Тогаш Духот Го одведе Исуса во пустината, за да биде искушуван од ѓаволот. И откако постеше четириесет дни и четири-есет ноќи, најпосле огладне. Тогаш искушувачот Му пристапи и рече: „Ако си Божји Син, кажи овие камења да станат лебови!“ А Тој одговори и рече: „Напишано е: ‘Човекот не ќе живее само од леб, туку од секој збор, што излегува од устата на Бога’.“ Тогаш ѓаволот го одведе во Светиот Град, Го постави на крилото на Храмот, и Му рече: „Ако си Божји Син, фрли се долу; зашто е напишано: ‘Ќе им заповеда на Своите ангели за Тебе, и ќе Те носат на раце, за да не Си ја удриш ногата на камен.’ Исус му рече: „Напишано е повторно: ‘Не искушувај Го Господа, твојот Бог’!“
Ѓаволот пак Го одведе на многу висока гора и Му ги покажа сите царства на светов и нивната слава, и Му рече: „Ќе Ти го дадам сѐ ова ако паднеш и ми се поклониш.“ Тогаш Исус му рече: „Оди си, сатано, зашто е напишано: ‘На Господа, твојот Бог, ќе Му се по-клонуваш и ќе Му служиш само Нему!’“ Тогаш ѓаволот Го остави и, ете, ангели дојдоа и Му служеа.
А кога чу дека Јован е предаден, се повлече во Галилеја. И откако го напушти Назарет, дојде и се насели во Капернаум, крај морето, во пределите Завулонови и Нефталимови, за да се исполни она што го рече пророкот Исаија: “Земјата Завулонова и земјата Нефталимова, на пат кон морето, од другата страна на Јордан, Галилеја на народите; народот, кој седеше во темнина, виде голема Светлина, и на оние, кои седеа во пределот и сенката на смртта, на нив им изгреа Светлина.“
Оттогаш Исус почна да проповеда и да говори: „Покајте се, зашто царството небесно се приближи!“