Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 4:1-17

Матеј 4:1-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Тогаш Духот го одведе Исуса во пустината, за да биде искушуван од Ѓаволот. Откако таму постеше четириесет дни и четириесет ноќи, Тој изгладне. Тогаш искушувачот му пристапи и Му рече: „Ако си Ти Божјиот Син, нареди им на камењава да се претворат во лебови!“ Но Исус му одговори: „Светото Писмо вели: ,Човекот не живее само од леб, туку и од секој збор што произлегува од Божјата уста!‘“ Тогаш Ѓаволот Го одведе Исуса во светиот град (Ерусалим), Го постави на врвот на храмот и Му рече: „Ако си Ти Божјиот Син, фрли се долу, бидејќи во Светото Писмо пишува: ,Бог ќе им заповеда на Своите ангели да Те чуваат, на своите дланки да Те понесат, за да не ти се препне од камен ногата.‘“ А Исус му одговори: „Но, го пишува и следново: ,Не искушавај Го Господа, твојот Бог!‘“ Уште еднаш Ѓаволот Го искачи на највисоката планина и Му ги покажа сите царства на Земјата со сета нивна слава; и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам Тебе, ако паднеш ничкум и ми се поклониш!“ Но Исус му одговори: „Бегај оттука, Сатано! Светото писмо вели: ,Поклонувај Му се само на Господ, твојот Бог, и само Нему служи Му!‘“ Тогаш Ѓаволот Го остави, а кај Исус дојдоа ангели и Му служеа. Кога Исус разбра дека го уапсиле Јован Крстител, се повлече од Јудеја во Галилеја. Тој се исели од Назарет и се насели во Кафарнаум, покрај Галилејското Езеро, на територијата на потомците на Зевулун и Нафтали. Тогаш се исполни претскажаното од пророкот Исаија, кој рече: „Во земјата на Зевулун и Нафтали, крај морето, отаде реката Јордан, во Галилеја, каде што живеат луѓе кои не Го познаваат Бога, народот кој живее во мрак ќе види големо Светило; светлина ќе ги осветли луѓето што живеат во земјата каде што смртта надвиснува со својата сенка.“ Оттогаш Исус започна да проповеда, зборувајќи: „Покајте се, зашто небесното царство се приближува!“

Матеј 4:1-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш Духот Го одведе Исус во пус­тината за да биде искушуван од ѓаволот. И откако постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне. А кога се приближи до Него, ис­ку­шувачот Му рече: „Ако си Син Божји, заповедај овие камења да станат ле­бо­ви.“ А Тој му одговори и рече: „Напи­ша­но е – ‚Човек не живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога.‘“ Тогаш ѓаволот Го одведе во Светиот град и Го постави на стреата од хра­мот и Му рече: „Ако си Син Божји, скок­ни долу, зашто напишано е: ‚На ан­ге­ли­те Свои ќе им заповеда за Тебе да Те запазат и на раце ќе Те земат за да не Си ја сопнеш ногата од камен.‘“ А Исус му рече: „Напишано е исто така – ‚Не искушувај Го Господ, Твојот Бог.‘“ Потоа ѓаволот Го одведе на многу висока планина и Му ги покажа сите царства на светот и нивната слава и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам, ако паднеш и ми се поклониш.“ Но, Исус му рече: „Бегај од Мене, сатано, зашто е напишано: ‚На Господ, Твојот Бог, да Му се поклонуваш и са­мо Нему да Му служиш!‘“ Тогаш ѓаволот Го остави и веднаш дојдоа ангели и Му служеа. А кога Исус чу дека Јован е пре­да­ден, отиде во Галилеја. И кога го остави Назарет, дојде и се насели во Капернаум, на морскиот брег, во пределите Завулонови и Не­ф­талимови, за да се исполни реченото преку пророкот Исаија, кој вели: „Земјата Завулонова и земјата Нефталимова, на пат кон морето, отаде Јордан, е незнабожечка Галилеја. Народот, што седеше во мрак, виде голема светлина и на оние, што седеа во пределот на смртна сенка, им изгреа светлина.“ Оттогаш Исус почна да проповеда и да говори: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“

Матеј 4:1-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш Духот Го одведе Исуса во пустината, за да биде искушуван од ѓаволот. И откако постеше четириесет дни и четири-есет ноќи, најпосле огладне. Тогаш искушувачот Му пристапи и рече: „Ако си Божји Син, кажи овие камења да станат лебови!“ А Тој одговори и рече: „Напишано е: ‘Човекот не ќе живее само од леб, туку од секој збор, што излегува од устата на Бога’.“ Тогаш ѓаволот го одведе во Светиот Град, Го постави на крилото на Храмот, и Му рече: „Ако си Божји Син, фрли се долу; зашто е напишано: ‘Ќе им заповеда на Своите ангели за Тебе, и ќе Те носат на раце, за да не Си ја удриш ногата на камен.’ Исус му рече: „Напишано е повторно: ‘Не искушувај Го Господа, твојот Бог’!“ Ѓаволот пак Го одведе на многу висока гора и Му ги покажа сите царства на светов и нивната слава, и Му рече: „Ќе Ти го дадам сѐ ова ако паднеш и ми се поклониш.“ Тогаш Исус му рече: „Оди си, сатано, зашто е напишано: ‘На Господа, твојот Бог, ќе Му се по-клонуваш и ќе Му служиш само Нему!’“ Тогаш ѓаволот Го остави и, ете, ангели дојдоа и Му служеа. А кога чу дека Јован е предаден, се повлече во Галилеја. И откако го напушти Назарет, дојде и се насели во Капернаум, крај морето, во пределите Завулонови и Нефталимови, за да се исполни она што го рече пророкот Исаија: “Земјата Завулонова и земјата Нефталимова, на пат кон морето, од другата страна на Јордан, Галилеја на народите; народот, кој седеше во темнина, виде голема Светлина, и на оние, кои седеа во пределот и сенката на смртта, на нив им изгреа Светлина.“ Оттогаш Исус почна да проповеда и да говори: „Покајте се, зашто царството небесно се приближи!“