бог не ги поштедил природните гранки, нема ни тебе да те поштеди. Гледај ја, пак, Божјата благост и строгост: строгост кон отпаднатите, а благост кон тебе, ако издржиш во благоста; во спротивно, и ти ќе бидеш отсечен. Но, тие, ако не останат во неверието, ќе бидат прикалемени, зашто Бог има моќ пак да ги прикалеми. Зашто, ако си ти откинат од маслинка која е по природа дива, и против природата си прикалемен на питома маслинка, тогаш колку полесно ќе бидат прикалемени на својата маслинка оние кои по природа потекнуваат од неа. Сакам, браќа, за да не си помислите во себе дека сте мудри, да ја знаете оваа тајна: дека закоравувањето само со еден дел падна врз Израел, додека да настапи потполноста на незнабошците. И така целиот Израел ќе биде спасен, како што е напишано: „Ќе дојде од Сион Ослободителот и ќе ја одврати безбожноста од Јаков. И тоа им е ним завет од Мене кога ќе ги одземам нивните гревови.“ Со оглед на Евангелието, тие се непријатели Божји поради вас; но со оглед на изборот, тие се возљубени од Бога заради татковците, зашто даровите и повикот Божји се неотповикливи. Како што и вие некогаш бевте непослушни кон Бога, а сега се здобивте со милост, поради нивната непослушност, така и тие сега станаа непослушни, поради вашето помилување, та и самите да се здобијат со милост. Зашто Бог ги затвори сите со непослушност, па кон сите да покаже милост.
Римјаните 11:11-32 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И така прашувам: да не се сопнаа, за да паднат сосем? Да не биде! Туку преку нивното сопнување им дојде спасение на народите, за да ги поттикнат на ревност. Ако нивното сопнување значи богатство за светот, а нивното отпаѓање богатство за народите, колку повеќе ќе биде нивната полнота! Но ви зборувам вам, народи; бидејќи сум апостол на народите, јас ја прославувам мојата служба, та на некој начин да го поттикнам на ревност својот род и да спасам некои од нив. Зашто, ако нивното отфрлање е помирување за светот, какво ли ќе биде нивното примање, ако не живот од мртвите? Ако се свети првите плодови - и тестото е; ако е коренот свет - и гранките се. Ако се откршени некои гранки, и ти, кој си дива маслинка, си накалемен меѓу нив и си станал соучесник во сочниот корен на маслинката, не фали се пред гранките! Ако се фалиш, знај дека ти не го носиш коренот, туку коренот - тебе! Но ќе речеш: „Гранките се откршени, за да бидам јас прикалемен!“ Добро! Поради неверието се откршија, а ти стоиш преку верата. Не гордеј се, туку бој се! Зашто, ако Бог не ги поштеди природните гранки, не ќе те поштеди ни тебе. И така, гледај ги Божјата благодат и строгост: строгоста се пројавува кон паднатите, а Божјата благодат кон тебе, ако истраеш во благодатта - зашто инаку и ти ќе бидеш отсечен. А и тие, ако не останат во неверието, ќе бидат прикалемени, зашто Бог може пак да ги прикалеми. Зашто, ако си ти отсечен од природната дива маслинка и, против природата - си прикалемен на питомата маслинка, колку полесно ќе бидат прикалемени врз сопствената маслинка оние, кои ѝ се природни. Не сакам, браќа, да ви остане непозната оваа тајна, за да не мудрувате по своја мудрост: еден дел на Израел закораве, додека народите не влезат во полн број. И така, целиот Израел ќе се спаси, како што е напишано: „Избавителот ќе дојде од Сион; ќе ја одврати безбожноста од Јакова. И ова им е Завет од Мене кон нив, кога ќе им ги отстранам гревовите.“ Со оглед на Евангелието, тие се непријатели заради вас, но по изборот возљубени се, заради татковците. Зашто Божјите дарови и Неговиот позив не го познаваат каењето. Како што и вие му бевте некогаш непокорни на Бога, а сега добивте милост поради нивното непокорство, така и тие станаа сега непокорни, заради вашето помилување, за да бидат и тие помилувани. Зашто Бог ги затвори сите во непокорство, за да покаже милост кон сите.