Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПСАЛМИ 77:1-20

ПСАЛМИ 77:1-20 MKB

Викам кон Бога, со мојот глас, мојот глас се издига кон Бога, и Тој ме слуша. Во ден на неволја Го барам Господа, ноќе, мојата рака се испружува неуморно, мојата душа не сака да се утеши. Си спомнувам за Бога и воздивнувам; кога размислувам ми го снемува здивот. Ги држиш моите клепки, потресен сум, не можам да зборувам. Размислувам за древните дни и се сеќавам за минатите години; се сеќавам, ноќе, на мојата песна, размислувам во срцето, и мојот дух испитува: „Дали Господ ќе отфрли засекогаш и дали ќе биде, кога и да е, уште милостив? Дали прекрати Неговата милост засекогаш, пропадна ли Неговото ветување за сите поколенија? Заборави ли Бог да биде благодатен, или гневен ја затвори Својата милост?“ И говорам: „Ова е мојата болка: се измени десницата на Сѐвишниот.“ Си спомнувам за Господовите дела, се сеќавам за Твоите древни чудеса. Ги набљудувам сите Твои дела, го разгледувам она што го направи. О Боже, свет е Твојот пат; кој бог е толку голем како нашиот Бог? Ти си Бог, Кој твориш чудеса, врз народите ја покажа Својата сила. Со мишката го избави Својот народ, Јакововите и Јосифовите синови. Водите Те видоа, Боже, водите Те видоа и се повлекоа, бездните се разбрануваа. Облаците истурија поројни води, облаците зататнија со гром, и Твоите стрели полетаа. Твојот грмеж се заори во виорот, секавиците ја осветлија вселената, земјата се стресе и се разниша. Низ морето Тебе Ти се отвори пат и Твојата патека низ големи води, а Твоите траги никој не ги виде. Ти го водеше Твојот народ, како стадо, со рацете на Мојсеја и на Арона.