Псалми 77:1-20
Псалми 77:1-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Со гласот свој викам кон Бога, со гласот свој кон Бога, за да ме чуе. Во денот на тагата моја Го барам Бога ноќе, со издигнати раце кон Него неуморно; но душата моја не може да се утеши. Го спомнувам Бога и воздивнувам, размислувам и духот мој малаксува. Будни се очите мои, се вознемирив и не можам да говорам. Размислував за дамнешните дни, и се сетив за старите години. Размислував ноќе со срцето свое, а духот мој ме испитуваше; зар Господ засекогаш отфрла и не сака ли повеќе да биде благонаклонет, или засекогаш престанала Неговата милост, и Неговите ветувања се пресекле за сите родови? Зар Господ заборавил на штедроста Своја? Зар во гневот Свој ќе го затвори Своето милосрдие? Па си реков: „Ова е мојата болка: десницата на Севишниот се изменила.“ Ќе си спомнам за делата на Господ; ќе се потсетам на дамнешните чудесни дела; ќе ги разгледувам сите Твои дела и ќе мислам на Твоите моќни дела. Боже, Твојот пат е свет. Кој бог е толку голем, како нашиот Бог!? Ти си Бог, Кој прави чудеса; Ти ја покажа силата Своја меѓу народите; Ти со мишката Своја го избави Твојот народ, синовите на Јаков и на Јосиф. Те видоа, Боже, водите, Те видоа водите и се разбрануваа, и бездните затрепереа. Од облаците се излеа вода, загрмеа небесата зашто стрелите Твои пролетуваа. Татнежот на Твојот гром се разнесуваше низ виорот; светкавици ја осветлуваа вселената; Земјата трепереше и се тресеше. Твојот пат водеше низ морето, Твоите патеки преку моќните води, но Твоите траги не се познаваа. Ти ги водеше како стадо луѓето Твои преку раката на Мојсеј и Арон.
Псалми 77:1-20 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Викам кон Бога, со мојот глас, мојот глас се издига кон Бога, и Тој ме слуша. Во ден на неволја Го барам Господа, ноќе, мојата рака се испружува неуморно, мојата душа не сака да се утеши. Си спомнувам за Бога и воздивнувам; кога размислувам ми го снемува здивот. Ги држиш моите клепки, потресен сум, не можам да зборувам. Размислувам за древните дни и се сеќавам за минатите години; се сеќавам, ноќе, на мојата песна, размислувам во срцето, и мојот дух испитува: „Дали Господ ќе отфрли засекогаш и дали ќе биде, кога и да е, уште милостив? Дали прекрати Неговата милост засекогаш, пропадна ли Неговото ветување за сите поколенија? Заборави ли Бог да биде благодатен, или гневен ја затвори Својата милост?“ И говорам: „Ова е мојата болка: се измени десницата на Сѐвишниот.“ Си спомнувам за Господовите дела, се сеќавам за Твоите древни чудеса. Ги набљудувам сите Твои дела, го разгледувам она што го направи. О Боже, свет е Твојот пат; кој бог е толку голем како нашиот Бог? Ти си Бог, Кој твориш чудеса, врз народите ја покажа Својата сила. Со мишката го избави Својот народ, Јакововите и Јосифовите синови. Водите Те видоа, Боже, водите Те видоа и се повлекоа, бездните се разбрануваа. Облаците истурија поројни води, облаците зататнија со гром, и Твоите стрели полетаа. Твојот грмеж се заори во виорот, секавиците ја осветлија вселената, земјата се стресе и се разниша. Низ морето Тебе Ти се отвори пат и Твојата патека низ големи води, а Твоите траги никој не ги виде. Ти го водеше Твојот народ, како стадо, со рацете на Мојсеја и на Арона.