Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 9:1-38

Матеј 9:1-38 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Качувајќи се на бротчето, Исус одново отплови преку езерото и се врати во својот град Кафарнаум. Таму луѓето Му донесоа на носила еден парализиран човек. Кога Исус ја виде нивната вера, му се обрати на парализираниот: „Не плаши се, синко, гревовите ти се простуваат!“ Тогаш, некои вероучители си помислија во себе: „Овој човек е богохулник!“ Исус, пак, проѕирајќи им ги мислите, рече: „Зошто ви доаѓаат такви зли мисли? Што е полесно да се каже: ,Гревовите ти се простуваат‘ или ,Стани и оди!‘? Но ќе ви докажам дека Јас, Синот Човечки, имам власт овде на Земјата да простувам гревови!“ Тогаш му се обрати на парализираниот и му рече: „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“ Човекот стана и оздравен си отиде дома. Кога го виде ова, народот го обзеде страв, па Му оддаде слава на Бога, што им пратил човек со ваква моќ. Заминувајќи си оттаму, Исус виде еден човек, по име Матеј, како седи на тезгата за собирање данок и му рече: „Дојди и биди Мој следбеник!“ Матеј стана и тргна по Него. Подоцна, за време на вечерата во куќата на Матеј, на Исус и на Неговите ученици на трпезата им се придружија голем број наплатувачи на данок и жигосани грешници. Го забележаа тоа некои од фарисеите и им приговорија на Исусовите ученици: „Зошто вашиот учител јаде со наплатувачи на данок и со грешници!?“ Исус ги чу, па им рече: „Не им треба лекар на здравите, туку на болните! Одете и научете се што значи напишаното во Светото Писмо: ,Сакам да покажувате милост, а не да Ми принесувате жртви!‘ Јас не дојдов да ги повикам ,праведниците‘, туку грешниците.“ Еден ден, кај Исус дојдоа учениците на Јован Крстител и Го запрашаа: „Зошто ние и фарисеите често постиме, а Твоите ученици воопшто не постат?“ Исус им одговори: „Зар сватовите треба да тагуваат додека е со нив младоженецот? Но еден ден младоженецот ќе се оттргне од нив; тогаш тие ќе постат.“ „Никој не крпи стара облека со нова крпа, зашто новата крпа ќе се собере и ќе направи уште поголема дупка. Ниту пак некој става ново вино во стари кожни мешини, зашто мешините ќе пукнат и виното ќе истече, а и мешините ќе пропаднат. Затоа, ново вино се става во нови мешини, па така и двете ќе се запазат.“ Додека Исус говореше, еден еврејски началник на синагогата дојде кај Него, клекна на колена и Му рече: „Тукушто ми умре ќерката; дојди и положи ја Својата рака врз неа и таа ќе се поврати во живот!“ Исус стана и тргна по него, заедно со Своите ученици. А една жена, која дванаесет години боледувала од незапирливо крвавење, Му се приближи на Исуса одзади и допре едно крајче од Неговата облека, бидејќи во себе си велеше: „Само да ја допрам Неговата облека и ќе оздравам!“ Исус се сврте, ја погледна и ђ рече: „Не плаши се, ќерко, ти оздраве врз основа на твојата вера.“ Во истиот миг, жената оздраве. Потоа, Исус пристигна во куќата на началникот. Кога ги виде погребните музичари и избезумените луѓе, им рече: „Тргнете се, зашто девојката не е мртва, туку спие!“ А тие Му се подбиваа. Кога луѓето излегоа надвор, Исус влезе, ја фати девојката за рака и таа стана. За ова чудо се разгласи по целиот крај. Кога Исус си заминуваше оттаму, по Него идеа двајца слепи, викајќи на сиот глас: „Смилувај ни се, сине Давидов!“ Кога влезе во куќата, двајцата слепи Му пристапија, а Исус ги запраша: „Верувате ли дека можам да ве излекувам и да прогледате?“ Тие Му одговорија: „Да, Господе!“ Тогаш Тој им ги допре очите и им рече: „Нека ви биде според вашата вера!“ И тие наеднаш прогледаа. А Исус најстрого им забрани никому да не му кажуваат за ова. Но кога тие си заминаа раширија глас за Него по целиот крај. Додека тие си заминуваа, на Исус Му донесоа еден нем човек, кој беше обземен од демонски дух. Штом Исус го ослободи од демонскиот дух, човекот проговори; сите се чудеа и зборуваа: „Вакво нешто досега не сме виделе во Израел!“ А фарисеите, пак, велеа: „Тој изгонува демони затоа што поглаварот на демоните е во Него!“ Исус одеше по сите градови и села и поучуваше по синагогите, ја проповедаше Радосната вест за Божјото царство и исцелуваше луѓе со секакви болести и заболувања. Гледајќи го народот, душата му беше полна со сочувство, бидејќи луѓето беа збунети и беспомошни како овци без пастир. Тогаш им рече на Своите ученици: „Жетвата е голема, а жетвари има малку. Молете Го Господ во Чија надлежност е жетвата, да испрати повеќе жетвари да ја соберат жетвата од Неговата нива.“

