И откако влезе во коработ, премина и дојде во Својот град. И ете, Му донесоа фатен, кој лежеше на постела. А кога Исус ја виде нивната вера, му рече на фатениот: „Охрабри се, синко. Ти се простуваат твоите гревови.“ И ете, некои од книжниците си рекоа во себеси: „Овој богохулствува.“ А Исус, знаејќи ги нивните мисли, рече: „Зошто мислите зло во вашите срца? Па што е полесно да се рече: ‘Ти се проштаваат гревовите’, или да се рече: ‘Стани и оди?’ Но, за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштава гревови, тогаш му рече на фатениот: „Стани, подигни си ја постелата и оди си дома.“ И стана и си отиде дома. А народот, кога го виде тоа, се исплаши и Го прослави Бога, Кој им даде таква власт на луѓето.
А кога Исус си одеше оттаму виде еден човек, по име Матеј, како седи при митницата, и му рече: „Следи Ме!“ Тој стана и Го следеше. И се случи, откако седна Тој на трпезата во куќата, ете, многу цариници и грешници дојдоа и седнаа со Исуса, и со Неговите ученици. Штом фарисеите го видоа тоа, им рекоа на Неговите ученици: „Зошто вашиот Учител јаде со цариниците и грешниците?“ А Тој, кога го чу тоа, рече: „На здравите не им треба лекар, туку на болните! Но, одете и научете што значи: ‘Милост сакам, а не жртви’; зашто не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание.“
Тогаш Јовановите ученици дојдоа при Него и рекоа: „Зошто ние и фарисеите постиме многу, а Твоите ученици не постат?“ А Исус им рече: „Можат ли сватовите да жалат, додека е младоженецот со нив? Но, ќе дојдат дни кога ќе им се одземе младо-женецот; и тогаш ќе постат. Никој не става крпа од ново сукно на стара облека, зашто крпежот ќе кине од облеката и скинатото станува полошо. Ниту ново вино се налева во стари мевови; инаку мевовите се кинат, виното истечува и мевовите пропаѓаат. Туку ново вино се налева во нови мевови, па се запазуваат и двете заедно.“
Додека им зборуваше за тоа, ете, еден началник на синагогата дојде, падна пред Него ничкум и рече: „Мојата ќерка умре сега; туку дојди и положи ја Својата рака на неа, и таа ќе живее.“ И Исус стана и го следеше, со Своите ученици. И ете, жена, која боледуваше дванаесет години од крварење Му се приближи одназад и се допре до ресите на неговата облека. Зашто си велеше во себеси: „Само ако се допрам до Неговата облека, ќе се излечам.“ А Исус се сврте, ја виде и ѝ рече: „Охрабри се, ќерко. Твојата вера те исцели.“ И жената беше исцелена од тој час. И кога Исус дојде во куќата на началникот, ги виде свирачите и народот како вика, и рече: „Отстранете се, зашто девојчето не е умрено, туку спие.“ И тие Му се потсмевнуваа. Откако го истера народот, влезе и ја фати за рака, и девојчето стана. И гласот за тоа се рашири по сета онаа земја.
И кога Исус си одеше оттаму, двајца слепци Го следеа, викајќи и зборувајќи: „Смилувај ни се, Сине Давидов!“ А кога дојде во куќата, слепците Му пристапија, а Исус им рече: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?“ Му рекоа: „Да, Господи!“ Тогаш ги допре нивните очи, велејќи: „Нека ви биде според вашата вера.“ И очите им се отворија. И Исус им заповеда строго: „Гледајте, никој да не научи за тоа!“ А тие, штом излегоа, Го разгласија по сета онаа земја.
Додека тие излегуваа, ете, Му доведоа човек нем и опфатен од демон. Откако демонот беше изгонет, немиот проговори. И мноштвата восхитени, зборуваа: „Никогаш не се видело вакво нешто во Израел!“ А фарисеите велеа: „Тој ги изгонува демоните преку владетелот на демоните.“
И Исус ги обиколуваше сите градови и села, поучувајќи во нивните синагоги и проповедајќи го Евангелието на царството и исцелувајќи секаква болест и секаква слабост меѓу луѓето. А кога ги виде мноштвата, беше поттикнат со сожалување за нив, зашто беа изморени и распрснати како овци, кои немаат пастир. Тогаш им рече на Своите ученици: „Жетвата навистина е голема, а работници малку, молете Го тогаш Господарот на жетвата да испрати работници во Својата жетва.“