Лого на YouVersion
Икона за пребарување

МАТЕЈ 13:1-17

МАТЕЈ 13:1-17 MKB

Во оној ден Исус излезе од куќата и седна покрај морето. И големи мноштва се собраа до Него, така што Тој влезе во кораб и седна, а сето мноштво стоеше на брегот. И им говореше многу во параболи, велејќи: „Ете, сејач излезе да сее, и кога сееше, некои зрна паднаа покрај патот, и птици дојдоа и ги исколваа. Други паднаа на каменити места, каде немаше многу земја, и набргу никна, зашто немаше длабока земја. А кога изгреа сонцето, изгореа, и бидејќи немаа корен, се исушија. Други паднаа меѓу трње, и трњето израсна и ги загуши. Други паднаа на добра земја и дадоа плод: едното сто, другото шеесет, а другото триесет. Кој има уши да слуша, нека слуша!“ И учениците Му се приближија и Му рекоа: „Зошто им зборуваш во параболи?“ А Тој им одговори и рече: „Затоа што вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството небесно, а ним не им е дадено. Зашто кој има, ќе му се даде и ќе има изобилие; а кој нема, ќе му се одзеде и она, што го има. Затоа им зборувам во параболи, зашто гледаат и не видуваат, слушаат и не чујат, ниту разбираат. И врз нив се исполнува пророштвото на Исаија, кое вели: ‘Со уши ќе слушате и нема да разбирате; со очите ќе гледате и нема да видите. Зашто срцето на овој народ отапело; и со ушите тешко слушаат, и ги затворија своите очи; за да не гледаат со очите, или да слушаат со ушите, и да разберат со срцето и да се обратат, и Јас да ги исцелам.’ А вашите очи се блажени, зашто гледаат; и вашите уши зашто слушаат. Зашто вистина ви велам, дека мнозина пророци и праведници посакуваа да видат што гледате вие, и не видоа, и да чујат што слушате вие, и не чуја.“