Матеј 9:1-38 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш Тој влезе во еден кораб, се врати назад и пристигна во Својот град. И ете, донесоа кај Него еден фатен, положен на постела. Па кога ја виде Исус нивната вера, на фатениот му ре­че: „Не плаши се, чедо! Ти се простува­ат гревовите твои!“ Тогаш некои од книжниците си ре­коа во себе: „Овој богохулствува!“ А Исус ги разбра нивните мисли, и им рече: „Зошто мислите лошо во срцата ваши? Или, што е полесно? Да кажам: ‚Ти се простуваат гревовите твои!‘ или да кажам: ‚Стани и оди!?‘ Но да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштава гре­вови.“ Тогаш му рече на фатениот: „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!“ И тој стана, ја зеде постелата своја и си отиде дома. А народот кога го виде тоа, се восхити и Го прослави Бога, Кој им даде так­ва власт на луѓето. А кога си одеше оттаму, Исус виде еден човек, по име Матеј, како седи во царинарницата и му рече: „Врви по Ме­не!“ И тој стана и тргна по Него. И кога седеше Исус на трпеза дома, одеднаш мнозина цариници и греш­ни­ци дојдоа и седнаа до Него и до учени­ците Негови. Но штом го видоа тоа фарисеите, им рекоа на учениците Негови: „Зошто вашиот Учител јаде и пие со цариници и грешници?“ А Исус, кога го чу тоа, им рече: „Здравите немаат потреба од лекар, ту­ку болните; одете и научете се што значи: ‚Милост сакам, а не жртва‘. Зашто не дојдов да ги повикам праведниците, ту­ку грешниците на покајание.“ Тогаш кај Него дојдоа учениците Јованови и рекоа: „Зошто ние и фарисе­ите постиме многу, а Твоите ученици не постат!?“ А Исус им рече: „Зар можат сватовите да бидат нажалени додека е со нив младоженецот? Но ќе дојде време кога младоженецот ќе се оттргне од нив, па тогаш и тие ќе постат. Никој не крпи стара облека со нова крпа, зашто таа ќе се отшие од старото и отворот ќе биде поголем; ниту, пак, се става ново вино во ста­ри мевови; инаку, мевовите ќе на­пу­к­нат, и виното ќе истече и мевовите ќе пропаднат; туку ново вино се става во нови мевови, па така ќе се запази и ед­ното и другото.“ Додека Тој им говореше за тоа, ете еден началник се приближи до Него, Му се поклонуваше и велеше: „Ќерка ми штотуку умре; туку дојди, положи ја раката Своја над неа и таа ќе оживее.“ И како стана Исус, тргна по него, заедно со учениците Свои; и ете, една жена, која беше стра­да­ла дванаесет години од крвавење, се приближи одзади и се допре до крајот на облеката Негова. Зашто си велеше: „Само ако се до­п­рам до облеката Негова, ќе оздравам.“ А Исус штом се заврти и ја виде, рече: „Не плаши се, ќерко, верата твоја те спаси!“ И оздраве жената во тој час. И кога дојде Исус во куќата на на­чалникот и ги виде свирачите и народот ожалостени, им рече: „Излезете надвор, зашто девојката не е умрена, туку спие.“ А тие Му се потсмеваа. Но штом го истера народот, Тој влезе, ја фати девојката за рака и таа ста­на. И се расчу тоа по целиот тој крај. А кога Исус си одеше оттаму, трг­наа по него двајца слепи и викаа: „Сми­лувај ни се, Исусе, сине Давидов!“ А штом дојде в куќи, слепите се приближија до Него. И Исус им рече: „Верувате ли дека можам да го напра­вам тоа?“ Тие Му рекоа: „Да, Господи!“ Тогаш се допре до очите нивни и рече: „Нека ви биде според верата ва­ша!“ И очите им се отворија; а Исус им заповеда строго: „Гледајте, никој да не дознае!“ А тие, штом излегоа, разгласија за Него по целата таа земја. Додека тие излегуваа, ете, кај Него еден човек нем и бесомачен. По изгонувањето на демонот, не­миот проговори. А народот се чудеше и говореше: „Никогаш такво нешто не станало во Израел.“ А фарисеите велеа: „Тој ги изгонува демоните со силата на начал­ни­кот на демоните.“ И одеше Исус по сите градови и се­ла и поучуваше по нивните синагоги, го проповедаше Евангелието за Царството и лекуваше секаква болест и немоќ во народот. А штом виде многу народ, се со­жа­ли, зашто беа изморени и беспомошни како овци без пастир. Тогаш им рече на Своите ученици: „Жетвата е голема, а работници има малку. Затоа молете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва.“

Матеј 9:1-38 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И откако влезе во коработ, премина и дојде во Својот град. И ете, Му донесоа фатен, кој лежеше на постела. А кога Исус ја виде нивната вера, му рече на фатениот: „Охрабри се, синко. Ти се простуваат твоите гревови.“ И ете, некои од книжниците си рекоа во себеси: „Овој богохулствува.“ А Исус, знаејќи ги нивните мисли, рече: „Зошто мислите зло во вашите срца? Па што е полесно да се рече: ‘Ти се проштаваат гревовите’, или да се рече: ‘Стани и оди?’ Но, за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштава гревови, тогаш му рече на фатениот: „Стани, подигни си ја постелата и оди си дома.“ И стана и си отиде дома. А народот, кога го виде тоа, се исплаши и Го прослави Бога, Кој им даде таква власт на луѓето. А кога Исус си одеше оттаму виде еден човек, по име Матеј, како седи при митницата, и му рече: „Следи Ме!“ Тој стана и Го следеше. И се случи, откако седна Тој на трпезата во куќата, ете, многу цариници и грешници дојдоа и седнаа со Исуса, и со Неговите ученици. Штом фарисеите го видоа тоа, им рекоа на Неговите ученици: „Зошто вашиот Учител јаде со цариниците и грешниците?“ А Тој, кога го чу тоа, рече: „На здравите не им треба лекар, туку на болните! Но, одете и научете што значи: ‘Милост сакам, а не жртви’; зашто не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание.“ Тогаш Јовановите ученици дојдоа при Него и рекоа: „Зошто ние и фарисеите постиме многу, а Твоите ученици не постат?“ А Исус им рече: „Можат ли сватовите да жалат, додека е младоженецот со нив? Но, ќе дојдат дни кога ќе им се одземе младо-женецот; и тогаш ќе постат. Никој не става крпа од ново сукно на стара облека, зашто крпежот ќе кине од облеката и скинатото станува полошо. Ниту ново вино се налева во стари мевови; инаку мевовите се кинат, виното истечува и мевовите пропаѓаат. Туку ново вино се налева во нови мевови, па се запазуваат и двете заедно.“ Додека им зборуваше за тоа, ете, еден началник на синагогата дојде, падна пред Него ничкум и рече: „Мојата ќерка умре сега; туку дојди и положи ја Својата рака на неа, и таа ќе живее.“ И Исус стана и го следеше, со Своите ученици. И ете, жена, која боледуваше дванаесет години од крварење Му се приближи одназад и се допре до ресите на неговата облека. Зашто си велеше во себеси: „Само ако се допрам до Неговата облека, ќе се излечам.“ А Исус се сврте, ја виде и ѝ рече: „Охрабри се, ќерко. Твојата вера те исцели.“ И жената беше исцелена од тој час. И кога Исус дојде во куќата на началникот, ги виде свирачите и народот како вика, и рече: „Отстранете се, зашто девојчето не е умрено, туку спие.“ И тие Му се потсмевнуваа. Откако го истера народот, влезе и ја фати за рака, и девојчето стана. И гласот за тоа се рашири по сета онаа земја. И кога Исус си одеше оттаму, двајца слепци Го следеа, викајќи и зборувајќи: „Смилувај ни се, Сине Давидов!“ А кога дојде во куќата, слепците Му пристапија, а Исус им рече: „Верувате ли дека можам да го направам тоа?“ Му рекоа: „Да, Господи!“ Тогаш ги допре нивните очи, велејќи: „Нека ви биде според вашата вера.“ И очите им се отворија. И Исус им заповеда строго: „Гледајте, никој да не научи за тоа!“ А тие, штом излегоа, Го разгласија по сета онаа земја. Додека тие излегуваа, ете, Му доведоа човек нем и опфатен од демон. Откако демонот беше изгонет, немиот проговори. И мноштвата восхитени, зборуваа: „Никогаш не се видело вакво нешто во Израел!“ А фарисеите велеа: „Тој ги изгонува демоните преку владетелот на демоните.“ И Исус ги обиколуваше сите градови и села, поучувајќи во нивните синагоги и проповедајќи го Евангелието на царството и исцелувајќи секаква болест и секаква слабост меѓу луѓето. А кога ги виде мноштвата, беше поттикнат со сожалување за нив, зашто беа изморени и распрснати како овци, кои немаат пастир. Тогаш им рече на Своите ученици: „Жетвата навистина е голема, а работници малку, молете Го тогаш Господарот на жетвата да испрати работници во Својата жетва.“